Достапни линкови

Вести

Времето претпладне променливо со дожд, попладне разведрување

Времето денеска во утринските и претпладневните часови ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд. Попладне облачноста ќе се намали.

Ќе дува слаб до умерен, а повремено и засилен ветер, во западните делови од западен, а во останатите од северозападен правец.

Максималната дневна температура ќе се движи од 14 степени во Маврово до 28 во Гевгелија.

види ги сите денешни вести

Итен состанок на Советот за безбедност за Судан

илустрација

Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) за денеска закажа итен состанок поради воениот удар во Судан.

Дипломатски извори доцна синоќа соопштија дека консултации побарале Соединетите Држави, Велика Британија, Франција, Ирска, Норвешка и Естонија.

Суданската армија вчера ја презеде власта во земјата, го уапси премиерот и неколку министри и ја распушти преодната влада.

Илјадници излегоа на улиците за да протестираат против пучот, кој се заканува да го загрози кревкиот напредок на земјата кон демократијата. Демонстрантите цела ноќ ја поминаа на улица барајќи враќање на цивилните власти.

„Граѓанската власт е избор на народот“ и „Не на воената власт“, извикуваа додека поставуваа гумени барикади.

Протестите продолжија и покрај пукотниците и военото насилство врз демонстрантите, во кои загинаа неколку луѓе, а над 80 беа повредени.

Расте бројот на ковид заразени, во моментот активни 6100 случаи

илустрација

Бројот на заразени со коронавирус изнесува 6.187 лица и бележи зголемување во однос на претходната недела. На 20 октомври имало околу 5700 активни случаи, а вчера беа регистрирани околу 6.200.

Вчера беа регистрирани и 11 починати лица, како и 330 оздравени пациенти. Досега во земјата се направени вкупно 1.366.002 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 199.901, бројот на оздравени пациенти е 186.652, на починати е 7.062

Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје се половината од активните случаи или 3190. Следи Куманово со 446 активни, Велес – 309, Прилеп – 245, Битола – 201. Државните здравствени институции продолжуваат со вакцинација на населението против Ковид-19. Во државата се вакцинирани над 800 000 граѓани. Воедно, над пет илјади граѓани примиле трета анти ковид доза на вакцината.

Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во земјава е вакцинирана, а 35 проценти од жителите примиле две дози вакцина.

Претседателот Бајден ќе учествува на самитот АСЕАН-САД

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе присуствува на состанокот со Асоцијацијата на државите од Југоисточна Азија (АСЕАН). Бајден ќе ја предводи делегацијата на САД на виртуелниот што ќе се одржи како дел од состанокот на лидерите на АСЕАН оваа недела. Ова е првпат по четири години Вашингтон да се вклучи на највисоко ниво со блокот што го смета за клучен за својата стратегија против Кина. Аналитичарите велат дека средбата на Бајден со блокот од 10 нации ги одразува напорите на неговата администрација да ги ангажира сојузниците и партнерите во колективните напори против Кина.

Бајден: САД ќе го бранат Тајван

Тие очекуваат Бајден да се фокусира врз соработката за дистрибуција на вакцини против ковид-19, климатските промени, синџирите на снабдување и инфраструктурата. Тој, исто така, се очекува да го увери АСЕАН дека неодамнешниот фокус на САД врз ангажманот со Индија, Јапонија и Австралија во таканаречениот формат Quad и договорот за снабдување на Австралија со подморници на нуклеарен погон не се наменети да ја заменат централната улога на АСЕАН во регионот.

Макрон е за поголема улога на ЕУ во Индо-пацифичкиот регион

Претходно, Малезија и Индонезија изразија загриженост дека австралиските подморници на нуклеарен погон би можеле да го зголемат ривалството меѓу големите сили во Југоисточна Азија. САД, Британија и Австралија во септември објавија дека формирале безбедносен сојуз кој вклучува помош во изградбата на подморници на нуклеарен погон во Австралија. Според договорот, Австралија ќе изгради најмалку осум подморници на нуклеарен погон, користејќи американска технологија. Експертите велат дека нуклеарните подморници ќе и овозможат на Австралија да спроведува подолги патроли, што ќе значи посилно воено присуство на Алијансата во регионот.

Иран и ЕУ ќе разговараат за иранското нуклеарно прашање

Главниот преговарач на ЕУ Енрике Мора и политичкиот заменик во Министерството за надворешни работи на Иран Али Багери

Иранскиот министер задолжен за нуклеарни прашања Али Багери оваа недела во Брисел ќе се сретне со европскиот преговарач Енрике Мора за да разговараат за продолжувањето на иранските нуклеарни преговори, изјави портпаролот на шефот на европската дипломатија Петер Стано. Тој, сепак, додаде дека не е планирана средба со високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел, кој ги координира преговорите за нуклеарниот договор меѓу големите сили и Иран во 2015 година. ЕУ врши притисок врз Иранците да ги продолжат преговорите започнати во Виена за спасување на нуклеарниот договор од 2015. Преговорите беа прекинати од јуни, кога беше избран новиот ирански претседател.

Координаторот на ЕУ за нуклеарни преговори во посета на Иран

Али Багери на својот Твитер профил објави дека в среда ќе се сретне со координаторот на иранскиот договор во Брисел со цел продолжување на преговорите. Борел, кому му беше кажано дека иранскиот преговарач сака да се сретне со него, рече дека е подготвен да го прими, но не и да преговара. Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека е подготвен да ја врати Америка на договорот од кој неговиот претходник Доналд Трамп се повлече во 2018 година, под услов Иран, паралелно, повторно да почне да ги почитува обврските од тој договор. Договорот беше потпишан во 2015 година од САД, Британија, Кина, Русија, Франција и Германија и понуди укинување на дел од меѓународните санкции во замена за драстично намалување на иранската нуклеарна програма, која беше ставена под строга контрола на ОН.

Израел: ефикасноста на вакцината Фајзер е 90 проценти

Потврдена е ефикасноста на вакцината Фазер против видот делта

Вакцината на Фајзер/Бионтек против ковид-19 е исклучително ефикасна во спречувањето на инфекции кај младите луѓе на возраст од 12 до 18 години, според новата израелска студија објавена во Медицинскиот журнал Нова Англија. Ефикасноста на вакцината во спречувањето на нови случаи на инфекција кај адолесцентите се покажа дека е 90 проценти и 93 проценти во спречувањето на ширење на симптоматска инфекција седум до 21 ден по втората доза. Во истражувањето спроведено од здравствената служба Клалит биле опфатени 185.000 лица, односно споредени се 94.000 вакцинирани млади со исто толку неимунизирани.

Се зголемува интересот за трета доза, вчера вакцинирани 4720 луѓе

Во Романија и Бугарија расте трговијата со лажни сертификати за вакцини

Потврдена е и ефикасноста на вакцината Фазер против видот делта, бидејќи студијата била спроведена од јуни до септември оваа година во време кога тој вид бил најдоминантен во Израел. Иако е докажана ефикасноста на вакцината во спречување на симптоматски случаи на ковид-19, нема доволно податоци за да се утврди ефикасноста на вакцината во спречување на хоспитализација за оваа болест кај младите луѓе. Израел беше една од првите земји што започна широка кампања за вакцинација против ковид-19 во декември минатата година. Оттогаш, повеќе од 15,8 милиони дози се примени од 5,71 милиони луѓе. Денес, 62 проценти од населението во Израел е целосно вакцинирано.

Словенечката полиција ги истражува заканите кон премиерот Јанша и други политичари

словенечкиот премиер Јанез Јанша

Словенечката полиција денеска потврди дека истражува поштенски пратки во кои им се заканувале смрт на високи државни функционери и на заштитени лица. Полицијата била известена за пет пратки со слична содржина, со непосредни смртни закани, и во секоја имало по еден куршум за пушка, изјави Стојан Белшак од Секторот за криминалистичка полиција во Љубљана. Тој додаде дека истрагата се уште е во почетна фаза на прибирање информации кои треба да доведат до сторителот, а за други детали не може да зборува поради интересот на истрагата.

Јанша: Пред проширувањето да се решат односите меѓу Македонија и Бугарија и Србија и Косово

Во неделата медиумите објавија дека премиерот Јанез Јанша и министерот за одбрана Матеја Тонин на своите домашни адреси примиле пратки со смртна закана, што подоцна и официјално беше потврдено. Покрај премиерот и министерот, пратки со иста заканувачка содржина добиле и две пратенички групи и еден пратеник, наводно претседателот на Словенечката национална партија Змаго Јелинчиќ, објавија вчера словенечките медиуми. Претставниците на повеќе партии остро ги осудија како недозволиви сите форми на закани и насилство, а претседателот на Собранието Игор Зорчиќ ги повика сите политичари да бидат толерантни и умерени во комуникацијата.

Ердоган се откажа од протерување на 10 западни амбасадори

турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Западните амбасадори во Турција се „повлекоа“ и ќе бидат „повнимателни во иднина“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и се откажа од протерувањето на 10 дипломати на кои им се закануваше поради нивната поддршка на затворениот филантроп Осман Кавала. „Нашата намера не беше да предизвикаме криза, туку да ги заштитиме суверените права на Турција“, рече Ердоган.

Ердоган се закани со протерување на амбасадорите од западните земји


Десет амбасадори од САД, Канада, Франција, Финска, Данска, Германија, Холандија, Нов Зеланд, Норвешка и Шведска во заедничка изјава на 18 октомври повикаа на „брзо и правично решение“ за Осман Кавала, кој е во затвор од 2017 година. Ердоган ова го протолкува како „напад“ и „навреда“ за турското правосудство, додавајќи дека турските судови не примаат наредби од никого.

Финска ја осуди одлуката на Турција да протера амбасадори на десет земји

„Нивната нова изјава покажува дека тие се повлекле“, рече Ердоган откако 10 земји потврдија во изјавите дека постапуваат „во согласност со членот 41 од Виенската конвенција“ кој ги регулира дипломатските односи и забранува какво било мешање во внатрешните работи на земјата домаќин. Ердоган во саботата објави дека наредил што поскоро протерување на тие 10 дипломати, иако таа објава не беше придружена со официјално известување испратено до дадените земји.

Стејт департмент: Заканите кон институциите на БиХ против интересите на граѓаните на земјата

американскиот специјален пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар

Американскиот Стејт департмент објави дека заканите кон институциите на Босна и Херцеговина се насочени против интересите на граѓаните на таа земја. „Заканите кон институциите на државно ниво ги делат граѓаните на БиХ и ги лишуваат од попросперитетна и стабилна европска иднина“, беше објавено на официјалниот Твитер профил на Канцеларијата на Стејт департментот за Европа и Азија. Советот на министри на БиХ соопшти дека претседавачот со таа институција Зоран Тегелтија телефонски разговарал со американскиот специјален пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар.

Пораки за мир и стравот од нова војна во БиХ

САД и ЕУ сериозно загрижени за „реториката на поделби“ во Босна и Херцеговина

Се наведува дека Тегелтија го информирал Ескобар за актуелните политички и економски околности во Босна и Херцеговина, изразувајќи жалење што Европската унија не покажува интерес за приклучување кон земјите од Западен Балкан. Зборувајќи за внатрешните односи во Босна и Херцеговина, тој оценил дека почитувањето на уставните надлежности на сите нивоа на власт и Дејтонскиот мировен договор е единственото решение за непречено функционирање на Босна и Херцеговина. Минатата недела, Ескобар, кој наскоро треба да ја посети БиХ, телефонски разговарал и со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ.

Времето денеска: претежно сончево

Наутро студено, на повеќе места со негативни температури и со услови за слаба утринска магла по одделни котлини. Во текот на денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Дневната температура ќе биде од 10 до 17 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 14 степени.

Заев најави дека и ако го изгубат Скопје владата ќе ја предводи СДСМ

Прес-конференција на Зоран Заев по гласањето во првиот круг од Локалните избори 2021

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев вечерва во гостување на телевизија Сител рече дека пораката која ја даде по првиот круг од локалните избори, дека ако го изгубат Скопје во вториот круг тој не може да ја води владата, е пред се во насока на мобилизација на гласачкото тело. Но, тој нагласи дека влада предводена од него ако се изгуби главниот град не е можна, а на конкретното прашање дали во таков случај владата би ја предводел некој од СДСМ одговори потврдно.

„Секако влада предводена од СДСМ со коалиционите партнери, како што се надеваме зајакната плус, оти важен е секој пратеник за се што е закочено во Собранието. Останува влада предводена од СДСМ“, рече Заев.

Тој нагласи дека владината коалиција е стабилна и дека имаат комплетна комуникацијата и покрај поддршката која партијата Беса, која е дел од владината коалиција, денеска ја даде на кандидатите од опозициската Алијанса за Албанците кои влегуваат во вториот круг против кандидатите на другиот владин партнер ДУИ.

„Легитимно е секој да се бори за гласовите“, рече Заев.

Премиерот вели и дека парламентарното мнозинство е стабилно, дека 62 пратеника јавно се изјаснија дека остануваат дел од владината коалиција и оти верува дека ќе има и неколку пратеници повеќе, но за тоа, како што кажа ќе зборува по вториот круг локални избори што ќе се одржат в недела.

Заев нагласи дека не е време за предвремени парламентарни избори бидејќи следните две ипол години биле неповторилива шанса да се развива економијата и да се валозизира веќе сработеното.

„Сите крупни прашања се затворија. Дома немаме етнички отворени прашања, немаме отворени прашања со соседите, петте точки со Бугарија ги знаеме и ги работиме. Верувам дека по 14 ноември кога завршуваат изборите во Бугарија до следната седница на Советот за општини работи имаме доволно време тоа да го завршиме и да ја добиеме првата меѓувладина конференција“, рече Заев.

Во вториот круг верува дека СДСМ ќе има видлива победа и очекува видлива разлика во корист на СДСМ во Скопје, Чаир, Карпош и Центар.

Руската полиција трага по истражувачки новинар

Познатиот руски новинар Сергеј Резник, кој со години работи на теми за антикорупциски истраги, е додаден на листата на барани лица на Министерството за внатрешни работи. Локалните руски медиуми објавија денеска дека името на Резник е додадено на листата на барани во текот на викендот.

Досега од руските власти не беа објавени детали за причините за ставањето на неговото име на списокот на барани криминалци, иако дел од руските медиуми пишуваат дека Резник се бара поради наводното „оправдување на нацизмот“.
Обвинението произлегува од неодредени објави на социјалните мрежи кои се појавија на профили за кои постои сомневање дека се поврзани со него, јавуваат руските медиуми.

Во 2013 година, Резник, кој потекнува од Ростовската област, беше осуден на 18 месеци затвор под обвинение за поткуп и јавно навредување на службен претставник на властите, по што доби уште 18 месеци за лажно претставување. Резник постојано тврдеше дека е невин и по издржувањето на затворската казна продолжи да работи како истражувачки новинар.

Тој вели дека против него се отворени вкупно седум кривични предмети каде што наводно жртви се обвинители, судии или полициски службеници. Тој, исто така, тврди дека во текот на изминатата година, против него и тројца негови колеги до полицијата и обвинителството биле поднесени 15 изјави од луѓе во Краснодарскиот регион.

Стакленичките гасови лани на рекордно ниво и покрај затворањето поради пандемијата

Метеоролошката агенција на Обединетите нации соопшти дека концентрацијата на стакленички гасови достигнала рекордно ниво минатата година и покрај временото намалување поради затворањата кои се преземаа како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот за време на светската пандемија. Во годишниот извештај објавен денеска агенцијата предупредува дека нивото на гасови што ја задржуваат топлината во 2020 година се зголемило со побрзо темпо од годишниот просек во последната деценија.

Во извештајот се наведува дека концентрациите на јаглерод диоксид, метан и азотен оксид минатата година биле над нивоата во прединдустриската ера пред 1750 година, кога луѓето „почнаа да ја нарушуваат природната рамнотежа на Земјата“ со нивните индустриски активности.

„Додека продолжуваат емисиите, глобалната температура ќе продолжи да расте“, се вели во извештајот во кој се додава и дека „нивото на температурата веќе забележано ќе опстојува неколку децении дури и ако емисиите брзо се намалат на нула“.

Ова како што се нагласува би значело „повеќе временски екстреми, вклучувајќи интензивна топлина и врнежи, топење на мразот, покачување на нивото на морето и закиселување на океаните, придружени со далекусежни социоекономски влијанија“.

Извештајот е објавен само неколку дена пред конференцијата на Обединетите нации за климатски промени која ќе се одржи од 31 октомври до 12 ноември во Глазгов, Шкотска.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј пуштен од болницата

Вселенскиот патријарх Вартоломеј

Вселенскиот патријарх Вартоломеј е пуштен од болницата во Вашингтон откако преноќи тамѕ на првиот ден од планираната 12-дневна посета на Соединетите Американски Држави.

„Со задоволство можам да им соопштам на сите дека нашиот духовен отец, Неговата пресветост штотуку беше пуштен од болница. Тој се чувствува добро и е подготвен да ја продолжи својата официјална апостолска посета“, напиша на 25 октомври на Твитер архиепископот Елпидофор од Грчката православна архиепископија на Америка.

Тој беше однесен во болница доцна вчера откако не се чувствувал добро по долгиот лет претходниот ден и полниот распоред по пристигнувањето, соопшти грчката црква во САД. Неговата посета е планирано да трае до трети ноември.

81-годишниот Бартоломеј денеска требаше да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден. Покрај закажаните состаноци со највисоките американски претставници, Вартоломеј треба свечено да ги „отвори вратите“ на Грчката православна црква и националниот храм Свети Никола во Њујорк, кој беше изграден наместо парохиската црква уништена на 11 септември 2001 година во нападот врз Светскиот трговски центар. Тој првично требаше да ги посети Соединетите држави во мај 2020 година на покана на тогашниот државен секретар Мајк Помпео, но неговото патување беше одложено поради пандемијата.

Таравари- Алијанса за Албанците ќе ги поддржи кандидатите на Беса

Потпретседателот на Алијансата на Албанците Арбен Таравари

Потпретседателот на Алијансата на Албанците и кандидат за градоначалник на Гостивар Арбен Таравари на прес-конференција ја најави поддршката за кандидатите за градоначалници на политичката партија Движење Беса во вториот круг и ја поздрави нивната одлука да дадат поддршка на кандидатите на Алијанса-Алтертнатива.

„Веднаш по објавувањето на резултатите, ние како коалиција го искажавме нашиот став дека треба да се поддржат сите кандидати на албанската опозиција што се борат против ДУИ“, рече Таравари.

Тој го поздрави повикот на Движењето Беса за поддршка на кандидатите на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернативa и го повтори, како што рече, конзистентниот став нивните членови и симпатизери и сите други гласачи да ги поддржат кандидатите на Движењето Беса во општините каде што се соочуваат со ДУИ.

„Ние и натаму тврдиме дека ДУИ треба да падне од секоја власт. Се надеваме дека Движењето Беса навистина има за цел да се одвои од злото, но потсетуваме дека тоа се прави само доколку ДУИ биде целосно отстранета од власта и создадеме ново парламентарно мнозинство“, нагласи Таравари.

Алијанса за Албанците е опозициска партија која соработува со ВМРО-ДПМНЕ. Беса, пак, е дел од владината коалиција. Тие на ланските предвремени парламентарни избори настапија на заедничка листа со СДСМ и освоија четири пратенички места. По изборите во владиното мнозинство влезе и ДУИ со 15 пратеници и ДПА со еден.

Генералниот секретар на Движењето Беса и актуелен министер за земјоделство Арјанит Хоџа денеска апелираше до гласачите на оваа партија во вториот круг на локалните избори да ги поддржат кандидатите за градоначалници на Алијансата за Албанците, со цел, како што рече, да „помогнат во политичкиот пораз на ДПА и ДУИ“. Претходно ДУИ и ДПА договорија меѓусебна поддршка во вториот круг од локалните избори што ќе се одржат в недела на 31 октомври.

Влада- граѓаните да не стравуваат од рестрикции на струја

Рударско енергетски комбинат Битола

Од владата соопштија дека за обезбедување стабилност на електроенергетскиот систем, од денеска во функција е ставен и вториот блок на РЕК Битола, што значи дека комбинатот работи со двата блока како што било предвидено.

„Граѓаните нема потреба да стравуваат бидејќи количините на електрична енергија за нив се обезбедени во целост од Акционерското друштво ЕСМ и тоа по цена од 36 евра за мегават час. Во моментот цените се четири до пет пати повисоки од таа цена и ова е само показател дека Владата направила добра проценка воведувајќи го Универзалниот снабдувач, кој ги штити домаќинствата и малите потрошувачи“, се наведува во владиното соопштение.

Од таму додаваат дека државава не може да влијае на случувањата на светските берзи и затоа прават напори преку акционерското друштво ЕСМ и преку зголемувањето на производството да обезбедат дополнителни количини електрична енергија кои ќе го амортизираат ценовниот шок и на компаниите.

„Количините на јаглен за Осломеј ќе се обезбедат, додека за количините на јаглен за Битола објавен е нов повик и се прават сериозни напори преку соработка на политичко ниво со соседните земји да се обезбедат и овие количини на јаглен. Како дел од соработката со Стопанската комора, се анализираат и можностите за обезбедување на мазут во најкус можен рок, како би можело и ТЕЦ Неготино да се вклучи и да работи со целосниот капацитет. Во наредниот период од две недели очекуваме и ТЕЦ Неготино да започне со пробна работа, имајќи предвид дека последен пат работела во 2009 година“, наведуваат од владата.

Денешната владина реакција следува откако директорот на МЕПСО Куштрим Рамадани вчера во интервју за Телма рече дека минатите денови забележале дека производството и увозот не се во баланс со потрошувачката, дека има недостаток на електрична енергија, дека преземале од европската мрежа без најава и спротивно од правилата за што добиле и предупредувања од центарот во Швајцарија и за што досега потрошиле околу 10 милиони евра. Рамадани спомена и можни рестрикции.

Во однос на повлекувањата на електрична енергија од регионалните системи, од владата денеска информираа аме дека постојат правила за балансирање кои произлегуваат од Законот за енергетика.

„Во нив е јасно утврдено дека операторот на електропреносниот систем им фактурира на учесниците на пазарот на електрична енергија за настанатите отстапувања од најавените физички трансакции, по цени пресметани во согласност со методологијата за пресметка за надоместок за услугите на бaлансирање утврдени во правилата за балансирањето на електроенергетскиот систем. Ова значи дека тие потрошувачи што правеле дисбаланси испорачувајќи помалку струја, ќе треба да ги подмират трошоците за настанатата состојба“, наведуваат од владата.

Во соопштението се нагласува и дека додека трае изборниот период Владата не може да носи мерки со кои е предвидено финансиски зафаќања од Буџетот и таквите мерки, доколку се усвојат, ќе бидат донесени по изборите.

Нови 135 заразени со ковид, 11 починати

Ковид амбуланта во Скопје

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1.514 тестирањe, а регистрирани се 135 нови случаи на ковид-19. Од нив во Скопје – 91, Куманово – 14, Кавадарци – 7, Струга – 4, Прилеп – 3, Битола, Струмица, Свети Николе, Крива Паланка и Демир Хисар – по 2, Штип, Кочани, Гевгелија, Виница, Валандово и Кратово – по 1.

Во текот на изминатите 24 часа регистрирани се 11 починати лица од 64 до 82 години. Сите се починати во болнички услови. За истиот период регистрирани сe 330 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 199.901, бројот на оздравени пациенти е 186.652, на починати е 7.062, а бројот на активни случаи изнесува 6.187.

Владиниот коалициски партнер Беса повика да се гласа за опозициската Алијанса за Албанците

Генералниот секретар на Движењето Беса Арјанит Хоџа

Генералниот секретар на Движењето Беса Арјанит Хоџа денеска апелираше до гласачите на оваа партија во вториот круг на локалните избори да ги поддржат кандидатите за градоначалници на Алијансата за Албанците, со цел, како што рече, да „помагнат во политичкиот пораз на ДПА и ДУИ“.

„Исто така, бараме од Алијансата за Албанците реципрочно да ги повика своите гласачи да ги поддржат кандидатите на Беса. Политичката сцена во наредните години мора да се промени. Затоа, сакаме заедно да ја водиме и да ја направиме оваа промена“, рече Хоџа на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека Движењето на Беса во континуитет развива одржливи политики кои гарантираат политичка стабилност во земјата и ја следи евроатлантската насока на државата.

„Анализирајќи ги најновите случувања на политичката сцена, како и старо-новата коалиција меѓу ДУИ и ДПА за вториот круг на локалните избори, се наметнува јасниот став на Движењето Беса против политиките на овие две политички партии, кои без никаков принцип и против волјата на своите гласачи се принудени да соработуваат само за да се заштитат едни со други“, потенцира Хоџа.

Инаку Хоџа е актуелен министер за земјоделство. Неговата партија на ланските предвремени парламентарни избори настапи на заедничка листа со СДСМ и освои четири пратенички места. По изборите во владиното мнозинство влезе и ДУИ со 15 пратеници и ДПА со еден.

Претходно ДУИ и ДПА договорија меѓусебна поддршка во вториот круг од локалните избори што ќе се одржат в недела на 31 октомври. Лидерот на Беса Биљаљ Касами за градоначалничката позиција во Тетово ќе се натпреварува со кандидатката од ДУИ Теута Арифи. Алијанса за Албанците пак во вториот круг против кандидати на партијата на Али Ахмети ќе се натпреварува во Гостивар и Струга.

ЕУ и исплати 600 милиони евра помош на Украина

Самит ЕУ-Украина- Првите луѓе на Европската комисија и на Европскиот совет Урсула фон дер Лејен и Шарл Мишел со украинскиот претседател Володимир Зеленски

Европската унија исплати 600 милиони евра како макро финансиска помош на Украина што е дел од програмата за економска помош за справување со последиците од пандемијата на ковид-19. Европската комисија соопшти дека ова е втора и последна транша со актуелната програма за Украина и дека првата транша од 600 милиони евра била исплатена во декември 2020 година.

„Овие исплати не се само доказ за нашата солидарност со Украинците, но исто така и одраз на тоа што Украина продолжи да ги исполнува клучните реформски обврски усогласени со Меѓународниот монетарен фонд и комисијата“, рече европскиот комесар за економија Паоло Гентилони.

Европската комисија соопшти дека дава позитивна оценка за имплементацијата на осум реформи во Украина, вклучително и за управувањето со јавните финансии, владеењето и владеењето на правото, како и за подобрување на деловната клима. Други земји кои добиваат поддршка од програмата се Северна Македонија, Ерменија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија и Црна Гора.

Татарстан се спротивстави на рускиот обид да ја укине титулата претседател

Архивска фотографија- годишен говор на татарскиот претседател Рустам Миниханов во парламентот

Пратениците во Татарстан гласаа против нацрт -законот инициран од Долниот дом на рускиот парламент, Државната дума, со кој се бара да се укине титулата претседател во оваа руската автономна република. Предлог-законот беше поднесен кон крајот на минатиот месец од група пратеници на Државната дума.

Со него се предлага меѓудругото, титулата претседател во регионот да се смени со титулата „глава“. Алберт Хабибулин, член на Државниот совет на Татарстан денеска изјави дека дека 82 од регионалните членови на законодавниот дом гласале „против“ со што е отфрлен нацрт-законот на Думата со образложение дека тој ќе го прекрши Уставот на Руската Федерација.

Оваа из,ема ќе влијаеше само врз актуелниот татарски претседател Рустам Миниханов, бидејќи со закон од 2010 година веќе е забранета употребата на титулата претседател за шефовите на автономните републики на Русија. До сега само Татарстан го зачува правото да го нарекува својот лидер „претседател“.

Управниот суд поништи гласање на едно избирачко место во Шуто Оризари

Локални избори, октомври 2021, прв круг

Управниот суд ги поништи резултатите од спроведеното гласање на избирачко место 2957/1 во скопската општина Шуто Оризари и за кандидатски листи за избор на градоначалник и за членови на Советот на Град Скопје, како и за градоначалник и за членови на Совет на Шуто Оризари. Судот одлучуваше по тужбата на Движењето „Одлучно за промени“ против решението на Државната изборна комисија.

Приговорот на Движење „Одлучно за промени“, предводено до ЛДП и ДОМ, беше поднесен до Државната изборна комисија за постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите од гласањето на избирачко место 2957/1 во Шуто Оризари.

За тоа дали ќе се прегласува на ова избирачко место, од ДИК посочуваат дека треба да го разгледаат решението од Управниот суд и да се направи проценка дали евентуално прегласување ќе влијае на изборниот резултат.

Претходно вчера, Управниот суд ја прифати жалбата на Алијанса за Албанците и Алтернатива за резултатите од гласањето по листите за кандидатите за градоначалник и советници на Општина Дебар, за избирачко место број 0543, и таму ќе се изврши прегласување.

Првиот круг од локалните избори се одржа на 17 октомври, а во вториот круг ќе се гласа на 31 октомври.

Полска ќе ја зајакне безбедноста на границата поради мигрантите

Полска објави дека планира да го зголеми бројот на војници и гранични полицајци долж границата со Белорусија со цел запирање на протокот на илегални мигранти од Белорусија. Во соопштението од полските власти е наведено дека бројката на војници и гранични полицајци ќе биде зголемена до 10 илјади. До ова доаѓа откако Европската унија го обвини Минск за олеснување на пристапот до Европа на мигрантите во одмазда за санкциите против белорускиот лидер Александр Лукашенко.

„Го зголемуваме бројот на војници кои им помагаат на граничарите за 2,5 илјади. Наскоро, околу 10.000 луѓе ќе внимаваат долж границата“, напиша на социјалната мрежа Твитер полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак.

Ова соопштение доаѓа на само неколку часа откако Германија најави дека распоредила стотици дополнителни полицајци на полската граница за да помогне во справувањето со неодамнешниот прилив на мигранти кои минуваат од Белорусија. Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер изјави дека 800 федерални полицајци веќе се распоредени на границата и дека ќе распоредат дополнителни сили „ако треба“. Зехофер најави можност за проверка на граница доколку не се подобри состојбата.

Варшава веќе прогласи вонредна состојба поради граничната состојба.

Претходно германската полицијата разби вооружена група од околу 50 екстремни десничарски активисти кои се обидуваа да ги спречат мигрантите да влезат во Германија.

Радикалната екстремно десничарска група „Третиот пат“ ги повика членовите да се соберат за да преземат акција против мигрантите кои сакаат да ја преминат границата од Полска.

Официјални претставници на ЕУ и националните земји го обвинија Лукашенко дека го организирал „вооружувањето“ на мигрантите како одговор на санкциите на Брисел кон Минск поради бруталното задушување протестите по претседателските избори во 2020 година, за кои Западот и белоруската опозиција тврдат дека биле наместени.

Германските власти проценуваат дека преку „белоруската рута“, протокот на мигранти кои пристигнуваат преку Полска и Белорусија се искачи на речиси 5.000 илегални мигранти во последните три месеци.

МВР:ВМРО-ДПМНЕ шири невистини за параполициски структури во Прилеп

Илустрација

Министерството за внатрешни работи категорично ги отфрла невистините кои втор ден по ред ги шири партијата ВМРО-ДПМНЕ за наводно „координирано следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓе”, се вели во соопштението испратено до медиумите.

Во соопштението е наведено дека во јавноста не е изнесен ниту еден доказ ниту дека тоа се договарало, ниту дека МВР на било кој начин е дел од таква наводна операција, ниту пак, дека тоа реално се случувало.

„Ја информираме јавноста дека МВР нема креирано таква вибер група и дека активностите на МВР и во Прилеп и во било кој друг град не се координираат преку вибер групи“ се вели во реакцијата на МВР.

До оваа реакција доаѓа откако членот на извршниот комитет на ВМРО -ДПМНЕ Драган Ковачки обвини дека власта ја злоупотребува полицијата и дека одредени вработени во МВР делувале како параполициска структура со која се вршело притисок врз неистомисленици.

Тој на денешната прес конференција објави делови од вибер комуникација со која посочува дека тоа се јасни докази дека злосторничка група на Зоран Заев и Оливер Спасовски, составена од над 40 полицајци, во изборната кампања во Прилеп правела црни списоци на автомобили за отстранување од сообраќајниот, организирала физичко следење, давала наредба за измислување прекршоци и правела списоци за гласање.

Од МВР посочуваат дека на денот на изборите во Прилеп нема испратено возило на технички преглед, ниту пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле.

Оттаму додаваат дека МВР почна внатрешна истрага за утврдување на фактите, имајќи предвид дека вибер групи или графички прикази од вибер групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого.

Премиерот и неколку министри приведени при воениот удар во Судан

Видео инсерт од демонстрациите во Судат за време на воениот удар

Неколку членови на владата на Судан се приведени, откако војници извршија воен удар во земјата. Здружените воени сили рано утрово приведоа цивилни членови на преодното владејачко тело на Судан и неколку членови на преодната влада, соопшти Министерството за информации.

„Цивилни членови на преодниот суверен совет и голем број министри од преодната влада се приведени од здружени воени сили. Тие се одведени на неидетификувана локалција“, се вели во соопштението на Министерството на социјалната мрежа Фејсбук.

Меѓу приведените е премиерот Абдала Хамдок и најмалку четворица министри кои според соопштението се приведени од неидентификувани војници.

Војската досега не излезе со коментари во јавноста за случувањата.

Воени и паравоени сили се распоредени низ главниот град Картум, ограничувајќи ги движењата на цивилите, додека демонстрантите кои го носеа националното знаме палеа гуми во различни области на градот, објави новинската агенција Ројтерс.

Аеродромот во Картум е затворен, а меѓународните летови се суспендирани, јавува ТВ каналот Ал Арабија со седиште во Дубаи.

Телевизијата Ал Хадат извести изутрината дека Хамдок е ставен во домашен притвор и дека се уапсени неколку членови на кабинетот и близок соработник на Хамдок. Здружението на судански професионалци ги повика граѓаните да излезат на улиците за да „се спротивстават“ на секој воен удар против Суверениот совет на земјата, поддржан од Западот.

Владата во Картум, која бара подобри врски со САД и Западот по речиси три децении меѓународна изолација, се соочува со огромни економски и безбедносни предизвици кои се закануваат да ја попречат нејзината транзиција.

ОН-Авганистан се соочува со тешка хуманитарна криза

Светската програма за храна и Организацијата за храна и земјоделство во заедничка изјава предупредија дека и онака нестабилниот Авганистан се соочува со една од најтешките хуманитарни кризи во светот.

Според нивните прогнози речиси 23 милиони Авганистанци ќе претрпат „акутна несигурност во храната“ оваа зима поради неколку причини. Од една страна се комбинираните влијанија на сушата, од друга конфликтот, но и пандемијата на коронавирус и економската криза која претрпе дополнително влошување откако Талибанците ја презедоа власта во земјата.

„Оваа зима, милиони Авганистанци ќе бидат принудени да избираат помеѓу миграција и глад, освен ако не ја засилиме нашата помош за спасување живот. Авганистан сега е меѓу најтешките хуманитарни кризи во светот - ако не и најлошата - и безбедноста на храната целосно пропадна. Ние сме на одбројување до катастрофа и ако не дејствуваме сега, ќе имаме целосна катастрофа на нашите раце“, изјави Дејвид Бисли, извршен директор на Светската програма за храна.

Според него Авганистан кој веќе се бори да излезе од дводеценискиот конфликт, се соочува со најлошата зима во последната деценија откако талибанците ја соборија меѓународно поддржаната влада во август.

Економијата на Авганистан е во лоша состојба откако најголем дел од помошта беше прекината и како што се ближи зимата, така и цените на храната се зголемуваат, а невработеноста расте.

И покрај тоа што ветија дека ќе ја вратат стабилноста во земјата зафатена од војна, талибанците сè уште се соочуваат со низа меѓународни санкции и крвави напади од огранок на Исламската држава. Групата бара меѓународно признавање, како и помош за да се избегне хуманитарна катастрофа.

Ефектите од втората тешка суша за четири години продолжуваат да влијаат врз егзистенцијата на 7,3 милиони луѓе кои се потпираат на земјоделството и сточарството за да преживеат, се вели во заедничкото соопштение.

„Во услови на влошување на сушата, ФАО бара итни средства од 11,4 милиони американски долари за нејзиниот хуманитарен одговор и бара дополнителни 200 милиони долари за земјоделската сезона до 2022 година“, соопштија две агенции на ОН.

Портпаролот на талибанците Забихула Муџахид вчера се обиде да ги ублажи стравувањата од претстојната хуманитарна катастрофа.

Израел продолжува со градба на 1355 нови домови во окупираниот Западен Брег

Израел, и покрај загриженоста од САД, и натаму планира да ја спроведе изградбата на 1355 нови домови во окупираниот Западен Брег. Израелските власти вчера ги објавија тендерите за изградба на нови домови во голем број населби во окупираниот Западен Брег, каде што Палестинците сакаат да си ја изградат својата држава.

На 23 октомври, портпаролот на американскиот Стејт департмент рече дека таквите чекори може да ги подигнат тензиите и да им наштетат на напорите за постигнување мировен договор.

Во Израел откриена подваријанта на делта сојот на коронавирусот

Палестинското Министерство за надворешни работи рече дека плановите за населување на Израел може да имаат „катастрофално влијание врз шансите за постигнување мир врз основа на решението за две држави и врз регионалните, американските и меѓународните напори за градење доверба меѓу израелската и палестинската страна“.

Преговорите спонзорирани од САД меѓу Израел и Палестинците беа прекинати во 2014 година. Територијата на Западниот Брег е окупирана од Израел од шестдневната војна во 1967 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG