Достапни линкови

Пендаровски и Димитров- несреќна и погрешна изјава на Закаријаш за македонскиот јазик


Архивска фотографија- вицепремиеро Никола Димитров и претседателот Стево Пендаровски

Македонската влада добила уверување дека изјавата на португалската министерка за Европа не го отсликува ставот на Лисабон, рече вицепремиерот Димитров ден по изјавата на политичарката за македонскиот јазик. Претседателот Пендаровски изјавата ја оцени како погрешна.

Вицепремиерот Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи контактирале со португалското претседателство со Европската унија и укажале на несоодветноста на изјавата на државната секретарка за европски прашања на Португалија Ана Паула Закаријаш која рече дека „северномакедонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот јазик“. Ова го кажа вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров, кој додаде дека од португалските политичари добиле поинакви уверувања.

„Добивме уверување дека изјавата апсолутно не го отсликува ставот на Лисабон кој што останува на линија на португалскиот предлог и беше изразено жалење“, рече Димитров.

Реакција стигна и од Загреб, каде што македонскиот претседател Стево Пендаровски престојува во официјална посета. Тој рече дека полоши од историчари кои се бават со политика, се политичари кои се обидуваат да толкуваат историски епохи.

„Јас навистина искрено жалам поради длабоко погрешната изјава на португалската министерка која во суштина ги поткопа сите напори кој ги направи нејзиниот колега од истата влада, Аугусто Сантош Силва со месеци наназад за на крајот тоа шестмесечно претседателство да излезе со еден одличен балансиран предлог кој водеше сметка за виталните национални интереси. Добрата вест е што португалското претседателство заврши“, рече Пендаровски.

Неговиот домаќин, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ направи аналогија со босанскиот и со црногорскиот јазик, кои како што рече, не им паѓа напамет да ги оспорат.

„Таа изјава од една министерка е пред се резултат на незнаење и невнимателност. Јас не сакам да бидам невнимателен и со своите изјави да и наштетам на Македонија“, рече Милановиќ.

Што има во португалскиот предлог?

Изјавата на Закаријаш, чија земја до први јули претседава со Европската унија предизвика бура во јавноста. Дека таа рекла дека „северномакедонскиот некогаш бил дел од бугарскиот јазик“, што е и позиција на официјална Софија, прво пренесоа бугарски медиуми, а потоа објавија и аудио снимка на која што се слуша таква формулација.

Заев: Прво проверка на автентичноста на изјавата, а потоа реакција

Ставот на македонската влада, кој го пренесе Димитров е дека нејзината изјава е целосно спротивна од португалскиот предлог за решавање на прашањето кој пред еден месец го достави до Македонија и Бугарија, дека таа не помага во процесот на градење доверба и заедничко разбирање и е дадена е во многу сензитивен контекст и момент. Како што е познато, Бугарија го блокира почетокот на преговорите меѓу ЕУ и Северна Македонија поради разлики околу историјата, јазикот и идентитетот на Македонците.

Сепак, во португалскиот предлог се споменува и македонскиот јазик, кој Бугарија го спори, но се споменува на поинаков начин од изјавата на Закаријаш која Димитров ја оцени како „прилично несреќна“.

„Португалскиот предлог се потпира на предлог преговарачката рамка што ја предложи Европската комисија, параграфот околу македонскиот јазик, да остане таков каков што е, со чиста формулација, македонски јазик и предвидува унилатерална изјава на Бугарија во однос на нивната позиција. Значи, пристапот на португалскиот предлог во однос на македонскиот јазик е дека е македонскиот јазик за ЕУ, со унилатерална изјава за бугарскиот став од страна на Бугарија“, рече Димитров.

Што кажала Закаријаш, a што демантира амбасадорката?

Изјавата на државната секретарка за европски прашања на Португалија прво се појави на Бугарското национално радио. Потоа, откако македонскиот премиер Заев рече дека откако Министерството за надворешни работи ќе ја провери автентичноста на изјавата ќе имаат реакција бугарската агенција БГНЕС објави аудио снимка која наведува дека е од Закаријаш, а на која се слуша како меѓудругото вели дека “северномакедонскиот јазик порано бил дел од бугарскиот јазик“.

„Ова е многу тешка дебата, особено за Бугарија. Таа е поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји, како и со идната соработка. Во моментов, тие работат на нешто што се нарекува патоказ, што ќе им помогне да соработуваат и Бугарија ќе добие гаранции дека кога Северна Македонија ќе влезе во ЕУ работите ќе се одвиваат непречено. Северна Македонија помина низ тешки преговори со Грција – сетете се дека земјата си го смени името. Но, тоа е многу тешко, бидејќи е исто така поврзано со Бугарија како култура и јазик. Очигледно е поврзано со јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на обете земји. Во Бугарија ќе има нови избори на 11 јули и мислам дека бугарските власти ги чекаат резултатите пред да одлучат како да постапат“, е целосната изјава на Закаријаш што ја пренесоа бугарските медиуми.

Потоа се јави португалската амбасадорка во земјава Марија Виржинија Мендес да Силва Пина која рече дека Португалија никогаш не би го загрозила процесот на изнаоѓање решение во спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија и дека напротив, постојано се обидуваат да го олеснат. Таа во изјава за Дојче Веле нагласува дека Закаријаш рекла оти „има политички момент кој ги отежнува работите во Бугарија и дека има сензитивни прашања поврзани со идентитетот, историјата и бугарскиот и македонскиот јазик“.

Која е Закаријаш- политичарка со 38 годишно дипломатско искуство

Инаку, биографијата на државната секретарка за европски прашања на Португалија е богата. Таа завршила културна антропологија во Лисабон и работела на факултетот до 1985 година. Во дипломатските води влегла во 1983 година, а како кариерен дипломат потоа била во мисии во Соединетите Американски Држави, во мисијата во УНЕСКО во Париз, била амбасадорка во Естонија, а и евроамбасадорка во делегациите на ЕУ во мисиите во Бразил, Колумбија и Еквадор.

Бугарија ја блокираше македонската европската интеграција лани со забелешки дека не се исполнува Договорот за пријателство кој беше потпишан во 2017 година. Бугарските забелешки главно се поврзани со историски прашања. Источниот сосед пролетва одржа избори па официјални контакти за наоѓање решение меѓу двете земји беа речиси замрзнати поради предизборниот период. Минатиот месец релациите ги помрдна португалскиот предлог кој го доставија еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва врз чија основа се правеше обид да се дојде до решение со кое ќе се деблокираат македонските европски интеграции.

На 17 јуни македонска делегација предводена од премиерот Заев отпатува во Софија каде што на бугарските власти им достави конкретен патоказ за спроведување на договорот кој бугарските власти ветија дека ќе го разгледаат. Но, на самитот на ЕУ останаа на одлуката за блокада, а потоа нивното МНР објави дека бара Скопје да ги спроведе петте точки кои ги предложило- да потврди пред ОН дека краткото и долгото име на земјата се однесуваат само на политичкиот субјект „Република Северна Македонија, да ги повлече своите малцински побарувања кон Бугарија, да започне процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, репресирани поради нивната бугарска самосвест, да ја прилагоди со Бугарија содржината на наставни програми и да ги отстрани таблите и натписите на територијата кои шират омраза кон Бугарија и Бугарите.

Во тие пет точки македонскиот јазик не се споменува. За него, пак, сите македонски официјални преставници тврдат дека не преговараат со Бугарија. Од први јули шестмесечното претседателство со ЕУ го презема Словенија, па македонските надежи за деблокада на европскиот пат се свртени кон официјална Љубљана.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG