Достапни линкови

Димовски - Дел фирми немаат абер да ги исплатат субвенциите за плати


Димовски: Најмногу поплаки за договорите на определено време
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:26 0:00

Димовски: Најмногу поплаки за договорите на определено време

И покрај ветувањето на тие работодавачи дека ќе ги дадат субвенции за првите месеци од кризата, кога ни беше најтешко, баш напротив, се кријат, не креваат телефони и народски речено немаат абер да го направат тоа, вели претседателот на ССМ, Дарко Димовски во интервју за РСЕ

Господине Димовски, какви поплаки од работниците за прекршување на нивните права добивате за време на пандемијата на коронавирусот?

Во Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) од почетокот на здравствената криза предизвикана од ковид-19 редовното стигнуваат поплаки од наши членови, но и од работници кои не се членови во ССМ. Една од најголемите поплаки е договорот на определено време, оној договор кој кога завршува работодавачот нема обврска понатаму да го задржи работникот. Како што знаеме, тој договор на определено време може да биде склучуван најмногу до пет години и за тоа можам да кажам дека работодавачите го злоупотребуваат, односно нас работниците нè држат тие пет години во неизвесност, не сакајќи да ни дадат договор на неопределено време.

Рековте дека најголем дел од поплаките се за договорот на определено време. Го штити ли законот повеќе работодавачот отколку работниците?

Моментално законот е таков каков што е и затоа се работи на нов Закон за работни односи. Тимот во ССМ, и покрај пандемијата, редовно се среќава со Организацијата на работодавачи и Министерството за труд и социјална политика со цел да изготвиме нов Закон за работни односи во кој ќе имаме чиста ситуација, односно овие неправди кои моментално ги трпиме по основ на тој закон да бидат исправени. Една од нашите заложби, на ССМ, во новиот Закон за работни односи е токму тој договор на определено време да не може да биде подолг од една година.

Неодамна беше донесен четвртиот сет економски мерки на владата, а беа прифатени и дел од сугестиите на ССМ. Ја следите ли нивната реализација и колку навистина мерките се од помош во пракса?

Така е, ние сме активни чинители во економскиот социјален совет заедно со нашите социјални партнери – владата и работодавачите. Една од сетот на мерки кои ги предложи Сојузот на синдикати на Македонија беше субвенционирање на плати, која се движи од 14.500 до 21770 денари во зависност колку штета претрпела таа фирма или организација. За да се земе таа субвенција на плати, работодавачите се должни онаа бројка на вработени која ја имале во месец јуни да биде иста и при поднесување за таа субвенција за парична помош, тоа значи да не се отпушти ниту еден работник за да може да се користи оваа мерка дадена од владата за субвенција на тие работни места. Зошто кажувам субвенција за платите на работниците? Тоа не е плата, тоа е една субвенција од 14.500 како помош од владата, но рестото пари за кои имаме потпишано во договорот за вработување треба работодавачот да ги исплати, како и придонесите за тој работник. Значи да не дојде до забуна, едно е субвенција, друго е плата.

Дел од компаниите ја злоупотребија финансиската помош за плати. ССМ инсистираше да се објават и нивните имиња, а ќе се поднесат и кривични пријави. За колку точно кривични пријави станува збори и што е со оние работници кои не ја добија ветената помош?

Не би сакал да лиферувам со бројки. Се состана тимот од правници во Сојузот на синдикати со одреден број работници кои и покрај ветувањето на тие работодавачи дека ќе ја исполнат должноста, односно ќе ги дадат тие субвенции што биле за тие месеци, баш напротив, со жалење можам да кажам се кријат, не креваат телефони и народски речено немаат абер да го направат тоа, да ги исплатат тие субвенции за првите месеци од кризата, кога ни беше најтешко.

Целото интервју со претседателот на ССМ Дарко Димовски може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG