Достапни линкови

Преку протести на улица до остварување на правата


Илустрација
Илустрација

Различни категории граѓани излегуваат на улица за да го изразат своето незадоволство и да побараат решение на нивните проблеми. Професорката Мирјана Најчевска и професорот Ило Трајковски велат дека тоа е здрав елемент на демократијата и апелираат до политичарите да ги слушнат нивните барања

Угостители, туристички работници, членови на синдикати, музичари, организатори на настани, претставници на граѓански здруженија, средношколции и други, во последниот период своите права ги бараат на улица. Незадоволството од ускратените права граѓаните ги бараат со транспаренти пред владините институции од кои очекуваат слух, разбирање и решавање на нивните проблеми.

Во основа, на трендот на протести како демократски израз на некакво незадоволство треба да го гледаме позитивно, како еден облик на поголемо учество на граѓаните во јавното одлучување, вели професорот Ило Трајковски од Филозофскиот факултет во Скопје.

„Тоа значи дека различните категории граѓани кои се решаваат на такви чинови оцениле дека нивните интреси не се земени соодветно во предвид од страна на власта и тоа е начинот кој го нашле за да ги претстават своите интереси и тие да бидат видени и препознаени од одлучувачите. Всушност тоа е позитивно бидејќи значи поголема партиципација на граѓанството во јавното одлучување, а политичарите се тука за да ги слушнат и да реагираат на нивните потреби“, вели Трајковски.

Овој став го дели и професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. Според неа добро е што луѓето се охрабриле да го дигнат својот глас и да застанат во одбрана на сопствениот интерес. Но она на што таа укажува е што во македонското општество недостасуваат и други облици на делување освен веќе видените протести.

„Кај нас многу малку има развивање на лоби групи или структури кои ќе го искористат правниот систем и институциите за заштита на своите права, интереси за промоција на специфичните потреби. Некако тој институционален елемент да е маргинализиран и се да е концентрирано во излегувањето на улица, заборавајќи дека тоа е последното оружје кое се употребува тогаш кога не работат институциите и кога не постојат други начини за постигнување на саканата цел“, вели Најчевска.

Најчевска: Протестите се во ред, но има и други облици на дејствување
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:10 0:00
Директен линк

Но она што е најважно е прашањето дали одговорните ги слушаат барањата на незадоволните граѓани и дали протестите имаат ефект. Професорот Трајковски вели дека последните примери на граѓански притисок преку протестите дава некаков резултат.

„Она што во моментот го гледам е дека има респонзивност од властите во рамките на можностите и нивните приоритети за тоа што е важно или поважно во моментот. Ама за тоа пак ќе си плаќаат и цена, ако направат погрешни проценки што било поважно или која категорија луѓе во одреден момент заслужувала да биде повеќе или помалку послушана“, оценува професорот Трајковски.

Според Најчевска, пак, токму протестите како таков начин на практикување на демократијата се причина за реактивноста на власта.

„Значи наместо да се антиципираат одредени проблеми, наместо да се градат политики коишто би спречиле доведување до такви ситуации во којшто луѓето треба да излезат на улица власта како да го чека излегувањето на улица па постапува во зависност од тој притисок. И на тој начин повторно се девалвираат демократско-институционалните механизми во корист на граѓаните. Некогаш тие реакции се недоволни или несоодветни баш заради тоа што власта како да чека да види дали некој ќе излезе на улица, а не работи на тоа да ги антиципира потребите и интересите на граѓаните и да создаде механизми за нивно задоволување“, категорична е Најчевска.

Туристичките и угостителските работници во последната година неколку пати протестираа, незадоволни од мерките кои власта ги презема за помош на овие сектори. Власта пак соопшти дека со последниот шестти пакет мерки за помош на стопанството на сите угостителски објекти ќе им бидат покриени 30% од приходите. Дополнително, сите регистрирани угостителски објекти ќе добијат 15.200 денари финансиска поддршка по вработен, заклучно со 06.04.2021 година. На речиси ист принцип, со 2,5 милиона евра ќе се поддржат категоризирани – ресторани за свадби, игротеки, ноќните клубови, приватните детски одморалишта, фитнес-центри, фотографи и фотографски студија. Во овие категории спаѓаат околу 1.200 компании на кои ќе им бидат покриени 30% од приходите, износ кој ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 година, дополнително ќе добијат поддршка од 15.200 денари по вработен, заклучно со 31.12.2020 година.

И туристичките агенции ќе бидат поддржани со 1,4 милион евра од шестиот пакет. Притоа туристичките агенции со А-лиценца ќе добијат до 5.000 евра, а туристичките агенции со Б-лиценца ќе добијат до 2.000 евра. Финансиска поддршка од 30.750 денари ќе добијат и сите музичари, членови на здруженијата на музичари, како и лиценцираните туристички водичи, кои во текот на 2020 година имале просечен месечен нето-приход под 15.000 денари.

Нашите соговорници велат дека протестите вообичаено им одат во прилог на опозициските партии кои понекогаш се јавуваат и како поттикнувачи на истите, а сосема очекувано за нив е опозицијата да го искористи незадоволството на граѓаните за градење на своите позиции на политичката сцена.
Она што е сосема очекувано е дека политиката денес е присутна во секоја сфера во општеството, а според експертите, пандемијата со ковид 19 само дополнително ги политизираше сите прашања кои ги мачат граѓаните, особено егзистенцијалните.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG