Достапни линкови

За кого недела ќе биде неработен ден?


Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Деновиве се очекува финализирање на предлогот недела да биде прогласен за неработен ден, имплементација е предвидена за септември. За предлогот незадоволни се и работодавачите и синдикатите. За едните не е време за ваква мерка, другите реагираат за исклучените дејности. Каков ќе биде ефектот од ваквото законско решение?

Недела традиционално е неработен ден за работниците во многу земји. Но, во капиталистичките општества, каде цените и производството на слободниот пазар ги диктираат приватни компании и корпорации, работниците во многу области работат и за време на викендите.

Во Македонија овој економски систем е воспоставен веќе три децении, па така работници вработени во дејностите како трговија, угостителство, туризам, градежништво и други, работат и по седум денови во неделата и поради тоа немаат доволно време да му посветат на своето семејство или на социјалниот живот. Некои работници за тоа добиваат паричен надомест, но некои не.

Владата во својата програма вети дека денот недела ќе биде неработен со цел унапредување на правата на работниците во Македонија. Сепак, во изминатиов период, претставниците на власта најавуваат дека во конечното законско решение бидат исклучени работниците во одредени дејности.

Некои од последните најави на Министерството за труд и социјална политика се дека е направена листа од 36 дејности кои треба да работат во недела. Но, некои од последните реакции во јавноста ги предизвика премиерот Зоран Заев кој изјави дека трговските центри треба да работат во недела, бидејќи ако не биде така граѓаните од земјава ќе оделе во Косово и во Србија. Сепак, тој рече дека ресорните министри ќе го утврдат најдоброто решение.

Каков ќе биде ефектот од законот?

Во јавноста за најавената мерка се отворија повеќе прашања. Меѓу нив и за тоа дали и колку законот ќе има ефект доколку бидат исклучени работници од одредени дејности. За некои, пак, се отвора дилема дали ако недела биде неработен ден за сите работници, работодавачите во одредени дејности ќе отпуштат работници.

Претставници на синдикатите велат дека овие „закани“ им се познати и сметаат дека тие не се реални, додека според работодавачите, постојат шанси некои работници да останат без работа доколку недела стане неработен ден за сите.

Според Иван Пешевски – претседател на Синдикатот за градежништво при Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), оние работодавци кои сакаат да отпуштат работници, тоа ќе го направеле и претходно. Пешевски вели дека ја немаат листата со дејности кои ќе работат во дендела, додавајќи дека ССМ нема да се согласи со толкав број на исклучени дејности, бидејќи сметаат дека во таа листа треба да бидат само оние кои мораа да работат во име на граѓаните, како полиција, армија, брза помош, пожарна.

„Сѐ друго што мора да работи како тешка индустрија да си добие зголемена дневница за 150 проценти, а пак сите останати да одмараат како ден на неделен одмор, недела и плус уште еден друг ден во неделата“, вели Пешевски.

Во однос на предложениот текст, Пешевски вели дека имале доста недоразбирања со претставниците на власта и на работодавачите, бидејќи како што потврдува, првичната идеја била недела да биде неработен ден за луѓето да можат да се одморат, а не за трудот да им биде платен. Ставот на ССМ бил недела да биде работна само за дејностите каде тоа е неопходно и за тоа работниците да добијат зголемена дневница, но не и за работниците кои на пример работат во трговија на мало или во казина.

„Голем дел од работниците работеа во недела, а не им беше исплаќано затоа што немаа ниту колективни договори, ниту синдикални организации. Затоа како Сојуз на синдикати на Македонија сметавме дека тие луѓе треба да си одморат во недела, затоа што на нив не им беше проблем да земат поголема дневница во недела, туку со семејството да си седат дома како во некое минато време кога работникот одмараше“, вели Пешевски.

Тој додава дека Министерството за труд и социјална политика „толку“ ја проширило листата на дејности кои ќе работат во недела, како на пример и во трговијата на мало во шопинг моловите, што според него тоа не е логично во „ниту една смисла“ и дека е неприфатливо за ССМ.

Работодавачи- Не е време за ваква мерка

Според претседателот на Конфедерацијата на работодавачи Миле Бошков, оценува состојбата околу актуелниот предлог, во моментов не е соодветна за бизнисот, економијата и социјалната состојба, како што вели, и поради поради пандемијата и поради генералната економска состојба.

„Ние не сме во можност да издржиме да не работиме уште еден дел од во неделата. Од друга страна, сега кога се појави иницијативата на крупниот капитал, на големите инвестиции, тогаш почна да се размислува како да се изведе оваа состојба, па апелиравме дека не е моментот добар и дека ние не се наоѓаме во една таква социо-економска положба за да можеме да прифатиме или издржиме една ваква состојба“, вели Бошков.

Тој додава дека на последниот економски-социјален совет се согласиле за работниците во недела да добиваат дополнителни 50 проценти од дневницата.

„Одлична мерка за да се поттикне и работата во недела и работниците да земаат повќе пари“, вели Бошков додавајќи дека „ова можеби требало да се случи во некое подобро време во кое ќе бидат „посигурни работните места и платите.“

„Тешко дека ова системски ќе може да се спроведе и да кажеме дека работниците извојувале уште еден подобар бенефит во Македонија за своите работнички права, егзистенцијата, дружбата со семејството и т.н.“, вели Бошков.

По завршувањето на разговорите меѓу бизнисот, синдикатите и власта се очекува јавноста да го види целосниот текст на Предлог-законот кој потоа треба да го усвојат и пратениците во Македонското собрание.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG