Достапни линкови

Илиевски со фотоизложбата „Осамени, а вечни“ во Кавадарци


Љупчо Илиевски
Љупчо Илиевски

„Осамени, а вечни“ е насловена изложбата на македонскиот мајстор на уметничка фотографија Љупчо Илиевски што од 2 декември се одржува во Галеријата на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци. На неа авторот овојпат претставува серијал од фотографии тематски врзан за крстовите.

По снимањето на мегалитската опсерваторија Кокино од кое освен на грандиозната изложба фотографиите се најдоа и на страниците на српското издание на престижното специјализирано списание за фотографија „National Geographic“, 11 годишната обземеност од лустерот во Офицерскиот дом која финишира со голема мултимедијална поставка, претставувањата на театарска фотографија... Љупчо Илиевски, еден од најистакнатите македонски фотографи од средната генерација кој негува специфичен, уметнички стил и остава силен авторски печат еве го со нов проект.

Овојпат, тој во Галеријата на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци од 2 декември па во наредните две недели по прв пат го претставува својот серијал од фотографии тематски врзан за крстовите.
За ваквиот потег писателот Венко Андоновски, кој долги години го следи творештвото на фотографот, во текстот за каталогот насловен како „Очовечениот крст на Љупчо Илиевски“ пишува: Треба многу уметничка храброст човек да се зафати со она со што се зафатил првенецот на нашата уметничка фотографија (или поточно, фото-поезија), маестро Љупчо Илиевски: серијал уметнички фотографии за крстови. „Да фотографирам крстови?! Па сите се исти!“ би била реакцијата на обичниот фото-уметник.
Потем во анализата тој ги набројува пречките кои се исправиле простум пред уметникот за да едноставно констатира дека Илиевски е мајстор.
Тој гледа слобода дури и таму кадешто никој друг не ја гледа, и затоа е голем уметник. Тој не бега од овие три пречки: големиот уметник и е голем затоа што совладува навидум несовладливи пречки, па невозможното го прави возможно. И затоа имате: крст што изгледа како да изнурнува од земјата во која бил закопан (сјајна метафора за Воскресението човеково). Навален гроб на кој крстот стои и не паѓа (сјајна метафора за тоа дека секој човек носи свој крст па сепак не паѓа, без разлика колку е животот „крив“ и тежок). Имате кај Љупчо и генијален крст од гроб „на угорнина“, па крстот личи на човек кој се качува кон дрвото (сјајна метафора дека животот е качување нагоре, кон небесното царство и кон дрвото како централен симбол на рајот од кој некогаш сме биле избркани). Потоа: два крста, едниот поголем (машки), а другиот помал (женски), како изнурнуваат од земја, зашто љубовта е Воскресение самата по себе, забележал Андоновски.

Конечно, писателот заклучува: Она што е фасцинантно е: кај Илиевски крстот, кој е симбол на Спасителот, кажува секогаш исто - крстот е човек. Ако крстот е човек, а Спасителот пострада на крстот, не само што спасителот пострада за човекот, туку пострада за да му каже дека и тој е бесмртен. Оваа човеколикост на крстот и оваа бесмртност на човекот се темелните пораки на овие мали ремек-дела.
Што да се каже? Пред крстот и Бога човек може само да се прекрсти и помоли, а пред маестро Илиевски само да се поклони и да рече: браво маестро!

А, по ваквите убави зборови уметникот со појаснување дека него „отсекогаш на себе својствен начин го привлекувал крстот како симбол“.

Замислете, една вертикала споена со една хоризонтала создава ерупција од чуства. Како тоа? Во еден миг ве тера да сте радосен а во друг тажен. Или ви предизвикува радост, а потем тага. Или пак во еден миг ве прави голем и возвишен, а потоа влегувате во друга ситуација, каде се чуствувате мал и ништожен. Е, тоа е совршенството на овој симбол. Посебно (или особено) ме привлекуваат старите крстови, во кој е вложено многу љубов и труд. Поседуваат убава орнаментика макотрпно исклесана во каменот. Знам дека за тоа е потребно многу знаење и дарба, за да се создадат такви ремек дела. Од друга страна пак, металниот крст на Водно кој полека но сигурно се наметнува да прерасне во симбол на градот, обидувајќи се да доминира низ облаци,зајдисонца,... Тоа величество сè ќе стори да привлече внимание...., вели Љупчо Илиевски.

Прашан за тоа како ги бира „темите“, тој со појаснување дека „всушност тие го бираат него“.
Понекогаш е тешко човек да се анализира себе си, особено да зборува за својата креативност и „реалност“...
Во принцип темите ниту ги барам, ниту ги бркам. Потсвеста си го прави своето. Чудно, но вистинито тие ме пронаоѓаат мене.
Затоа многу му верувам на инстиктот, не брзам со одлуките, но, би рекол маратонски се посветувам на темата сè додека не го завршам циклусот во целост.

Инаку, роден на 30 јули 1955 во Прилеп, Љупчо Илиевски со фотографија се занимава од 1980 година. Во еден период бил соработник во ТАНЈУГ, најголемата и највлијателна државна новинска агенција во поранешна Југославија, а од 1987 е вработен во Македонската телевизија каде што
во моментов работи како камерман-снимател.

Илиевски е автор на повеќе самостојни изложби, а како член на “Фото-клуб 25“ учествувал и на повеќе групни поставки. Присутен е на повеќе филмски фестивали, а за својата работа повеќепати е наградуван. Неговиот потпис стои и под поштенските марки со тема - Теракотни икони и Кокино.

За неговите уметнички креации, кои тешко може да се избројат, критичарите ќе запишат дека „Илиевски во своите фотографии ги фиксира деталите што се најинтересни, најрелевантни, што одразуваат една цела философија и психологија на човекот, што одразуваат една цела негова внатрешна драма“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG