Достапни линкови

ТАТЈАНА РАНТАША: Целта е да се биде присутен и да се фотографира


Татјана Ранташа
Татјана Ранташа

„Џезтетика“ е насловена изложбата на авторката Татјана Ранташа, што од 24 ноември до 6 декември во организација на здружението Номад-Арт Скопје, се одржува во Домот на младите во Белград. Поставката е сведоштво за актуелниот момент на жилавата македонска музичка сцена.

Фотографијата за мене значи живот, радост, целосно исполнување на нештото кое се случило, запис за визуелно паметење којшто останува да живее како слика, дури и ако не ја погледнам никогаш повторно. Всушност, ако не сум го фотографирала нештото, тоа е како да не се случило. За мене помислата да се биде на концерт, претстава, планина или патување без фотоапарат е како да треба левата рака да ја оставам дома. Во фотографиите ја внесувам целата моја емоција, енергија, внатрешен дух, начин на гледање. Мојата надеж е е дека барем мал дел од тоа се пренесува и на публиката за која тие се наменети.

Ова ќе го напише Татјана Ранташа во пресрет на нејзината фото-изложба „Џезтетика“ во Белград. Поставката е планирана како еден од настаните со кои се навестува новото 36 издание на Белградскиот џез фестивал, а и зад ова преставување на концептот на македонската уметница во соседна Србија стои здружението Номад-Арт Скопје, кое првично ја подготви и во 2018 година и ја прикажа во Кинотека на Македонија на фестивалот „Скопје синема сити“.

„Џезтетика“ - изложба на авторката Татјана Ранташа
„Џезтетика“ - изложба на авторката Татјана Ранташа

По две години, авторката на публиката и нуди 35 црно-бели фотографии од различни генерации македонски музичари снимени во изминатите 15 години, инструменталисти како Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Тони Китановски, Мартин Џаконовски, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Џоле Максимовски, Георги Шаревски, Кирил Кузманов, СЕТСТАТ и Мирко Попов, Сашо Поповски и други.

Инаку, Татјана Ранташа е фотографка со долгогодишно искуство и еден од ликовите без кои не може да се замисли мозаикот урбано Скопје. Со сценска фотографија се занимава безмалку две децении и присутна е безмалку на сите значајни манифестации и фестивали. Редовно учествува и е наградувана на домашни и меѓународни изложби, а добитник е на прва награда за фотографија на Деновите на македонската фотографија и носител на престижната награда „Благоја Дрнков“. Досега самостојно изложувала и на фестивалот БОШ, Гевгелија.

По две години од првичната поставка на Скопје синема сити во Кинотека, твојата „Џезтетика“ е изложена во белградскиот Дом на млади како предвесник на тамошниот 36-ти Џез фестивал. Што значи ова за авторката која од поодамна ја практикува „сценската фотографија“?

Големо признание за она што го сакам и работам, но од друга страна едно нестварно случување кое се оDвива таму некаде и супер е што го има, ама како само по себе, како немое. И првата изложба помина без да ја видам, бидејќи се отвори кога мојот син наполни еден ден, сега оваа исто така поради хорор филмов Ковид19 кој го живееме, па јас обете можам да ги доживеам само преку раскажување и по некоја фотографија. Самото тоа што лично не сум присутна, ги претвора во приказна, а не реално доживување.

Џијан Емин, фотографија од изложбата на Ранташа
Џијан Емин, фотографија од изложбата на Ранташа

Веќе претставениот концепт е збогатен со 10 новонастанати фотографии од македонските престижни манифестации, Скопскиот џез фестивал, Оффест...што секако заокружува една благородна идеја за претставување на живата македонска пулсирачка и не само џез сцена и нејзините најистакнати претставници каде и да патува „Џезтетика“. Од таму ли тргна првичната, органската замисла?

Секој кој нешто работи сака да го покаже резултатот, да добие некакво признание за тоа. Јас напротив, како хрчак само потпикнувам по фолдери, хард дискови. Ненамерно, се е некако, чекај не денеска, утре, а утре ќе дојдат нови фотографии и нови концерти и сето така во бескрајот. Затоа сето ова немаше да се случи да не беше поттурнувањето од страна на Ненад Георгиевски кој дојде на идеја да се направи моја изложба на отворањето на фестивалот Скопје Синема Сити 2018.
Идејата да бидат само македонски автори ми се допадна, бидејќи не се промовирам само себеси, туку и нив. Иако, морам да признаам дека е многу тешко да ги уловиш за сликање...

Од каде потребата кај Татјана Ранташа за сценска фотографија? Како влезе таа воопшто во светот на фотографијата, како се развиваше и колку во меѓувреме ги менуваше сопствените предубедувања за фотографијата, за уметноста?

Од начинот на живот, на растење. Сите одеа по кафулиња, ние одевме по театри, на Скомрахи, МОТ, по концерти, во Кодекс, МКЦ, се прекачувавме преку прозор во Универзална на Џез фестивалот. Дури и бегавме од часови во средно за да не се пропуштат утринските филмчиња во Кино „Бамби“... претставите на Скомрахи. И некако природно на сето тоа си се надоврза фотоапаратот кој постојано го влечев со мене. Првин „Практика“, па по џебови шетав филмови случајно да не ми стигнгне оној што сум го ставила во апаратот, а после и првиот поозбилен дигитален „Фуџи“ кој брат ми ми го донесе од Америка. Ехехееее радости!
Неможам да кажам дека се менувале преубедувањата, повеќе сум се менувала самата. Сум растела, се менувала фото опремата, ама самиот извор за фотографрање, оној во душата кој ми ја носи радоста е уште истиот. Дури можам да кажам дека целта не е фотографијата, туку да се биде присутен и да се фотографира.


Што размислува, во кој свет чекори додека фотографира Татјана? Дали однапред се подготвува за чинот на фотографирање или му се препушта на моментот? Колку притоа живее со она што се случува на сцената или музиката и останува само како фон на брзината на мислата и реакцијата?

Сум имала обиди да седнам и разгледам по интернет кого треба да фотографирам, ама тоа најчесто предизвикало погрешна потреба да се обидам да уловам нешто што сум го видела. Затоа оставам да се изненадам и да ме понесе моментот. Некогаш позитивно и потоа им се радувам на фотографиите, некогаш негативно и сите ќе испаднат ќумур, ама таков е и животот.
Кога си со фото апарат обрнуваш внимание на некои други работи. Каде е светлото, како се свртил, ќе можам ли да го фатам репетитивното движење со раката, да не штракам многу гласно... Но најчесто оставам да ме понесе и музиката, да заиграм и запеам. Предноста на фотографот е што е веќе во првиот ред и, поготово на рок концерт, тоа е уживање само по себе ако си фан на бендот.

Со оглед на засиленото присуство во уредувањето на порталот www.plagij.at, на рок фестивали, на случувањата на независната сцена... може ли да се очекува Ранташа да се „осмели“ да ја проветри убаво својата архива. Да понуди и различен фотографски концепт. Конечно, за каква изложба сеуште сонува под услов да живее и твори не во идеални, туку слободно речено „подносливи“ предуслови за тоа?

Ууух тоа би било прекрасно. Да извлечам некои фотографии, од овој агол смешни, од последниот концерт на ЕКВ во Охрид, од почетоците на некои наши бендови или од луѓе кои се денеска некое познато име (па да ме линчуваат ) Не ми недостасуваат фотографии, туку време, за жал. Можеби и малце храброст.

Во главата на секој фотограф постојано се врти онаа мисла дека би било убаво, иако е тоа нели „скап спорт“, своите фотографии да ги има собрано во еден концепт кој би бил заокружен и ставен меѓу тврди корици. Да има сопствена фото-книга. Условно земено како онаа на еден Жига Коритник или нашиот Боро Рудиќ... Што себе си пожелува Татјана Ранташа во тој поглед. Ќе смогне ли сили за таква една „авантура“?

Како прво, се вцрвив уште на читањето на имињата. Имам јас мнооооогу леб да јадам и пак најверојатно нема да ги стигнам ни Жига ни Боро.
Да, би било убаво да се заокружи целата работа со некоие книжуле. Со некој доказ на постоење и се надевам дека тоа ќе се случи. Само без вакви споредби те молам.

Наспроти, манифестациите, наградите, изложбите... колку кај нас е оставен простор за животот на фотографијата со оглед на тоа дека весници и магазини речиси и да нема, во книгите како таа да е „набркана“ а малку, дури и премалку се сајтовите кои ја претпочитаат нејзината естетика во сопствениот концепт?

За жал кај нас фотографијата е многу малку вреднувана. Скоро е невозможно да продадеш фотографија како уметничко дело, се ценкаш за било кој ангажман бидејќи “што ќе ти е фотограф, внук ми ќе го пратам со мобилниот, ќе исфотка”. Од друга страна опремата е скапа, бара одржување. Затоа најчесто и ги гледаме само фотографиите од оние кои спијат со апаратот, кои фотографираат првенствено за себе. (нема да ги набројувам, нема посуетно од фотограф, не дај боже да пропуштам некој).

И, за крај нешто навидум едноставно – црно-бела или колор фотографија? Дигитална или печатена? И, нормално зошто?

Се си има свое. Ако е портрет, најверојатно би го направила црно-бел, ако треба да доловам атмосфера, ќе го оставам да заблеска преку боите. А сепак, ни тоа не е правило. Не преферирам ниту едно, ниту друго.
Истото важи и за медиумот, ако е дигитална, лесно ќе ја споделиш и многумина ќе видат; ако е печатена, тогаш некому си му ја посветил, да биде само негова...
Секое си има свое значење и потреба во дадениот момент.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG