Достапни линкови

Дилема-постојните вакцини против ковид-19 наскоро нема да бидат доволни


Илустрација
Илустрација

Дваесетина еминентни светски виролози и епидемиолози сметаат дека поради мутациите на коронавирусот, на човештвото за една година ќе му требаат нови модифицирани вакцини против ковид-19. Од друга страна, дел од научниците, пак, вели дека мутациите не влијаат на ефикасноста на вакцините

Вакцините против ковид-19, кои сега се користат, за една година може да престанат да делуваат поради мутациите на вирусот, покажало истражување направено во 28 држави и во кое ичествувале 77 епидемиолози и вирулози. Две третина од овие стручни лица кажале дека човештвото на располагање има „година или дури помалку пред овие вакцини да станат неефикасни и најверојатно ќе бидат потребни нови или модифицирани вакцини“. Додека пак секој осми вели дека мутациите на корона вирусот не можат да влијаат на ефикасноста на вакцините , пренесува Си-Ен-Би-Си.

Истражувањето беше објавено во вторникот на 30 март под водство на Советот за народни вакцини (Народна алијанса за вакцини), меѓународни коалиции со повеќе од 50 организации вклучувајќи ja и Африканската алијанса, Оксфам и (Програма на Обединетите нации за ХИВ / СИДА) и кампања за еднаков глобален пристап до вакцините против ковид-19. Повеќето експерти, скоро 90 проценти од нив, изјавија дека слабиот пристап до вакцини во многу земји ќе ја зголеми веројатноста за појава на резистентни мутации.

Алијансата за народни вакцини предупреди дека, според сегашната стапка на глобални програми за вакцинирање, само 10 проценти од луѓето во повеќето сиромашни земји ќе бидат вакцинирани во следната година. Ваквата слаба масовна вакцинација ќе создаде услови за појава на нови мутантни соеви на вирусот, отпорни на првата генерација на вакцини.

Видео прилог - Како мутира коронавирусот?


Политика, економија и мутации на вируси

Алијансата повика на укинување на монополот на фармацевтските компании и споделување на технологијата преку Светската здравствена организација (СЗО) со цел да се зголеми производството и да се овозможи поголем пристап до вакцините.

„Колку повеќе вирусот циркулира, толку се поголеми шансите да се појават мутирани варијанти, што може да доведе до постоење на неефикасни постоечки вакцини. Во исто време, сиромашните земји остануваат зад себе без вакцини и основни медицински материјали како кислород“, изјави Деви Сридхар, професор по јавно здравје на Универзитетот во Единбург.

„Како што научивме, вирусот не познава граници и држави. Треба да вакцинираме што е можно повеќе луѓе, насекаде во светот, што е можно побрзо. Зошто да чекаме и да гледаме наместо да се справиме со ова?“, додава Сридхар.

И Грег Гонсалвс, вонреден професор по епидемиологија на Универзитетот Јеил, ја повтори итноста на глобалната вакцинација.

„Со милиони луѓе ширум светот заразени со вирусот, се појавуваат нови мутации секој ден. Понекогаш тие наоѓаат нишка што ги прави поспособни од претходните. Овие „среќните“ варијанти можат да бидат поефикасни во пренесувањето и потенцијалното избегнување на имунолошкиот одговор на минатите соеви. Ако не ги вакцинираме луѓето ширум светот, останува простор за повеќе и повеќе мутации. Овие мутирани варијанти може да бидат и варијанти што би можеле да ги избегнат нашите постојните вакцини и бараат зголемени дози за да се справат со нив“, изјави Гонсалвс.

Ковид 19: Една година од прогласувањето глобална пандемија
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:17 0:00

Тој додава и дека сите имаме личен интерес да се осигуриме дека секој ширум светот, без разлика каде живее, ќе има пристап до вакцини против ковид-19.

И покрај ова , „богатите земји застанаа во одбрана на монополот на фармацевтските гиганти, што значи дека глобалните залихи се вештачки заштедени, а повеќе компании одлучуваат кој ќе живее, а кој ќе умре“, посочуваат експертите од оваа група.

На почетокот на март, богатите земји го блокираа предлогот за откажување од правата на интелектуална сопственост за вакцините против ковид-19. Алијансата за народни вакцини ги повикува да ја преиспитаат оваа одлука кога во април ќе продолжат разговорите во Светската трговска организација на оваа тема.

Пандемски договор за надминување на јазот

Сепак, повеќе од 20 лидери и СЗО повикаа на глобален договор за пандемија што ќе му помогне на светот подобро да се справи со идните пандемии работејќи поблиску и заедно, надминувајќи го национализмот и изолационизмот, признавајќи дека постојните механизми не се доволни за големи здравствени кризи .

Целта на договорот ќе биде да се осигура дека информациите, вирусните патогени микроорганизми, пандемиската технологија и производите како што се вакцините се споделуваат брзо и подеднакво меѓу земјите во светот.

„Времето за дејствување е сега. Светот не може да си дозволи да почека додека не заврши пандемијата и да започне да ја планира следната“, кажа шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус на 29 март.

Досега во светот се разиени и тестирани неколку вакцини против ковид-19 и одобрени за итна употреба . Трите вакцини што се користат во моментов на Запад - од Модерна, Фајзер-БиоНТех и АстраЗенека и Универзитетот Оксфорд - се произведуваат претежно во САД, Велика Британија или во Европската унија, додека Кина и Русија имаат развиено свои вакцини.

Времето е суштински фактор

Времето е од суштинско значење кога станува збор за спасувачки имунизации, е заедничко гледиште на експертите. До први април, пандемијата на корона вирусот зарази над 129 милиони луѓе во светот ,а над 2,7 милиони ја изгубија битката со оваа болест. Според последните податоци, повеќе од 73 милиони луѓе, пак се водат како оздравени.

Ширењето на повеќе заразни (а во некои случаи и потенцијално посмртоносни) верзии на вирусот што се појави во втората половина на 2020 година ја направи трката за вакцинирање на што повеќе луѓе горлива тема за дискусија.

Производителите на вакцини веќе објавија дека развиваат зголемени дози за да се справат со верзиите на корона кои станаа подоминантни, особено оние први кои беа откриени во Велика Британија, Бразил и Јужна Африка.

XS
SM
MD
LG