Достапни линкови

Македонските национални атрибути под удар на Софија


Софија- Македонскиот премиер Зоран Заев и бугарскиот претседател Румен Радев,17.06.2021

Месеци откако Бугарија го сопре македонскиот напредок кон Европската унија тамошните политичари тврдат дека не го оспоруваат македонскиот јазик и идентитет, а македонската страна тврди дека го брани па за јазикот и идентитетот не се преговара. Зошто се овие разлики?

Втора официјална блокада на преговарачката рамка и меѓувладината конференција со ЕУ испорача официјална Софија на сметката на македонските европски интеграции. Бугарскиот претседател Румен Радев на колегите од Европската унија им кажа дека нема да го поддржат почетокот на преговорите „пред да се убедени дека соседот нема да го гради својот идентитет врз кражбата на бугарската историја“.

Ваквите спомнувања на историјата во контекст на сегашниот идентитет се чести од бугарските политичари, но чести се и нивните тврдења дека не го оспоруваат идентитетот на македонските граѓани.

"Време е владата на Република Северна Македонија да се откаже од манипулативната теза дека Бугарија го оспорува правото на самоопределување и идентитетот на граѓаните на Република Северна Македонија”, соопштуваше бугарското министерството за надворешни работи повеќепати.

Како е можно ова и што подразбира Бугарија во сопственото тврдење дека не го оспорува македонскиот јазик и идентитет?

Министерот за надворешни работи Бујар Османи чие министерството ги води разговорите со Бугарија на ниво на работни групи вели дека соседната земја го спори македонскиот јазик и во актуелните случувања во Европската унија поврзани со напредокот на Македонија во интеграцијата. Како пример Османи вели дека во преговарачката рамка за земјава со Европската унија има реченица со, како што додава, техничко значење во која што стои дека европското законодавство ќе се преведе на македонски јазик.
Во тој дел, вели Османи, Бугарија веќе се изјаснила дека треба да се користи формулацијата од Договорот за добрососедство од 2017 година во кој што стои македонски јазик според Уставот.

„Со барањето да се дефинира согласно јазичната клаузула од Договорот од 2017 година очигледно е дека се редефинира и сегашното дефинирање на јазикот “, вели Османи во неделното интервју за Радио Слободна Европа кое в целост ќе го емитуваме в недела.

Тој на прашањето дали ако земјава условно ги „признае“ бугарските тези дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот, а дека корените на македонската нација пред 1944 година се бугарски тоа ќе се одрази врз сегашниот идентитет, одговора со „сигурно и затоа нема билатерални разговори за јазикот“.

„Но, ако има еден позитивен колатерален ефект од оваа блокада е дека граѓаните се сплотија во солидаризирање во случајот кон македонскиот народ бидејќи на некој начин под директен атак се неговите национални атрибути и тука се покажа вистинската слика на Република Северна Македонија за која што треба да се гордееме“, вели Османи.

Симонида Кацарска од Центарот за европски политики ЕПИ, пак ,вели дека Бугарија инсистира на некои работи да се решат сега затоа што влијаението на Софија врз процесот како земја членка е најголемо во оваа фаза, пред усвојувањето на преговарачката рамка. Таа смета дека позициите на Бугарија за некои прашања се екстремни и доста максималистички.

„Прашање е дали во догледно време ќе има политичко водство во Бугарија кое што ќе биде подготвено во одредена мера да отстапи од тие позиции. Нивното инсистирање историските прашања пред се да влезат во преговарачката рамка не е прифатено ни од нас, меѓутоа не е прифатливо ни за дел од земјите членки“, вели Кацарска.

Бугарија одлучи да ја блокира земјава лани, со тврдење дека не се исполнува Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година, а со забелешки поврзани со историјата. Тогаш со унијата престедаваше Германија чиј министер за Европа Михаил Рот беше ангажиран во наоѓањето решение. Потоа претседавањето го презема Португалија. Минатиот месец еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва во Скопје и Софија доставија предлог врз чија основа се правеше обид да се дојде до решение со кое ќе се деблокираат македонските европски интеграции, но и тие останаа безуспешни. Од први јули претседателството со Унијата го презема Словенија, а кон Љубљана ќе бидат насочени очекувањата за интензивирање на процесот на разговори.

Во меѓувреме, Бугарија повторно влегува во предизборен период за изборите што треба да се одржат на 11 јули. Претходните не донесоа јасен резултат за формирање влада, па земјата сега ја води таканаречена службена влада.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG