Достапни линкови

Руски агенти во време на експлозии во фабрики за оружје во Бугарија


 седиштето на тајната руска воена разузнавачка служба ГРУ и Сергеј Федотов
седиштето на тајната руска воена разузнавачка служба ГРУ и Сергеј Федотов

Чешки официјални лица ја обвинуваат тајната руска воена разузнавачка служба ГРУ за експлозијата во складиште со муниција во 2014 година. Припадници на истата единица беа во Бугарија во исто време кога шест експлозии уништија фабрики за оружје во 2014 и 2015 година. Борис Митов и Иван Бедров

Вечерта на 21 март 2015 година, околу 19:30 часот, небото над Иганово доби огнени нијанси на црвена и портокалова боја, а прозорците на домовите во малото бугарско село се тресеа. Локалните жители во паника брзаа да избегаат од изворот на хаосот: експлозии во фабриката „Вазов“, државен објект каде што се произведуваат противтенковска муниција, противвоздушни ракети и друго вооружување.

Само три недели подоцна, непосредно пред зората на 14 април, селото повторно се тресеше од експлозии во истата фабрика, уништувајќи еден дел од комплексот. Двата инцидента одговараат на една шема: четири други експлозии се случија во текот на 2014 година на различни локации во Бугарија каде што се произведува оружје и муниција. На една локација, Горни Лом, северозападно од Софија на границата со Србија, загинаа 15 лица.


Бугарските обвинители ги истражуваа причините за експлозиите, но обвиненија беа покренати само за една: експлозијата на 1 октомври 2014 година во Горни Лом. Четворицата обвинети подоцна беа ослободени. Нема информации од јавен карактер за тоа што се случило со другите истраги.

Во пресрет на откривањето за експлозија во магацинот за муниција во Чешка во 2014 година, за која се обвинува руското воено разузнавање, како и една друга сомнителна експлозија на истото депо подоцна истата година, еден поранешен бугарски министер за одбрана повикува на повторно отворање на бугарските истраги.

И новата анализа на РСЕ додава дополнителни докази што укажуваат на можна врска помеѓу руската воена разузнавачка агенција - позната како ГРУ - и бугарските експлозии. Околу времето на експлозиите во фабриката во Вазов, пролетта 2015 година, најмалку шест Руси кои беа идентификувани или се верува дека се агенти на ГРУ редовно доаѓаа и заминуваа од Бугарија.

Приведени Чеси кои планирале да им се приклучат на проруските сепаратисти во Украина

Покрај тоа, податоците за летот и информациите собрани од истражната организација Белингкат, покажуваат друг наводен агент на ГРУ кој патувал во и надвор од Бугарија, близу до датумите на експлозиите во 2014 година.

Чешкиот премиер Андреј Бабиш го обвини ГРУ; конкретно нејзината елитна и озлогласена единица 29155. Единицата исто така беше поврзана со скоро фаталното труење на бугарскиот дилер на оружје Емилијан Гебрев, чии што складишта за оружје беа уништени во Чешка. Првото од двете труења што ги претрпе Гебрев се случи на 28 април 2015 година - две недели по експлозијата на 14 април во Иганово.

Низа нерешени експлозии

На 28 февруари 2014 година, експлозија во комплексот оружје во Казанлак, источно од Софија, делумно уништи работилница во која се произведуваше барут, при што загина едно лице. Шест месеци подоцна, на 8 август, 10 лица беа повредени во серија експлозии во воената централа ТЕРЕМ-Цар Самуил во Костенец, во југозападна Бугарија.

Бугарија - Инфографик - експлозии - 2014-2015
Бугарија - Инфографик - експлозии - 2014-2015

Помалку од два месеца подоцна, на 1 октомври, најсмртоносната катастрофа што ја погоди бугарската установа за муниција се случи во фабриката во Горни Лом. Освен 15-те мртви, ранети се уште две лица. Во третата недела од декември, приватна компанија за производство на муниција и ловечка муниција во јужна Бугарија, беше погодена од необјаснета експлозија во која загина едно лице.

Експлозиите се случија во периодот на високи тензии во Источна Европа предизвикани од инвазијата на Русија и анексијата на украинскиот полуостров Крим и избувнувањето на сепаратистичката војна поддржана од Русија во источна Украина.

Во тоа време, вооружените сили на Украина беа во катастрофална состојба, со недостаток на организација, соодветна обука и со сериозен недостиг на соодветно оружје и опрема. Украинските власти се бореа брзо да најдат оружје и муниција за да го задржат налетот на подобро опремени и подобро обучени борци, чиј број вклучуваше руски воени оперативци. Бугарија одржува значителна индустрија за производство и трговија со оружје.

До денес, и покрај огромните докази за спротивното, Русија негира дека имала каква било улога во украинската војна, нарекувајќи ја „внатре украински конфликт“. Според податоците за следење на летот објавени од Белингкат, руски државјанин по име Владимир Моисејев кој користел псевдоним „Владимир Попов“ патувал во Бугарија најмалку четири пати во 2014 година: во март, септември, ноември и декември, и еднаш во 2015 година. Сите тие патувања се случија во деновите околу експлозиите на различната муниција.

Официјални лица во Црна Гора пак, велат дека го бараат Моисејев во врска со наводниот заговор за државен удар во 2016 година. ГРУ е обвинета за тој неуспешен напор. Почнувајќи од февруари и април 2015 година, според податоците за летот, најмалку шестмина други Руси за кои се тврди дека биле воени разузнавачи, патувале во и надвор од Бугарија. Меѓу идентификуваните беа Денис Сергеев и Сергеј Лутенков, кои патуваа во Софија под псевдонимите Сергеј Федотов и Сергеј Павлов.

Русија се закани со „одмазда“ по протерувањето на дипломати од Чешка

Друг наводен агент по име Егор Гордиенко, кој го користел псевдонимот Георгиј Горшков, пристигнал во црноморскиот град Бургас околу третата недела од април, според податоците за летот, заедно со Сергеев.

Присуството на двајцата во Бугарија се совпадна со две ненадејни и мистериозни болести што за малку ќе го убиеа Гебрев, дилер на оружје, помеѓу 28 април и 4 мај. Двајца други Бугари, вклучувајќи го и синот на Гебрев, исто така трпеа скоро фатални болки.

Бугарските истражители подоцна објавија дека Гебрев бил жртва на „интоксикација со неидентификувана органофосфорна супстанца“, но не ја посочиле вистинската супстанција и не направиле многу напредок во случајот сè додека три години подоцна поранешниот руски воен разузнавач Сергеј Скрипал и неговата ќерка за малку ќе умреле откако биле изложени на силен нервен отров дизајниран во поранешниот Советскиот Сојуз, наречен Новичок.

Фотографии од Чепига и Мишкин претставени од чешката полиција
Фотографии од Чепига и Мишкин претставени од чешката полиција

Британските полициски служби подоцна идентификуваа двајца Руси како виновници за труењето, што исто така резултираше во случајна смрт на една Британка. Тие мажи подоцна беа идентификувани од Белингкат, а подоцна и од американски и британски официјални лица, како членови на единицата 29155, истата единица во која се верува дека припаѓаат многу од наводните агенти на ГРУ кои патувале во Бугарија.

Чешката полиција издаде налог за апсење на двајца Руси кои имаат исти имиња како и двајцата кои се бараат во Британија за труење на Скрипал, а фотографиите што ги објави чешката полиција се истите што ги користат и Британците. Во февруари 2019 година, бугарските истражители повторно ја отворија својата истрага за труењето со Гебрев.

Тогашниот главен обвинител Сотир Цацаров рече дека осомничен руски разузнавач поврзан со труењето со Скрипал се наоѓал во Бугарија во април 2015 година. Гебрев подоцна им соопшти на обвинителите дека има причина да верува дека супстанцата што се користела врз него можеби била слична на Новичок.

Емилјан Гебрев, бугарски бизнисмен
Емилјан Гебрев, бугарски бизнисмен

Во интервју за РСЕ во февруари 2019 година, Гебрев не ја именуваше Русија конкретно како виновник за труењето, но тој рече дека извештаите за вмешаност на руски агент не го изненадиле. Во декември, бугарските власти изјавија дека нивната истрага за труењата е насочена кон петмина наводни агенти на ГРУ, а следниот месец тие обвинија тројца Руси во отсуство. Обвинителите ги идентификуваа тројцата според нивните псевдоними; неколку дена подоцна, Белингкат ги идентификуваше нивните вистински идентитети користејќи протечена руска база на податоци за персонал.

Експлозиите во Врбетице

Единицата ГРУ 29155 беше специјално именувана од чешкиот премиер Андреј Бабиш на вонредната прес-конференција на 17 април на која тој ја обвини за учество во барем една од експлозиите на складиштето на оружје источна Чешка во 2014 година.

Муницијата е поврзана со Гебрев, кој наводно договарал продажба со Украина, бидејќи тамошните службеници барале зајакнување на нивните вооружени сили. Гебрев ги негираше тие обвинувања.

Путин се закани со одговор на странските провокации

Врвен поранешен украински разузнавач потврди дека Украина во тоа време работела со бугарски дилер на оружје. Тодор Тагарев, поранешен бугарски министер за одбрана, рече дека чешките откритија и новите податоци за агентите на ГРУ во Европа апсолутно бараат нова истрага за бугарските експлозии.

„Индустријата за вооружување е опасна, има несреќи. Но, производствените процеси се структурирани на таков начин што во случај на несреќа има минимални штети и последици. Меѓутоа шест експлозии за помалку од две години, веќе станува многу сомнително“, изјави Тагарев за РСЕ, додавајќи:

„Знаејќи какво е руското влијание во Бугарија, кои се руските интереси и како нашата политика за продажба на оружје и реекспорт понекогаш се коси со руските интереси, не ми изгледа нелогично дека имало мешање“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG