Достапни линкови

Долга работна недела, ниска продуктивност и мали плати


Работник во индустрија
Работник во индустрија

Работниците во земјава работат најдолго, а земат меѓу најмалите плати, но не може да се пофалат со продуктивност. Потребни се промени во образованиете, инвестиции во технологијата, почитување на работничките права за да се зголеми продуктивноста, што би довело и до поголеми плати.

Работниците во Македонија се на врвот во Европа со најдолга работна недела, но се меѓy оние кои земаат најмала просечна плата. Според податоците на европскиот Завод за статистика „Евростат“, просечното работно време на работниците во земјава е 39,6 работни саати неделно, со што земјата е на четврто место во Европа по должината на работната недела.

Пред Македонија се Грција, Србија и на прво место Црна Гора со 44,5 часа неделно. Пократко од работниците во Македонија, работат работниците во Германија, каде просечната работна недела е 34,2 часа, во Италија 35,6 и Франција каде работната недела трае 36,3 часа.

Просечната плата, пак, во земјава изнесува 27 948 денари или околу 450 евра. Податоците покажуваат дека во оние земји, каде работната недела трае пократко, просечната плата е од три до речиси шест пати повисока од македонската. Во Германија просечна плата е 2400 евра, во Франција 2000 евра, а во Италија 1600 евра.

На луѓето им бараме работа, а не на работата - луѓе

За тоа како да се зголеми продуктивноста, а со тоа и да се добиваат повисоки плати, бизнисменот Мендерес Кучи вели дека треба да се вложува во образовниот процес на идните работници и во технологијата за работа.

„За образованието ние како бизнис заедница долго зборуваме, односно дека освен теоретски дел треба да се воведе и практичен. Да се смени во корен системот, зошто е беспотребен за ова општество и го кочи системот, а тоа после се рефлектира и со незадоволство кај вработените, зошто не се ефективни и тоа не само во приватниот сектор, туку и во државниот. И од друга страна услугите и производството не се на ниво кое го очекува работодавачот“, вели Кучи.

Кучи: На луѓето им наоѓаме работа, а не за работата - луѓе
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:23 0:00
Директен линк

Тој додава дека треба да се смени и начинот на вработување.

„Секогаш сме се труделе на луѓето да им најдеме работа, а не на работата - луѓе. Ова се манифестира со интервенции при вработување, каде не е многу битно кои се референците за еден вработен да се вработи на соодветно работно место“, вели Кучи.

Дополнитените часови ретко кога се плаќаат

Од синдикатите велат дека во земјава работната недела трае и подолго од тие 40 часа, но дека се работи и на „црно“, а дополнителните часови ретко кога се плаќаат.

Претседателот на Конфедерација на слободни синдикати Благоја Ралповски вели дека неисплаќањето на прекувремените работни часови може да се надмине само ако институциите реагираат.

„Ако власта има желба да ја тргне раката од инспекторатите, да ги ослободи од политичкиот притисок, тогаш може инспекторите да работат слободни, да одат на терен и слободно може да го спроведуваат законот, и тогаш таквите дејствија ќе бидат сè помали и помали. Но сè додека власта и политиката ги става рацете врз институциите заради контрола и нивни интереси сè дотогаш ќе се појавуваат вакви дејствија врз работникот“, вели тој.

Според податоците на Евростат, пандемијата влијаела на тоа да се зголеми бројот на работните часови. Со години, односно од 2006 кога за првпат земјава се рангира, Македонија е меѓу земјите каде работната недела трае најдолго. Во 2006 работната недела достигнала 44 часови, а потоа почнала да се намалува. На почетокот на минатата година, пред пандемијата се работело околу 38 часови недело, за во третиот и четвртиот квартал од 2020 работната недела да биде 39,8 часови. А пандемијата се одрази и на други аспекти од работничките права.

Се работи на нов Закон за работни односи

Од власта велат дека потребите и барањата на работниците се нивен врвен приоритет. Министерството за труд во соработка со синдикатите, работодавачите и експертите работи на нов Закон за работи односи.

Постојниот закон е стар 16 години, а е менуван повеќе од 20 пати. Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска вели дека сегашниот закон не кореспондира со технолошкиот развој, со потребите на работниците и на работодавачите.

„Почитувањето на правата на работниците ќе го гарантираат и казнените одредби што ќе ги предвидиме, како и зајакнатите капацитети на инспекциски служби кои ќе вршат засилен контролен надзор“, вели министерката Шахпаска.

Работнички права во време на пандемија

На почетокот на пандемијата со одлука на Владата работниците кои ќе се заразеа со ковид и беа на боледување добиваа целосна плата, по неколку месеци подоцна мерката беше укината и доколку некој се зарази му се крати од плата за боледување.
Од Сојузот на синдикати (ССМ) бараат ковид-19 да се признае како професионално заболување и вработените кои ќе отсуствуваат од работа поради коронавирусот да добиваат 100 отсто од основицата на плата.

Поради рестриктивните мерки многу сектори беа затворени, за некои се уште важи забрана, па многу работниците останаа без работа. Податоците на Агенцијата на вработување покажуваат дека од март лани до март годинава има 37 илјади луѓе повеќе кои бараат работа, но дека само околу 18 илјади работници го изгубиле своето работно место како директна последица на корона-кризата. Поради доцнењето на петтиот пакет економска помош, илјадници работници остана без плата два месеци, а на многу им виси работното место, оти до пред некој ден поради рестрикциите беа затворени угостителските објекти, се уште има забрани за организирање свадби, концерти и други настани, спортските објекти и вежбалниците се затворени, текстилната индустрија е во криза. Илјадници работодавачи, пак, ја злоупотребија државната помош и не исплаќаа плата, покажуваа податоците на УЈП.

Според годишниот извештај на Здружението за заштита при работа, во 2020 на работни места загинале 25 работници, главно од земјоделството и градежништвото. Дополнително на оваа бројка се додаваат и 30 загинати здравствени работиници, оти само за здравствените работници ковид-19 е признаено како професионално заболување.

Во 2020 до ССМ биле пријавени 30 случаи на мобинг, и тоа 10 во јавниот и 20 во приватниот сектор, што е во пораст во споредба со минатите години, кога имало по неколку случаи.

Минатата година е забележан и рекорден број пријави за прекршување на работничките права до Државниот инспекторат за труд. Од март кога почна пандемијата до крај на 2020 се поднесени околу 6000 поплаки. Од јануари од март годинава пак Државниот инспекторат за труд направил 3.738 надзори по претставки од граѓани.

До Сојузот на синдикати пак стигнале 80 илјади поплаки од работници дека не им биле исплатени плати или додатоци, поплаки за откази, трансформација на договорите за работа, исплата на помали плати.

До Народниот правобранител, пак, во 2020 година, биле поднесени 258 претставки за кршење на правата од работен однос, што е за 24 претставки помалку од претходната година.

Во сферата на работничките права актуелна е и дебатата за недела неработен ден. Владата во ноември мината година вети дека недела ќе биде неработен ден, и дека тоа ќе стартува од септември годинава, но по дебатите кои сектори да бидат опфатени и бројните забелешки се разгледува можноста примената на законските измени да биде одложена за 1 јануари наредната година. Предлог-законот се очекува наскоро да влезе во собраниска процедура.

Кршењето на работничките права и незадоволството од владините мерки ги извади работниците на улица. Протестираа угостителите, туристичките работници, вработените во индустријата за организирање настани, музичари, транспортери, земјоделци, сметководители, работнички на породилно отсуство, Конфедерацијата на слободни синдикати и порача на власта – Доста е!, за Сојузот на синдикати за Први мај најави синдикален марш.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG