Над 40 тони марихуана досега се запленети во акцијата што од 5 февруари ја спроведуваат полицијата и обвинителството во фабриките за медицински канабис во Северна Македонија, соопштија од Министерството за внатрешни работи (МВР) на 7 февруари.
Акцијата, нагласи портпаролот на МВР Гоце Андреевски, продолжува и натаму. Засега нема информации за приведени или осомничени лица.
Од запленетата марихуана, девет тони и над 1.300 шишиња масло од канабис (полупроизвод) се запленети од фабрика во Скопје, додека над 31 тон марихуана и биомаса се одземени од фирми во источниот регион на државата.
Од Обвинителството за гонење организиран криминал и коруцпија (ОЈО ГОКК) претходно посочија дека се уште се постапува и оти „додека има активности на терен не може да се споделат повеќе информации“.
Поврзаност со акцијата во Србија
Андреевски нагласи дека со оглед што во сопственичката структура во фабриката од Скопје се јавува лице кое беше приведено во Србија, полицијата во координација со обвинителството проверува дали неодамна запленетите пет тони марихуана од српските власти, потекнуваат од Северна Македонија.
Петте тони марихуана во Србија беа откриени во акција на 29 јануари. Покрај еден од косопствениците на фабриката за медицински канабис во Скопје – кој е српски државјанин, меѓу приведените беше и локален функционер на владејачка Српска напредна партија (СНС) на чиј имот во селото Коњух, во централна Србија, беше пронајдена дрогата.
Во јавноста веќе е познато дека фабриката за медицински канабис во Скопје каде еден од косопствениците е осомничен во акцијата во Србија и од која македонската полиција сега заплени над девет тони марихуана и 1.300 шишиња масло од канабис, е „АЛФАФАРМ ГРУП“. Таа се наоѓа во кругот на некогашната фабрика ОХИС во скопската општина Кисела Вода.
Од МВР наведоа дека направиле детални проверки и контроли и на количината на марихуана и на документацијата.
„Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува“, рече Андреевски нагласувајќи дека од тие причини одземена е целата количина што била затекната во фабриката.
Партиски прозивки за одговрност за марихуаната
Неправилности и неусогласеност во однос на количината се откриени и во останатите фирми во источниот регион каде се спроведува акцијата и од каде се запленети над 31 тон. Од МВР не откриваат во колку други фирми во овој регион се прават проверки, ниту пак се откриваат нивните имиња.
Андреевски нагласи дека по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите, МВР детално ќе ја информира јавноста.
Сепак, во јавноста веќе излегоа информации дека претресите се правени во струмичко, а власта и опозицијата веќе излегоа со меѓусебни прозивки.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го прозва поранешниот премиер Зоран Заев од СДСМ, кој претходно беше и градоначалник на Струмица, барајќи обвинителството да испита негова поврзаност.
Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција наведе и име на фабрика за медицински канабис каде тврди дека била извршена заплена.
„Над две третини од 27 тони запленета дрога е од фирма на кадар на СДС, соработник на Зоран Заев. Фирмата „ЦБД Медплант“ во формална сопственост на Христијан Котев, а реална на неговиот татко Тони Котев викан М’гчев, кој е поранешен претседател на Општинската организација Ново Село на СДС и близок по бизнис со Вице Заев и Гидан Колев, во периодот од 30.06.2025 па се до 11.2025, има испорачано 19 тони марихуана кон скопската фабрика. Дополнително, утринава од струмичката фирма биле изнесени 21 тон дрога“, рече Петрушевски на прес-конференција.
Социјалдемократскиот сојуз, пак, во реакција посочи дека одговорноста за наводниот шверц од пет тони маригуана кон Србија, е во актуелната власт.
„Без поддршка од структури високо во власта, во МВР, во Царина, во други институции, не може да се шверцуваат тони и тони дрога. Поврзаноста на криминални структури во Македонија и во Србија е сега пред очите на јавноста и наскоро сè ќе биде јасно“, велат од СДСМ.
И за заплената од 40-тина тони, опозицијата ја прозива владата на ВМРО-ДПМНЕ која беше формирана во јуни 2024 година.
„Кој дозволил нелегално да се произведе и да се чува марихуана изминатите 2 години? МВР, Здравство, Земјоделие … која институција?“, реагираа од СДСМ.
Во Северна Македонија, повеќе од осум години со закон е легализирано одгледувањето и извозот на канабис за медицинска употреба.
Во моментов со активна лиценца има 43 компании кои одгледуваат канабис за медицински цели. За повеќе од осум години, владите предводени и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ донеле одлучи за одземање на одобренија за одгледување на канабис за медицински цели за 14 фирми поради неисполнување на законските услови. А како што информираа од Владата за Радио Слободна Европа, во тек е постапка за одземање на одобренијата за дополнителни 4 компании.
Надзорот над компаниите со одобрение за одгледување на канабис за медицински цели го спроведува Комисија за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели, која е под Министерството за здравство.