Достапни линкови

Мотеска со метафора на нашиот живот во Национална галерија


Моника Мотеска - плакат за изложбата „Везење во камен“ во Национална галерија
Моника Мотеска - плакат за изложбата „Везење во камен“ во Национална галерија

„Везење во камен“ е насловен мултимедијалниот проект на уметницата Моника Мотеска, што од 2 до 22 декември годинава е изложен во Националната галерија, во објектот Чифте амам во Скопје. Во своите нови потраги таа им се „навраќа на корените, на родниот Прилеп“.

За „Везење во камен“ на Моника Мотеска, непосредно по отворањето на изложбата, еден од нејзините колеги уметници искрено ќе кликне на социјалните мрежи „ова е проект што мора да се види“. И, безмалку со тоа го прави вистинскиот вовед за поставката што од 2 до 22 е реалност за Националната галерија, чија агилност е бележита веќе неколку години наназад на радост на поклониците и љубителите на уметноста.

А, кога сме веќе тука прво и основно е тоа што, како што појаснува Ана Франговска, виш кустос и куратор на проектот, мултимедијалниот проект „Везење во камен“ на Мотеска е слика и прилика на најновите потраги на уметницата. Станува збор за комплексна инсталација која го анимира целиот простор на Чифте амам, а се состои од неколку независни, но и меѓусебно поврзани визуелни дела во различен медиум, од најкласичните цртежи-слики, преку просторни реди-мејд објектни скулптури/инсталации, па се до видео и звучни дела/инсталации.

фото: Роберт Јанкулоски

Преку нив Моника Мотеска ја покажува „својата ликовно-концептуална вештина пред се во класичните форми на визуелно изразување, а потоа и во предизвиците кои ги нудат т.н. ново-медиумски дисциплини, во кои до израз доаѓа вештината за концептуално промислување, за манипулирање на простор, за реинтерпретација на реди мејд објекти и нивно ставање во нова функција, за звукот, движењето, кадрирањето, сензацијата, играта на светло-сенка ...“.

Самиот концепт „Везење во камен“ и најголем дел од посебните елементи на изложбата се своевидно враќање на корените, на нејзиниот роден Прилеп, на предметите од фамилијарната куќа, на приказните на бабата на уметничката, на макотрпната работа на македонскиот народ, на тутноберачите, на мермерот, на вечната борба помеѓу животот и смртта, за опстојувањето и оставањето трага. Низ рацете на Мотеска сите користени елементи добиваат нов живот, нов призвук, нова димензија, мермерот омекнува, ирисот од гробно цвеќе станува симбол на гордост и повторно радување на убавината и животот, битот на животот одекнува, поставувајќи го прашањето за симболиката на живот или на смрт, пишува Франговска.

фото: Роберт Јанкулоски

„Изложбава ја доживувам како пишување на поезија и затоа и дадов поетичен наслов „Везење во камен“. Везење во камен е матафора на нашиот живот. Многу е лесно да везеш свила, да ја прободиш иглата во ленот, памукот...но да го прободиш каменот, односно животот – за тоа е потребна посебна моќ. За тоа е потребно човечка моќ. Инаку, никогаш не го напуштив Прилеп во емотивна смисла на зборот. Таму е моето детство, а таму ќе биде и мојата последна дестинација. Посебно сум фасцинирана од пејзажот на Прилеп којшто за мене е нешто посебно, магично, диво, медитативно. Марковите кули ги нацртав во делото ,,Спасение по Бојс". Тоа е цртеж кошто е поставен на санка и обвиткан со алпинистичко јаже и е всушност еден мој апел за спас на земјата“, вели Моника Мотеска.

фото: Роберт Јанкулоски

Говорејќи за актуелниот мултимедијален проект таа со појаснување дека него го сочинуваат делата: „Замрсена игра“, „Низбрдо“, „Распетие“, „Едноумие“, „Таксидермија на инсекти“, „Спасение по Бојс“, „Везење во камен“ и „Хор на шлемови“.

„Така чепкајќи во мојот архив на мојата вистина ги разоткривам работите од кои се згрозувам, се плашам и кои се предмет на моето обожавање. Зборувам за животот и смртта. Овде би сакала да кажам збор-два повеќе и за делото ,,Распетие". „Распетие“ е всушност видеоинсталација која содржи два цртежи на ирис и видео. Видеото се кадри на напуштена фабрика. Во еден од просторите на таа фабрика кои се апокалиптични, празни, виси кука што се ниша лево десно, а од страните на оваа инсталација ги поставив цртежите на цвеќе. Всушност направив еден спој на грдото и убавото, на празното (просторот) и полното (цвеќето). Цвеќето ги отвора своите латици кои имаат форма на крст односно тоа е распнато. Со неговото отворање станува како човек којшто ги раширил рацете, станува многу ранливо“, појаснува уметницата.

Прашана за тоа колку времето во кое живуркаме, општествените услови, светската пандемија, сето ова што ни се случува влијаеше врз актуелниот проект, таа истакнува декапандемијата разбирливо силно влијаела на нејзиниот и воопшто нашиот емотивен живот, на нашата потреба за дружење... и дека таа нè направи да се чувствуваме многу ранливи“.

„Но, јас во оваа изложба не зборувам само за оваа отуѓеност туку зборувам и за едноумието, за безумието на војната и за еколошките катастрофи кои веќе станаа дел од нашето живеење. Мојата најголема желба е да заврши пандемијава и ние да излеземе морални, но и духовни победници. Да извлечеме некаква поука од сето ова, да станеме посолидарни, похумани, а подоцна да се посветиме на духовното“, смета Мотеска.

Од изложбата на Мотеска во Национална галерија
Од изложбата на Мотеска во Национална галерија

Од друга страна, таа и покрај се, како грандиозноста на „Везење во камен“, пандемијата и проблематичната поединечна мобилност во актуелниот момент...се надева дека поставката, овој мултимедијален проект, ќе си го најде својот пат до публиката во регионов и пошироко.

„Оваа изложба освен во Скопје се надевам дека ќе биде претставена и во другите музеи низ светот затоа што многу се чудни патиштата на изложбите. Некогаш некои дела по дваесет години не се прикажуваат, а потоа одеднаш доживуваат бум. Кулурата е таа која може да нè обедини, облагороди, да изгради мостови и да сруши ѕидови. Таа итекако ни е потребна во ова време на пандемија. Без неа, без уметноста се губи секаква смисла на живот и постоење“, ќе рече Мотеска.

Родена 1971 година во Прилеп, Моника Мотеска дипломирала на Факултетот за ликовна уметност - сликарски оддел во Скопје. Се занимава со сликарство, фотографија, видео и инсталација. Зад себе има 20-тина самостојни изложби во земјата и во странство, а учествувала и на голем број групни поставки од локален и меѓународен карактер. Работела и на дизајнирање на изложби и промотивни материјали од областа на старата фотографија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG