Достапни линкови

За неработна недела три месеци се чека одлука од државата


Илустрација. Продавница.

Одлуката за неработна недела која во ноември ја вети владата не е на сила. Доцнењето е поради различни размислувања во институциите за кои области да важи одлуката. Од синдикатите бараат неработна недела да има и за трговијата, а од финсии рекоа дека малопродажбата треба да не затвора во недела.

Билјана Манева од Скопје е продавачка во приватна колонијална продавница каде работи 28 денови месечно. Во договор со нејзината колешка таа има право на две слободни недели во месецот.

Нашата соговорничка има впечаток дека државата не обрнува внимание на обичните луѓе, лута што и натаму продолжува толку многу да работи во викендите, иако уште во ноември владата најави дека ја прифатила иницијативата на дел од синдикатите, за воведување на недела како неработен ден.

"Со нетрпение го очекувам ова. 30 години работам во трговија и немам ни делник ниту празник, недела сакам да бидам со семејството. Во нашиот дуќан има двајца вработени. Една недела работи колешката, една јас. Јас само двапати во месецот сум дома" вели Билјана.

Таа нагласува дека не може да се опорави од исцрпувачката работа ниту ако добие повисока дневница за работа во недела, како што предвидува и сега законот, кој пак малку се почитува. Билјана ни кажа дека секој ден оди на работа уморна, а се враќа уште поисцрпена во понеделник. Дополнува дека работно време во трговијата и го уништува семејниот живот и социјалниот живот зашто нема време ниту за семејството ни за пријателите.

"Јас сум родител, сопруга. Ниту одиме некаде ниту некој ни доаѓа , ниту имам време за семјството. Не ми треба ни двојна ни тројна дневница, ми треба само слободен ден, јас сум з а слободен ден, се друго е манипулирање на законот" вели Билјана.

Ветено и се уште не исполнето

До нејзиниот коментар доаѓа откако пред три месеци Владата најави дека недела наскоро треба да стане неработен ден во согласност со новото законско решение кое Министерството за труд и социјална политика требаше да го изработи за 15 денови.

Воведување на неработна недела го побараа дел од синдикатите, а тоа беше и едно од ветувањата во изборната програма на владата која кажа дека цел на промената е да се унапредат правата и положбата на работниците.

Но и натаму не стана појасно кој дејности ќе бидат исклучоци, а кои ќе бидат опфатени со законското решение.

Од министерството за труд и социјална политика ни рекоа дека сеуште се во тек согледувањата на можни решенија со цел најсоодветно да се подготви законско решение каде што недела треба да биде неработен ден.

"Ова е заради обезбедување на непречено функционирање на дејностите во државата за кои што е потребно да работат во недела", се наведува во одговорот на ресорното министерство од каде повторуваат дека користење на неделен одмор на работникот, е решено и со досегашното законско решение односно на работникот му е гарантирано правото на неделен одмор." А доколку постои злоупотреба, истото треба да се пријави во Државниот иннспекторат за труд" се вели во одговорот на МТС.

Од Владата ни рекоа дека доцнењето на одлуката е поради тоа што во институциите, а и меѓу некои синдикати, се појавиле различни гледања за тоа кој да биде опфатен со решението.

ССМ: Предлогот од МТСП не е во прилог на „недела неработен ден“

Иван Пешевси заменик претседател на синдикатот за градежништво ,меѓутоа, потенцира дека не е добро што Владата реагира исклучително споро на инцијативата на дел од синдикатите. Синдикатот бара недела да биде неработен ден за сите освен за армијата, војска или фабрики кои не може да го прекинат производството. Во дејностите за кои дејноста налага работа од 24 часа Пешесвки вели дека е во ред да има дежурни, но тие вработени да добијат многу повисока дневница

"Се одолговлекува многу работата. Притискаме од секој апсект, зашто од кога беше најавено досега реално требаше одамна да влезе во сила, а и понатаму гледаме се работи во недела за нормална дневница. Министерката препорача таа да ја направи листата кој да работи, кој не, но ние остро се спротивставивме, зашто сите сме паметни и знаеме без што не може државата – армија, полиција, пожарна, брза помош такви дејности. Но на трговија, градежништво и некои индустрии недела треба да им биде неработен ден. И сега наверојатно тоа ги докомплициара работите и велат дека гледаат да не се направи дискриминација за некои дејности, но тука нема никаква дискриминација" вели Пешевски од ССМ.

Но, од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) имаат поинакво гледиште во врска со предлогот за прогласување на недела за неработен ден. Тие предлагаат недела да биде ден за одмор, а секоја работа во недела да се пресметува како прекувремена работа и да се исплаќа дневница зголемена за 50 отсто.

Потврда дека има различни гледишта во институциите дојде и од министерот за економија, Крешник Бектеши кој неодамна кажа дека секторот туризам и угостителство треба да работи и во неделите, за да привлечат поголем број на туристи во земјава. Дополни дека во делот на големопродажбата од секторот трговија би можеле да направат измени но не и во малопродажбата.

Осврнувајќи се на такавите размилсувања, Пешевски пак, вели дека ако државата им мисли добро на вработените, тогаш крајно време е да ја воведе неделата како неработен ден во области кои не се од егзистенцијално значење.

Според оценката на Пешевски oд ССМ сегашната распределба на работното време со минимален број на слободни денови штетно делува на семејството и животот на вработените особено на оние во трговијата, градежништвото и во некои индустрии.

"Пример, се кажува трговија на мало да работи. Што е трговија на мало? Дали и "Сити мол" е трговија на мало. Што нужно зло е да работи и "Сити мол" и тие работници во недела. Ние бараме оние без кои не може државата, да работат и тоа да им се плати со повисока дневница.Но, има и многу злоупотреби во чевларската, кожарската индустрија, во градежништвото и особено во трговијата, нема да пропадне ништо ако тие вработени се тој ден дома со семејството, тој ден да си се одмори работникот, а не да му биде нему недела во вторник или среда кога ништо не може да заврши" вели Пешевски од Синдикатот за градежништво.

Воведувањето на неработна недела во јануари лани побараа од невладината организација „Гласен Текстилец“ потикнати од истражувања и согледувањето дека има многу поплаки за прекувремена работа или неплатен труд на вработените . Такви оговори добиле особено од вработени во текстилната индустрија, моловите, и градежништвото. Кристина Ампева од Гласен Тестилец и натаму во прв план ја истакнува потребата и интересите на вработените во приватниот сектор во делот на текстилната индустрија и трговијата да биде затворен во недела.

"Комуникацијата во Министерството за труд и социјална политика продолжува. Побараа мислење од нас за недела неработен ден. Ние подразбираме дека недела како неработен ден значи неработен ден . Но, се уште не гладам поместување. И дел од синдикатите не мислат како нас, што не е во ред. А три децени вработните од приватниот сектор не се знае кога се а кога не се на работа зашто нема евиденција", вели Ампева.

Неделата во традиционалната култура во Македонија се сфаќа како неработен ден кој е наменет за јакнење на семејните и пријателските односи.

Воведувањето на недела како неработен ден во области кои не се од егзистенцијално значење се последица на забрзаниот начин на живот и потрошувачкиот менталитет кои се случија во последната декада од 20 тиот век, а кои потоа незабележително станаа составен дел на животот.

Продавачката Билјана Манева вели дека моменталното количината на прометот не зависи од тоа кога нешто се продава, туку и дали потрошувачот има пари тоа да го купи.

"Имам 52 години, се секавам во поранешната држава Југославија работеша само самопослугата на Славија во трговскиот центар и се си функционираше. Ние сега чекаме во недела некој да влезe да купи лижавче или некоја друга ситница. Немаат луѓето пари да купуваа, џабе е да работиме и во неделите кога нема промет." вели Билјана Манева од Скопје.

Иако и во земјите од регионот постојат иницијативи да се забрани работата во недела тоа досега го направи само Црна Гора. Во оваа држава пред две години на сила стапија законски измени со кои се регулира ова прашање.

Многу држави во Европа ја имаат ограничено работата во недела но имаат правила кој може, а кој не може да работи во недела и под кои услови.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG