Достапни линкови

Вести

Поврзаност на експлозиите во складишта за муниција во Бугарија и Чешка?

Портпаролот на бугарското јавното обвинителство, Сика Милева.
Портпаролот на бугарското јавното обвинителство, Сика Милева.

Бугарските власти започнаа истрага против шестмина руски државјани осомничени за вмешаност во серија експлозии што погодија четири објекти за оружје во земјата помеѓу 2011 и 2020 година.

„Од досега собраните докази, со висок степен на сигурност може да се заклучи дека целта на акциите на руските граѓани била да се прекине снабдувањето со специјални производи за Грузија и Украина“, изјави портпаролот на јавното обвинителство, Сика Милева.

Таа исто така рече дека постои „разумна претпоставка“ дека овие инциденти се поврзани со скоро фатално труење на бугарскиот дилер на оружје Емилијан Гекрет во 2015 година и експлозијата во чешки складишта за муниција во 2014 година.

„Може да се направи разумна претпоставка за врската помеѓу експлозиите на територијата на Република Бугарија, труењето на тројца бугарски државјани и сериозните злосторства извршени на територијата на странска земја“, рече портпаролката.

Чешка на почетокот на овој месец го обвини руското воено разузнавање дека стои зад експлозијата во депо за муниција во октомври 2014 година во градот Врбетице при која беа убиени две лица.Подоцна чешката влада протера 18 руски дипломати за кои се сметаше дека се шпиони, покренувајќи низа потези меѓу Прага и Москва.

Во знак на солидарност, неколку членки на НАТО и ЕУ исто така протераа руски дипломати. Русија негираше каква било вмешаност во инцидентите во Бугарија и Чешка.


види ги сите денешни вести

Три години затвор за руски државјанин поради шверц на воена технологија

илустрација
илустрација

Американското Министерство за правда на 17 јули објави дека 52-годишниот Русин Максим Марченко е осуден на три години затвор за шверц на голема количина на воена микроелектроника од Соединетите Држави во Русија.

Со тоа ги заобиколил санкциите што САД ги воведе кон Русија поради инвазијата на Украина.

Марченко, кој беше уапсен во септември 2023 година за време на операција на ФБИ во Фиџи, се изјасни за виновен пред судот во Њујорк во февруари по една точка од обвинението за перење пари и една од обвинението за шверц на стока од Соединетите Држави.

Тој и уште двајца Руси беа обвинети дека користеле лажни компании за прикривање на набавката на микроелектроника.

Според судските документи, Марченко учествувал во нелегална мрежа која купувала големи количини микроелектроника со двојна употреба од американски дистрибутери и ја испраќала стоката до крајните корисници во Русија.

„Овие производи се важни за воена примена бидејќи се користат за производство на оптички нишани, уреди за ноќно гледање и други уреди“, се вели во извештајот на Министерството.

Според американските власти, Марченко управувал со неколку фиктивни компании во Хонг Конг. За да се сокрие од американските компании дека стоката е наменета за Русија, како крајни корисници се наведени Кина, Хонг Конг и други земји.

Во Соединетите Држави тој е обвинет по седум точки, вклучувајќи шверц, измама и перење пари, а веќе е прогласен за виновен по некои обвиненија.

Литванскиот парламент одобри повлекување на земјата од Конвенцијата за касетна муниција

Парламентот на Литванија (илустрација)
Парламентот на Литванија (илустрација)

Парламентот на Литванија го поддржа повлекувањето на земјата од Конвенцијата за касетна муниција, која забранува производство, складирање, употреба и пренос на тоа оружје.

„Конвенциите се важни кога сите земји ги почитуваат. Проблемот е што Русија, во својата агресија против Украина, не се придржува до нив“, рече литванскиот министер за одбрана Лауринас Касчинас во Парламентот пред гласањето.

Соединетите Држави не се дел од оваа Конвенција. Станува збор за Договор потпишан во норвешката престолнина во 2008 година, според кој се забранува употреба, складирање, производство и пренос на касетна муниција.

Како е да си изложен на напад со касетни бомби?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:26 0:00

Хјуман рајтс воч постојано повикува Русија и Украина да престанат да користат касетна муниција, а САД да не ги снабдуваат. Организацијата соопшти дека и руските и украинските сили го користеле оружјето, кое убило украински цивили.

Муницијата вообичаено испушта голем број помали бомби кои можат неселективно да убиваат на широк простор, заканувајќи им се на цивилите. Бомбите што не експлодираат претставуваат опасност со години по завршувањето на конфликтот.

Кремљ: „Концентрираното присуство“ на НАТО бродови во Црното Море е закана за Русија

илустрација
илустрација

Кремљ објави дека Русија ќе ги смета за закана сите планови за воспоставување постојано присуство на воени бродови на НАТО во Црното Море.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков одговараше на новинарски прашања за новата стратегија за поморска безбедност на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Се разбира, концентрираното присуство на бродови на НАТО - особено Бугарија и Романија, приморските држави кои се членки на Алијансата (НАТО) претставува, особено во сегашната ситуација, дополнителна закана за Русија“, им рече Песков за новинарите.

Претходно Зеленски зборуваше за потребата да се осигура дека руската морнарица нема да доминира во Црното Море.

Песков пак истакна дека „Русија ќе ги преземе сите неопходни мерки за да ја обезбеди сопствената безбедност“.

МВР потврди дека е уапсен поранешен припадник на ОВК, Косово бара негово ослободување

илустрација
илустрација

Македонското министерство за внатрешни работи потврди дека вчера (17 јули) бил уапсен косовски државјанин, по претходно барање на Интерпол Србија.

„На 17.07.2024 во 16:00 часот на Граничниот премин Јажинце, на влез во државата, полициски службеници го лишиле од слобода Б.Р.(47) од Косово затоа што при пасошка контрола и извршени проверки било констатирано дека e евидентиран со мерка „апси“ по барање на Интерпол Србија. Тој бил предаден на полициски службеници од СВР Тетово за понатамошна постапка“ велат од МВР.

Веста прво ја објави Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово.

„Станува збор за г-дин Блерим Рамадани, поранешен припадник на Оперативната зона Неродиме на Ослободителната војска на Косово“, соопшти Министерството синоќа.

Оттаму информираа дека со овој случај се занимава и амбасадорот на Косово во Северна Македонија и дека властите работат на брзо ослободување на Блерим Рамадани.

Од македонското Министерство за правда велат дека до овој момент до нив нема пристигнато барање за екстрадиција на уапсениот од страна на косовските институции.

Инаку властите во Србија досега уапсиле четворица државјани на Косово, кои Белград ги обвини за воени злосторства. Косовските власти го оценија како произволно и неправедно апсењето на косовски државјани во Србија за овие обвиненија и побараа помош од меѓународниот фактор за нивно ослободување.

Министерката за правда Албулена Хаџиу на почетокот на јули преку писмо испратено до својот српски колега побарала трансфер на косовските државјани кои се притворени во Србија. Сепак, Хаџиу изјави дека е малку веројатно Србија да одговори на барањето на косовските власти за екстрадиција на косовските граѓани, поради тековната правна несоработка.

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека неговата земја има меѓународно призната јурисдикција за третман на злосторства извршени на нејзина територија.

Косово и Србија постигнаа Договор за меѓусебна правна помош во 2013 година, со посредство на Европската Унија, но речиси и да нема соработка меѓу нив во случаите на воени злосторства. Во меѓувреме, Соединетите Држави повикаа на праведен правен процес за лицата уапсени во Србија под обвинение за воени злосторства.

Армијата ангажира дополнителни сили за гасење на пожарите

илустрација
илустрација

Врз основа на укажаната потреба и побарувања за поголем обем на ангажман во гасењето на пожарите, претседателката на државата и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова донесе одлука за ангажирање на дополнителни 200 припадници на Армијата во напорите за гасење на пожарите, соопшти Генералштабот на Армијата.

„Од страна на Генералштабот е издадена наредба за ставање во состојба на подготвеност и ангажман на дополнителни 200 армиски припадници од составот на Командата за операции и Командата за обука и доктрини, со што вкупниот број на ангажирани армиски припадници е 300. Заедно со досегашните 100 припадници, кои се ангажирани од почетокот на прогласување на кризната состојба, дополнителните сили ќе извршуваат активности на локации каде ќе има потреба и кои ќе им бидат доделени од страна на Центарот за управување со кризи, кој е надлежен за координација на сите вклучени институции“, се наведува во соопштението.

Од Генералштабот истакнуваат дека ангажираните сили и ресурси координирано работат заедно со другите инволвирани субјекти.

Армијата дејствува со 100 припадници и два армиски хеликоптера МИ-8/17, кои се ангажираат на локации по насоки на Центарот за управување со кризи и со исфрлени повеќе од 150 тони вода и активен ангажман на терен го даваат својот придонес во локализирање на пожарите. Воедно припадниците од воздухопловниот ВИНГ координираат со налетите на хеликоптерите од Турција, Словенија, Србија и Црна Гора.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК), информираа дека во моментов има околу 15 активни пожари ширум земјава.

Потпретседателскиот кандидат на Трамп ги повика САД „да изберат нов пат“

Сенаторот Џеј Ди Венс, кандидат за потпретседател на републиканската партија на изборите во САД
Сенаторот Џеј Ди Венс, кандидат за потпретседател на републиканската партија на изборите во САД

Сенаторот Џеј Ди Венс, кој Доналд Трамп го избра за потпретседателски кандидат, на републиканската конвенција во Милвоки ги повика граѓаните на Соединетите Држави да „одберат нов пат“ кој ги става работниците во центарот.

„Ќе бидеме обединети во поддршката“, рече Венс во обраќањето на партискиот состанок на кој формално ја прифати неговата номинација за позицијата потпретседател на САД доколку Трамп победи на изборите во ноември, пишува АФП.

Тој ја пофали „извонредната визија“ на Трамп, за која рече дека е „толку едноставна, а сепак толку моќна“ и рече дека неговиот табор ќе се посвети на работникот и на ветувањето на слоганот „Направи ја Америка повторно голема“.

Џеј Ди Венс, кој потекнува од скромно семејство во Мидлтон, Охајо, рече дека луѓето таму „го зборувале што мислат, граделе со своите раце и го сакале Бог, семејството, својата заедница и својата земја со сето свое срце“.

„Но, тоа беше и место кое беше отфрлено и заборавено од американската владејачка класа во Вашингтон“, рече Венс.

Тој ги повика работниците и луѓето од средната класа во Мичиген, Пенсилванија и Висконсин, три држави кои најверојатно ќе бидат одлучувачки за изборите на 5 ноември, да им се придружат.

Опишувајќи го својот животен пат од тешко детство до американските маринци, престижниот факултет Јеил и американскиот Сенат, Венс им се претстави на Американците како некој што ја разбира нивната секојдневна борба.

Тој меѓудругото, е познат и како автор на книгата „Hillbilly Elegy“, врз основа на која Нетфликс направи серија.

Фон дер Лајен вети дека проширувањето на Унијата ќе и биде приоритет

Обраќање на Урсула Фон дер Лајен пред пратениците на Европскиот парламент, 18 јули 2024
Обраќање на Урсула Фон дер Лајен пред пратениците на Европскиот парламент, 18 јули 2024

Европското соседство е дел од нашата иднина и приемот на нови земји во нашата Унија претставува морална, историска, политичка и огромна геостратешка одговорност за Европа, порача денеска кандидатката за претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред пратениците на Европскиот парламент.

„Ќе ги поддржиме кандидатите за членство со инвестиции и спроведување на реформите и ќе ги интегрираме, кога ќе можеме, во нашата правна рамка. Пристапувањето секогаш ќе биде процес базиран на заслуги и ќе обезбедиме сите земји да бидат подготвени за членство. Комплетирањето на нашата Унија е во наш суштински интерес и ќе биде суштински приоритет на мојата Комисија, порача Фон дер Лајен“, презентирајќи ги пред европратениците своите приоритети за работа во следниот мандат во пресрет на денешното гласање за нејзин реизбор на функцијата.

Според неа, во денешниот свет проширена Унијата би била посилна Унија, би го зајакнала својот глас во светот, би гарантирала намалување на нејзината зависност и би обезбедила гаранции дека демократијата, просперитетот и стабилноста се раширени низ Европа.

„Длабоко сум убедена дека историјата повторно не повикува. Западниот Балкан, Украина, Молдавија и Грузија го направија нивниот слободен избор. Тие избраа слобода наместо угнетувањето, тие избраа демократија наместо зависност и некои од нив платија многу висока цена за овој избор. Затоа ние мора да го направиме нашиот избор и да искажеме посветеност дека нивната иднина ќе биде слободна и просперитетна во нашата Унија“, истакна Фон дер Лајен.

Таа говореше и за состојбата на Блискиот Исток, апелирајќи за прекин на насилствата во регионот, реафирмирајќи ја поддршката за мировно решение преку моделот на создавање две држави и за продолжување на хуманитарната помош за Палестинците, а најави и создавање на европски одбранбен штит од хибридните закани, кибер нападите и обидите за странско мешање во ЕУ, како и поддршка на независното новинарство.

По нејзиното обраќање започна дебата на европратениците за презентираната програма за работа на Фон дер Лајен. Гласањето за реизбор на Фон дер Лајен е предвидено за 13 часот.

Во Екатеринбург продолжува судењето на новинарот Гершкович

Новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович
Новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович

Судењето на новинарот на „Волстрит Џурнал“, Еван Гершкович, кој повеќе од една година е во руски притвор под обвинение за шпионажа, продолжи во рускиот град Екатеринбург, Урал.

Регионалниот суд во Свердловск во Екатеринбург на 18 јули го објави почетокот на второто рочиште за судењето на Гершкович.

Претходно оваа недела, судот соопшти дека продолжувањето на судењето на Гершкович е поместено од 13 август на 18 јули на барање на тимот на одбраната на Гершкович, чии аргументи за поместување на датумот на рочиштето не беа откриени.

Судењето започна на 26 јуни и се одржува зад затворени врати.

Гершкович беше уапсен во Екатеринбург на 29 март 2023 година, додека беше на службено патување и потоа беше обвинет за обид да добие воени тајни за да и ги предаде на ЦИА. Тој е првиот американски новинар уапсен под обвинение за шпионирање во Русија по Студената војна.

Гершкович, 32-годишниот син на имигранти од поранешниот Советски Сојуз, роден во Америка, се соочува со затворска казна до 20 години доколку биде прогласен за виновен.

Волстрит Џурнал и американската влада категорично ги отфрлија обвиненијата за шпионажа, велејќи дека Гершкович само ја вршел својата работа како акредитиран новинар кога бил уапсен.

По отворањето на судењето, Амбасадата на САД во Москва во соопштение на 26 јуни рече дека руските власти не обезбедиле докази за да ги поткрепат обвиненијата и повикаа на итно ослободување на Гершкович. Исто така, побара Москва да престане да ги користи американските државјани како потпора за политички цели.

Жалбите на Гершкович за ослободување од злогласниот московски затвор Лефортово, каде што тој се наоѓа од неговото апсење, се одбиени.

Неговото апсење дојде околу една година откако Русија ги усвои новите закони со кои се криминализира критиката за руската војна против Украина, која Кремљ ја нарекува „специјална воена операција“ и изјавите кои се сметаат за дискредитирање на војската.

Гершкович и уште еден американски државјанин, Пол Вилан, кој отслужува 16-годишна затворска казна поради обвинение за шпионажа, владата на САД ги означи како „погрешно притворени“.

Гершкович е еден од двајцата американски новинари кои во моментов се задржани од руските власти. Другата е Алсу Курмашева, новинарка на Радио Слободна Европа, која има двојно американско-руско државјанство.

Курмашева (47) беше уапсена во Казан во октомври и обвинета дека не се регистрирала како „странски агент“ според казнениот руски закон што ги таргетира новинарите, активистите на граѓанското општество и други. Таа, исто така, е обвинета за ширење невистини за руската војска и се соочува со 10 години затвор доколку биде осудена.

РСЕ и американската влада велат дека обвиненијата се одмазда за нејзината работа како новинарка на радиодифузерот во Прага.

За разлика од Гершкович и Вилан, Курмашева не е означена како „неправилно приведена“, и покрај постојаните повици од нејзиниот работодавец и семејството да се случи тоа.

На друга американско-руска државјанка, Ксенија Карелина, и се суди во Екатеринбург во јуни под обвинение за предавство. Карелина (33) беше уапсена во февруари за време на посетата на Екатеринбург, откако безбедносните службеници ја обвинија дека собирала средства за украинска фондација која наводно и испорачувала оружје на Украина.

Лавров го поздрави ставот на Џеј Ди Венс за Украина

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го поздрави кандидатот за потпретседател на Доналд Трамп, Џеј Ди Венс поради неговиот став за војната во Украина, која Москва ја почна пред повеќе од две години.

Како што пренесе ДПА, Венс, сенатор од Охајо, се изјасни за мир и ставање крај на воената помош за Украина, рекол Лавров вчера во Обединетите нации во Њујорк.

„Можеме само да го поздравиме ова бидејќи тоа е токму она што е потребно – да престанеме да ја разгоруваме Украина со оружје. Војната ќе заврши. Ќе почнеме да бараме решенија“, рече Лавров.

Соединетите Држави се најголемиот снабдувач со оружје за Украина со цел да му помогнат на Киев да ја одбие руската инвазија која почна на 24 февруари 2022 година.

Сепак, постои загриженост меѓу сојузниците на Вашингтон во НАТО дека американската поддршка може значително да се намали доколку претседателските избори во ноември го вратат Трамп во Белата куќа, бидејќи тие се сомневаат во неговата подготвеност да ги поддржи воените напори на Украина.

Венс, поранешен жесток критичар на Трамп, сега сесрдно го прифати и се смета за ѕвезда во подем во Републиканската партија. Тој често се противи на американската помош за Киев и гласаше против пакетот помош од 61 милијарда долари за Украина, кој Сенатот го одобри во април.

Само неколку дена пред да избие војната, Венс изјави:

„Навистина не ми е гајле што ќе се случи со Украина на еден или друг начин“.

Трамп, кој во понеделникот беше официјално номиниран за претседателски кандидат на Републиканската партија, постојано тврди дека ќе може да ја заврши војната во Украина во рок од 24 часа, без да наведе детали како ќе ја постигне таа цел

Самит на Европската политичка заедница во Британија

Замокот Бленхајм во близина на британскиот град Вудсток
Замокот Бленхајм во близина на британскиот град Вудсток

Денеска (18 јули) ќе се одржи четвртата средба на шефовите на држави или влади на членките на Европската политичка заедница. Самитот ќе се одржи во замокот Бленхајм во близина на британскиот град Вудсток во грофовијата Оксфорд.

Премиерот Христијан Мицкоски ќе ја предводи македонската делегација што ќе присуствува на Самитот, а во чиј состав се и вицепремиерот Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Како што најави Мицкоски во објава на Фејсбук на Самитот и ќе говори за „предизвиците коишто следат во делот на енергетиката и економијата од аспект на регионалното поврзување за балканските држави“.

Според најавите, на средбата 47-те европски лидери ќе разговараат за континуираната поддршка за Украина, како и за заедничките предизвици со кои се соочува Европа, поврзани со енергијата, поврзувањето, безбедноста, заштитата на демократијата и миграцијата.

Во рамки на Самитот ќе се одржат и две тркалезни маси посветени на одбраната и на заштитата на демократијата. Заклучоците од дебатите на овие тркалезни маса ќе бидат презентирани на завршната пленарна седница на Самитот.

По завршувањето на работниот дел на Самитот, предвидено е лидерите учесници на собирот да присуствуваат на прием кај британскиот крал Чарлс Трети. На маргините на Самитот се предвидени и повеќе билатерални средби на учесниците.

Европската политичка заедница беше иницирана од францускиот претседател Емануел Макрон за време на претседавањето на Франција со ЕУ како платформа за поттикнување политички дијалог и соработка за решавање на прашања од заеднички интерес и за зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.

Одлуката за основање на Европската политичка заедница беше донесена на заседанието на Европскиот совет во јуни 2022. Целта на Заедницата е политичка координација и таа не претставува замена на ниту една постоечка организација, структура или процес.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG