Достапни линкови

Една третина од младите на Балканот одлучуваат да си заминат


Младинскиот форум „Гласот на младите дома го обединува регионот“.

Невработеноста на младите од Бaлканот е една од причините која доведува до миграција. Околу 33 проценти од младите, на возраст од 23 до 33 години, решаваат да заминат од својата земја, покажуваат податоци од истражувањето на Балкански барометар за 2021 година.

Невработеноста и миграцијата се најголемите проблеми на младите од Балканот беше кажано на младинскиот форум „Гласот на младите дома го обединува регионот“ на меѓународната конференција „Преспа форум дијалог“ што се одржа на почетокот на месецот во Отешево. На форумот беа изнесени податоци од истражувањето на Балкански барометар за 2021 година.

„Најголемиот проблем што го споделуваат младите денес е 62 проценти невработеноста кај оваа популација. Тоа значи недостаток на услови за работа, недоволно програмски активности, можности за отворање на бизниси, ниско образование и многу мало учество во процесите на донесување на одлуки. И одреден процент од младите веруваат дека со регионалниот пристап ќе се придонесе кон решавање на проблемите на младите во регионот“, рече Зоран Попов, државен секретар во Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.


Невработеноста беше истакната како една од причините која доведува до миграција.

„Заминувањето на млади мозоци во странство придонесува за намалување на вредноста на Балканот. Многу млади во земјите на Западен Балкан размислуваат за заминување во странство. Од околу 80 милиони жители на Балканот има околу 33 проценти од младите кои решаваат да заминат од својата земја, а се на возраст од 23 до 33 години. Во Македонија, пак, околу 270 000 размислуваат да заминат. Не смееме да дозволиме толку млади да си одат, мора да најдеме начини да ги задржиме тука“, рече Попов.

Излезот од проблемите се гледа во квалитетно образование, економски развој и соработката на младите од регионот, како и негова интеграција во Европската унија.

„Нас ни се потребни структурни измени, почитување на правото и нови бизниси кои ќе ги натераат младите да останат тука. Би учествувале активно во креирање на политиките за да останат во земјата. Сите тие се поврзани со економскиот развој, слобода во движење, образование, донесување одлуки“, рече Попов.

„Подобро општество за нашите млади луѓе зашто ова не се политички проблеми, туку заеднички географски предизвик на цел регион“, рече Методија Стојчески, претставник на младите на форумот.

За Албанија беше кажано, меѓудругото, дека 45 проценти од младите сакаат да заминат.

Министерката за образование од Албанија, Евис Куши, напомена дека најдобрите студенти добиваат работа во јавната администрација, а имаат и неформално образование за европските вредности.

Министерката за млади на Косово, Даулина Османи, нагласи дека без разлика од која земја доаѓаат важно е да се слушне гласот на младите.

Мила Царовска, министер за образование во Северна Македонија истакна дека младите преку градење пријателства го придвижуваат Западен Балкан кон Европа.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG