Достапни линкови

Словенија ќе го турка португалскиот предлог за македонско - бугарскиот спор


Премиерот Зоран Заев во посета на Брисел.
Премиерот Зоран Заев во посета на Брисел.

Словенечкото претседателство со ЕУ ќе се обиде да изнајде решение за отворените прашања меѓу Бугарија и С.Македонија по изборите во соседната земја. Словенечкиот амбасадор во Скопје, Предан вели дека португалскиот предлог е добар и заедно со патоказот има две основи за постигнување договор.

Откако португалското претседателство за време на својот мандат не успеа да ги реши отворените прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија сега сите надежи се вперени во Словенија која од 1 јули го презеде кормилото на ЕУ. Словенија го наследи и португалскиот предлог кој не е достапен за јавноста.

Македонските евроинтеграции, како што е познато, останаа и натаму блокирани откако Бугарија не даде „зелено светло“ за почеток на преговорите на состанокот на Советот за општи работи во Луксембург минатиот месец.

Португалскиот предлог е добар и балансиран предлог кој се грижи за интересите на двете страни, вели словенечкиот амбасадор во Скопје, Милан Предан во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе се емитува в недела. Според него, словенечкото претседателство е задоволно што го имаат предлогот, како и патоказот, бидејќи тоа се најмалку две основи за постигнување договор. Но, најважната работа, како што вели Предан, е да се најде политичка волја за договор.

„Сега треба да чекаме како ќе се развиваат изборите во недела во соседната земја. Нашата надеж е дека резултатите ќе бидат такви дека формирање на силна влада ќе биде можно. Се надеваме дека ќе се случи во наредниот месец и пол. Добрите околности се дека временската рамка за формирање на бугарската влада се прилично кратки и ако резултатот го овозможи тоа ќе имаме влада за време на летото и тогаш ќе имаме некој со кој ќе разговараме. Но, ние не чекаме само на тоа, туку сме активни. Така што немаме намера само да чекаме да се формира нова влада. Знаеме дека треба да го подготвиме тлото за компромис во наредниот да речеме месец и пол. Не сакаме да чекаме до декември“, вели Предан.

На крајот на декември завршува словенечкото претседателство со ЕУ. Бугарија смета дека не се исполнува Договорот за пријателство кој беше потпишан во 2017 година со забелешки поврзани со историјата, а со тоа дека не се исполнети нивните барања за преговарачката рамка меѓу Македонија и ЕУ и не се исполнети условите за одржување на првата меѓувладина конференција.

Португалскиот предлог во Софија и Скопје го доставија еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва. Бугарија пролетва одржа избори, па официјални контакти за наоѓање решение меѓу двете земји беа речиси замрзнати. Сега соседната земја ја води службена влада, поради изборните резултати по кои не можеше да се формира политичка влада, а нови избори се закажани за во недела.

Дали ќе се искористи периодот после изборите во Бугарија за приближување на ставовите, според директорката на Институтот за за европска политика, Симонида Кацарска е неизвесно. Воедно во Бугарија наесен ќе се одржат и претседателски избори поради што се одложува периодот во кој ќе се решаваат отворените прашања. Според неа, бугарските позиции се екстремни и со нив тешко ќе се изнајде заеднички јазик во однос на тоа како би можело да се продолжи напред.

„Прашање е дали во догледно време ќе има политичко водство во Бугарија кое што ќе биде подготвено во одредена мера да отстапи од тие позиции. Нивното инсистирање историските прашања пред се да влезат во преговарачката рамка не е прифатено ни од нас, меѓутоа не е прифатливо ни за дел од земјите членки. Така што во тој контекст мислам дека и ние треба да го моделираме својот пристап кон ова прашање дека не сме само ние на едната страна, туку дека има и голем број на земји членки кои ценат дека ова прашање не треба да влезе во преговарачката рамка“, смета Кацарска.

Бугарскиот технички министер за надворешни работи Светлан Стоев порача дека македонските власти треба да ги убедат не само европските партнери, туку и неговата земја дека имаат желба за билатерално решавање на проблемите.

„Бугарската страна работи на две линии- билатералниот дијалог и давање гаранции во рамките на преговорите од страна на земјите-членки на ЕУ дека договорите потпишани од РСМ, вклучително и со Бугарија, ќе бидат имплементирани во иднина“, изјави Стоев.

Според него, Бугарија поставила многу јасно какви услови мора да бидат исполнети и кога тие ќе бидат исполнети, средината за понатамошен дијалог ќе биде сосема поинаква.

Техничкиот премиер на Бугарија, Стефан Јанев по неодамнешната средба во Софија со словенечкиот амбасадор во Бугарија, Анжеј Франгеш ја посочил неопходноста од поефикасен дијалог и реална волја за решавање на прашањата меѓу Северна Македонија и Бугарија. Акцентот на средбата, според соопштението, бил ставен врз барањето да бидат исполнети ангажманите во билатералниот договор. Бугарската владина прес-служба информираше дека било истакнато и дека европските партнери на Бугарија заземаат страна, толерирајќи ја Северна Македонија и обвинувајќи ја Бугарија, како што е посочено, без реални аргументирани основи.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG