Сите 43 компании кои поседуваат активна лиценца за одгледување медицински канабис во Северна Македонија ќе бидат проверувани. Одлука за тоа Владата треба да донесе на денешната седница.
Владино задолжение за контрола на компаниите најави премиерот Христијан Мицкоски, кој кажа дека целта е да се утврди дали производството на канабис било за медицински цели или за шверц.
„Очекувам во деновите кои што следат да се проверат сите оние компании кои добиле на некој начин лиценца да ја вршат оваа дејност. Од тоа што го имаме како индиции но и од тоа кое МВР го врши во истрагата, одредени телефони и разговори и друг тип на докази, работата ќе биде многу поголема“, изјави денеска премиерот Мицкоски.
Предвидувањата на Мицкоски се дека заплените од лиценцираните компании можат да достигнат и до 100 тони, откако во досегашните претреси на скопската „Алфафарм“, која се најде во центарот на аферата за прекуграничен шверц на пет тони марихуана во Србија и други компании од истокот на земјава беа запленети 40 тони марихуана и 1.300 шишиња масло од канабис. Тие се складирани во посебни депоа до правосилно завршување на судската постапка.
А во досегашниот дел од предистрагата која опфати неколку фирми од Скопје и Струмица, македонското Обвинителство освен што сослушува сведоци и прибира докази за постапката, барајќи ја врската помеѓу запленетите пет тони марихуана во Србија со оние 40 тони одземени од неколку фирми за одгледување на медицинска марихуана во Северна Македонија.
„Предметниот обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција е во комуникација со Обвинителството за организиран криминал на Србија, со цел размена на информации од значење за постапката што ќе помогнат да се утврди евентуална поврзаност на двата случаи и потеклото на марихуаната. Воедно, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК презема и други дејствија согласно своите законски надлежности, вклучително и сослушување лица во својство на сведоци, со цел прибирање докази и факти релевантни за постапката“, соопштија од обвинителството.
Премиерот Мицкоски на прес-конференција викендов изјави дека ниту тој лично, ниту МВР не знаат од каде потекнува запленета марихуана во Србија, иако тамошните власти посочија дека дрогата има потекло од Северна Македонија, информација која и ја иницираше истрагата на домашните институции.
Партиски пресметки
Од опозициската СДСМ веќе цела недела инсистираат на одговор на прашањата кој сè е вмешан во скандалот и кој дозволил пет тони дрога да поминат преку граница.
Од партијата, се повикуваат на неофицијални информации објавени во српските медиуми, наведувајќи дека за запленетата марихуана во реонот на селото Коњух во близина на Крушевац, обвинителствата во Србија и во Македонија добиле клучни податоци од Американската агенција за борба против дрога – ДЕА.
„Овој молк не е случаен, туку индикатор дека во тврдењата има вистина.Затоа е паниката во власта. Наместо да се соочат со фактите, тие водат медиумска кампања за дефокусирање на јавноста од енормните количини запленета дрога“, изјави генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, топката за поврзаноста со бизнисот со марихуана и актуелниот случај ја префрлаат кај социјалдемократите и нивнииот сегашен и екслидер Венко Филипче и Зоран Заев.
„Поранешната влада на СДСМ предводена од Заев, а во која министер за здравство беше актуелниот лидер на партијата Венко Филипче, како основоположници на бизнисот со марихуана за медицински цели, крерирала правила и доделувала бизниси по своја мерка или на свои луѓе“, обвини Петрушевски.
Заев ги негираше обвинувањата, велејќи дека не е инволвиран во случаите на заплена на канабис и побара јавно извинување од ВМРО-ДПМНЕ, во спротивно ќе поднесе тужба за клевета и навреда.
Адвокатот Јанаки Митровски, кој е дел од здружението „Билка“, кое од стапувањето на сила на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции се залага за декриминализација и легализација на канабисот во земјава, вели дека истрагата на институциите треба да се движи во повеќе насоки - не само кон евентуална политичка импликација, туку и кон вработени во институции.
„Останува да видиме дали ќе се докаже поврзаност на петте тона канабис во Србија со Северна Македонија. Факт е дека во Србија има притворен сопственик од Македонија. Е сега два и два се четири, меѓутоа ајде да бидеме коректни и да оставиме истрагата да покаже. Илегален канабис сигурно поминува илегално на граница, значи не се декларира. Нормално е дека треба да очекуваме кај шверц на ваков тип на супстанции, дека одредени структури во МВР, Царина сигурно биле и инволвирани. Кога ќе кажам структури од МВР и од Царина, тоа го има во секоја влада. Значи, кај нас ова не се случува првпат“, вели Митровски.
БИРН: Осомничен за шверц во Србија – косопственик на македонска фирма за канабис
Додека македонското и српското обвинителство разменуваат информации за поврзаноста помеѓу случаите, БИРН открива досега непознати детали од српската истрага и петмината осомничени - советникот од редовите на Српската напредна партија Раде Спасојевиќ и неговиот син Небојша, како и против Иван Драгниќ, Урош Младеновски и Александар Мијаловиќ, означен како организатор на групата, кој се наоѓа во бегство.
Како што пишува БИРН, главниот осомничен, Александар Мијајловиќ е косопственик на валандовската фирма „Грин лајф“ која засега не се појавува во информациите за истрагите на македонската и на српската полиција, ниту во мрежата на канабис-производители од кои МВР викендов соопшти дека се запленети околу 40 тони канабис.
Според увидот на БИРН во српската наредба за истрага, Мијајловиќ го упатил сега веќе притворениот косопственик на „Алфафарм“, Иван Драгниќ да обезбеди марихуана од Северна Македонија. Се наведува дека Драгниќ организирал транспорт со камиони до Коњух, каде таткото и синот Раде и Небојша Спасојевиќ кои се сопственици на магацините ја чувале. Од таму, Урош Младеновски ја превезувал кон Белград за продажба. Мијајловиќ е во бегство со распишана потерница, додека четворицата приведени се во притвор.
Во акцијата, српското Обвинителство за организиран криминал на 29 јануари во Крушевац заплени пет тони марихуана складирана во магацини во село Коњух кај Крушевац со проценета вредност од 7-10 милиони евра на црниот пазар.
Комисијата за канабис не дава податоци за контролите
А пред институциите во Северна Македонија воопшто да покренат каква било постапка против компаниите за одгледување медицински канабис, надзорот и контролата според законот рдовно треба да ја спроведува Комисија за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели, која е под директна надлежност на Министерството за здравство.
Оваа комисија има клучни надлежности во процесот: таа го врши надзорот врз компаниите со лиценци, известува за нивното работење, а Министерството за здравство на таа основа поднесува предлози до Владата за добивање или одземање на лиценца.
Комисијата брои вкупно пет члена – два од Министерството за здравство (вклучително претседателот), кои се систематизирани во други сектори на институцијата, плус по еден надворешен член од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) и специјалист за лековити растенија.
Сепак, Комисијата молчи за своите теренски активности во 2025 година.
И покрај двете барања на РСЕ за конкретни податоци за извештајот од нејзината работа за изминатата година (одржани средби, вонредни и редовни контроли, постапки, регистрирани пропусти), Комисијата не открива каде и дали воопшто спровела теренски надзори, што конкретно открила, ниту пак колку пати ја контролирала компанијата "Алфафарм", од која неодамна беа запленети девет тони марихуана.
„Комисијата одржува состаноци согласно потребите за постапување по предмети и тековни обврски. Комисијата редовно спроведува контроли согласно законските овластувања. Во соработка со МВР извршени се планираните редовни контроли, како и неколку вонредни контроли согласно стручните проценки. При утврдување на неправилности, Комисијата постапува согласно закон и ги доставува до надлежните институции за понатамошно постапување. По завршување на тековните постапки би можеле да се споделат конкретни информации за констатираните пропусти“ одговорија од Комисијата.
Според адвокатот Митровски, контролата напишана во законското решение не е лошо срочена имајќи во предвид покрај Комисијата, има и други министерства каде компаниите треба да пријават процеси од нивната работа.
„Секое садење и секоја берба треба да се пријави во Министерство за земјоделство, секое коренче мора да биде бележано и пријавено. Ако се случи некое да угине или да оболи во тек на берба и тоа мора да се пријави. Така да законската контрола не е воопшто лоша, но гледаме дека неговата примена односно надзор изостанува. Ова не е ова ни прв ни изолиран случај, имаше дузина случаи на сомнителни кражби и илегални одгледувања изминатите години“, вели Митровски.
Повеќе од осум години од Законот за легализирање на одгледувањето и извозот на канабис за медицинска употреба, речиси третина од сите издадени лиценци на компаниите го прекршиле законот поради неправилности во работата.
За тој период, компаниите „произведоа“ и многубројни афери за шверц на марихуана засенувајќи ја реалната здравствена корист од производството на маслото од канабис за медицински цели.
Од стапување на сила на законот до 3 февруари 2026 година Владата донела одлуки за давање одобрение за одгледување на канабис за медицински цели за 61 правно лице.
Во моментов, во Северна Македонија има 43 компании кои одгледуваат канабис за медицински цели. За повеќе од осум години, владите предводени и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ донеле одлучи за одземање на одобренија за одгледување на канабис за медицински цели за 14 фирми поради неисполнување на законските услови. А во тек е постапка за одземање на одобренијата за дополнителни 4 компании.