Достапни линкови

Вести

Тридневна жалост во Аргентина за смртта на Диего Марадона

Аргентинскиот претседател Алберто Фернандез прогласи тридневна жалост за смртта на легендарниот фудбалер Диего Армандо Марадона. Марадона почина вчера во својата куќа во предградие на Буенос Аирес од срцев удар. Тој важи за еден од најдобрите и најсаканите фудбалери на сите времиња. Марадона неодамна се бореше со здравствени проблеми и беше подложен на итна операција на хематом пред неколку недели.

Марадона успешно опериран од тромб во мозокот

Годините на употреба на дрога, прејадување и алкохолизам ја прекинаа неговата ѕвездена кариера, а Марадона беше во опасност да го загуби животот во 2000 година од срцева слабост предизвикана од употреба на кокаин. Заедно со бразилскиот легендарен играч Пеле, Марадона беше добитник на наградата ФИФА за играч на 20 век.

види ги сите денешни вести

Радев го свика новиот бугарски Парламент на 15 април

Архивска фотографија - Румен Радев на гласање на последните парламентарни избори во Бугарија

Бугарскиот претседател, Румен Радев, го потпиша указот за свикување на првото заседание на новото 45-то Национално собрание на Бугарија, на 15 април 2021 година, соопшти прес-службата на шефот на државата, јави дописникот на МИА од Софија.

Указот се очекува утре да биде објавен во вонредно издание на Службен весник. Претходно денеска Службен весник ги објави имињата на пратениците и нивната политичпка припадност во 45-тото Национално собрание, што беше клучно за бугарскиот претседател да го издаде декретот за свикување на новоизбраниот парламент.


Виско позиционираниот претставник на владеачката партија ГЕРБ, Георги Георгиев, коментира дека логиката е лидерот на партијата со најмногу гласови на парламентарните избори да треба да биде премиер. Тој, исто така, за БНТ изјави дека ГЕРБ има подготвен владин кабинет, без да споменува имиња. Електронското софиско издание „Факти“ јави дека владеачката партија во Бугарија за премиер го подготвува Даниел Митов, поранешниот шеф на дипломатијата во втората влада на Борисов, јави МИА.

Филипче: Лекувањето од ковид во приватни болници да биде до 305.000 денари

Министерот за здравство, Венко Филипче

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска на неговиот официјален фејсбук профил објави дека Владата предлага цените за лекување на ковид-пациенти во приватните болници да биде од 40.000 до 305.000 денари.

„Денеска на седница на Влада е Законот за здравствена заштита со чии измени предлагаме цените во приватните болници да бидат изедначени со референтните цени утврдени од Фондот за здравствено осигурување. Со измените во Законот дијагонстицирање и лекување на ковид пациенти предлагаме да се движи од 40.000 до 305.000 денари“, објави Филипче.

Министерот вчера најави дека со измени на законот за здравствена заштита може да се ограничат овие цени во време на криза, каква што е сега во Македонија поради пандемијата со ковид-19. Според Филипче, државата освен што има овластување да склучи договор со приватните болници преку ФЗО, може да постави и лимит за максимален износ на едно приватно лекување од Ковид 19.


„Регулирањето на цените е неопходно за да не се доведеме во ситуација приватните здравствени установи да останат недостапни за огромно мнозинство на граѓани во нашата земја. Ги повикувам сите пратеници во Собранието да дадат поддршка на оваа регулација на цените за здравствени услуги на ковид пацинети во приватните болници. Во време на пандемија од клучна важност е пратениците да го изгласаат оваа законско решение со кое цените за третман на пациенти во приватните болници ќе бидат финансиски издржливи за сите граѓани“, објави министерот.

ХК: Државјанство според европски стандарди

Илустрација - Пасоши

Хелсиншкиот комитет за човекови права (ХК) подготви правно мислење во однос на бездржавјанството, со осврт на Законот за државјанството, Законот за странците и Законот за неевидентираните лица во матичната книга на родените.

„Државјанството на Република Северна Македонија согласно член 3 од Законот за државјанство се стекнува со:1) потекло; 2) раѓање на територијата на државата; 3) природување; и 4) меѓународни договори. Анализите покажуваат дека има две главни категории на лица кои живеат долги години во Северна Македонија но немаат статус на државјанство: 1) лица кои не го уредиле статусот по распадот на СФРЈ и 2) лица кои не се евидентирани во матичните книги на родени“, стои во правното мислење.

Воедно, се наведува дека во моментот постојат законски можности за стекнување на државјанство на двете засегнати категории.


„Едноставно треба да се даде шанса на постојното законско регулирање. и до истекот на рокот на 05.06.2021 година предвиден во Законот за странците и до истекот на рокот на 30.06.2021 година предвиден во Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени (ЗНЛМКР). Се работи за временски период од три месеци во кој надлежни органи треба да покажат агилност и флексибилност во
рамките кои ги пропишува законот, да воспостават предвидлива и воедначена пракса при што навремено ќе ги споделуваат сите релевантни информации до засегнатите лица и групи. Доколку и со примената на постојните законски одредби статусот на лицата без државјанство не се уреди, тогаш државата треба да изнајде решенија за нив, во согласност со меѓународните стандарди како и законодството и праксата на Европската Унија“, стои во заклучокот од правното мислење на Хелсиншкиот комитет.

Измените на законот за државјанство се актуелни последниве неколку недели, а во тек се разговори на владата со албанските опозициски партии Алијанса и Алтернатива кои за да ја одблокираат работата на Собранието бараат измена на законот. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пред 10 дена најавија дека ќе го чекаат исходот од тие преговори, па ќе одлучат како ќе постапат во однос на прашањето за државјанствата.

Русија ги осуди санкциите на ЕУ за Иран среде „нуклеарни“ преговори

Сергеј Лавров и иранскиот претседаел Хасан Рохани на средба во Техеран (13 април 2021)

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека Москва очекува иранскиот нуклеарен договор да преживее и ги осудува санкциите на Европската унија (ЕУ) против Иран, додавајќи дека тие можат да ги поткопаат чувствителните преговори.

„Очекуваме дека ќе биде можно да се зачува Заедничкиот сеопфатен план за акција“, рече Лавров по разговорите со неговиот ирански колега Мохамад Џавад во Техеран, зборувајќи за нуклеарниот договор од 2015 година, пренесува АФП.

„Разбравме дека нашите партнери во Техеран се подготвени веднаш да се придвижат во таа насока доколку Вашингтон, од своја страна, се придржува кон договорот“, додаде Лавров.

Рускиот дипломат ги критикуваше и неодамнешните санкции на ЕУ кон Иран, велејќи дека тие покренале „огромен број прашања“, додека разговорите се насочени кон обновување на договорот за ограничување на нуклеарните амбиции на Техеран.


Во понеделникот, на 12 март, ЕУ додаде осум ирански службеници за безбедност, вклучувајќи го и шефот на моќната револуционерна гарда, на списокот санкции за нивната улога во насилното сузбивање на протестите во Иран во ноември 2019 година. Одлуката за замрзнување на имотот и забраната на визите дојде во чувствително време кога Брисел посредува во Виена за заживување на нуклеарниот договор меѓу големите сили и Техеран.

Јапонија планира да ја испушти загадената вода од Фукушима во морето

нуклеарната централа Фукушима

Јапонија реши да испушти третирана радиоактивна вода од оштетената нуклеарна централа Фукушима во океанот, и покрај противењето на локалното население, еколошките групи и соседните земји. Јапонскиот премиер Јошихиде Суга на состанокот на владата на 13 април рече дека фрлањето на загадената вода во морето е „најреалната“ опција во деценискиот процес на деактивирање на нуклеарната централа. Тој рече дека ослободувањето ќе се случи само „откако ќе се обезбедат безбедносните нивоа на водата“. Околу 1,25 милиони тони вода се складирани во резервоарите во нуклеарната централа откако огромниот земјотрес и цунамито во 2011 година предизвикаа топење на реакторите. Оттогаш, операторот Токио Електрик Пауер продолжи да инјектира вода во трите реактори за да бидат ладни.

Јапонија ја одбележува 10-годишнината од катастрофата во Фукушима

Операторот се очекува да започне да ја испушта водата во морето за две години, во процес што може да трае со децении. Токио Електрик Пауер и владата велат дека процесот на филтрација може да ги отстрани повеќето радиоактивни елементи од водата. Но, тритиумот, кој не е штетен за луѓето во мали количини, не може да се отстрани од водата. Меѓународната агенција за атомска енергија го одобри ослободувањето на водата и наведе дека ваквиот пристап е сличен на процесите за отстранување на отпадните води од нуклеарните централи на други места во светот.

СБ на ОН за извештајот на работата на УНМИК на Косово

генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш

Во новиот шестмесечен извештај за работата на мисијата на ОН на Косово (УНМИК), кој утре е на дневен ред седницата на Советот за безбедност на ОН, генералниот секретар Антонио Гутереш оценува дека трајниот мир, стабилноста и социо-економскиот развој на Косово и регионот зависат од одржливиот напредок во дијалогот насочен кон нормализирање на односите на Приштина со Белград. Гутереш додава и дека напредокот во дијалогот останува клучен за европските аспирации и на Косово и на Србија. „И покрај тоа што ги поздравувам јасните изјави на двете страни за важноста за унапредување на дијалогот, ја подвлекувам важноста на вистинската посветеност за продолжување на разговорите на високо ниво во дијалогот Белград-Приштина со поддршка од ЕУ во многу блиска иднина“, наведува Гутереш во извештајот што го опфаќа периодот од 16 септември до 15 март.


Османи: Правдата нема да се постигне додека Србија не одговара за злосторствата на Косово

И покрај подготвеноста на двете страни да ги исполнат и решаваат нерешените прашања, Белград и Приштина сè уште не ги усогласија своите позиции, вклучително и за формирање на сојуз на општини со српско мнозинство во Косово. Во документот објавен на веб-страницата на ООН, Гутереш ги пофали косовските институции, политички субјекти и гласачи за предвремените предвремени парламентарни избори во февруари, кои, и покрај предизвиците на пандемијата, забележаа поголем одзив на гласачите отколку во октомври 2019 година.

Втора ноќ протести за смртта на еден Афроамериканец во Минесота

протести и немири во Минеаполис

Полицаецот кој застрела 20-годишен Афроамериканец во предградие на Минеаполис очигледно „случајно пукал“ од пиштол, изјави началникот на полицијата Тим Генон. Смртта на Донте Рајт, кого полицијата го запре за сообраќаен прекршок во Центарот Бруклин во Минеаполис предизвика протести и немири. Видеото прикажано на прес-конференција покажува судир меѓу Рајт и полицаец. Потоа, Рајт влегува во неговиот автомобил. „Врз основа на она што го видов и реакциите на полициските службеници потоа, ми се чини дека овде случајно пукаше со пиштол, што резултираше со трагична смрт на господинот Рајт“, изјави шефот на полицијата Генон. Градоначалникот Мајк Елиот рече дека ќе се стори за да се обезбеди правда за Рајт.

Во САД почна судењето на полицаецот за убиството на Џорџ Флојд

Полицијата во центарот Бруклин претходно објави дека го запрела човекот поради сообраќаен прекршок и утврдила дека има потерница за негово апсење. Додека полицијата се обидувала да го уапси, возачот се вратил кај неговиот автомобил. Потоа бил застрелан од полицаец чие име не е соопштено. Возачот возел неколку улици, пред да удри во друг автомобил и починал на самото место. Набргу по веста за смртта на Донте, демонстрантите почнаа да се собираат. Некои протестираа пред полицијата во центарот Бруклин, каде фрлаа камења и други предмети кон полицијата. Полицијата одговори со солзавец и гумени куршуми. Инцидентот се случи во време кога ситуацијата е напната во Минеаполис поради судењето на поранешниот полицаец Дерек Шовин за убиството на Џорџ Флојд.

Германија ја заострува борбата против ковид-19 на сојузно ниво

илустрација

Владата на германската канцеларка Ангела Меркел, како што е најавено, од денеска планира да ги заостри прописите против ковид-19 со цел да се воведе заклучување низ целата земја. На таков начин владата сака да ги избегне отпорите на локално или регионално ниво. Целта е да се се запре третиот бран на пандемијата, која продолжува да се шири и покрај веќе постојните ограничувања на движењето. Овој амандман на постојниот закон го крши табуата во Германија, каде што федералистичкиот систем на управување им дава важни овластувања на регионите во областа на здравството.

Германија - Лицата под 60 години вакцинирани со АстраЗенека, втора доза да добијат од друга вакцина

Германија ја премина границата од три милиони заразени со ковид-19. Од последиците на коронавирусот досега во Германија починале 78.452 лица. Покрај тоа, дневната стапка на инфекција во последните седум дена е 136,4 на 100,000 жители, што е над границата што во принцип треба да доведе до заострување на мерките. Германските власти посветуваат посебно внимание на овој факт кога донесуваат одлуки за усвојување на анти-епидемиски мерки.

Украина вели дека Путин избегнува разговори за зголемувањето на руските трупи

Проруски милитанти на самопрогласената Народна Република Донецк оперираат за време на воена вежба, 28 јануари 2020 година

Украина го обвини Кремљ дека го игнорирала нејзиното барање за разговори меѓу претседателите на двете земји за насобраните руски трупи во близина на украинската граница. Москва возврати дека нејзините војници се на своја територија, за разлика од американските сили во регионот. Киев и Москва разменија обвинувања за влошувањето на состојбата во источниот дел на регионот Донбас, каде што украинските трупи се бореа со силите поддржани од Русија. Во конфликтот од 2014 година досега, според Киев, се убиени 14.000 луѓе. Западот изрази загриженост поради огромното насобирање на руски сили близу до источната граница на Украина и на Крим, кој Русија го анектираше од Киев во 2014 година.

САД ја предупредија Русија да не биде агресивна кон Украина

Американскиот Стејт департмент во понеделникот соопшти дека државниот секретар Ентони Блинкен и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг разговарале за „непосредната потреба Русија да престане со агресивното воено насобирање“. Иулија Мендел, портпарол на украинскиот претседател Володимир Зеленски, за Ројтерс изјави дека Зеленски се обидел, но досега не разговарал со Путин за ова прашање. „Кабинетот на претседателот, се разбира, упати барање да разговара со Владимир Путин. Сè уште не добивме одговор и многу се надеваме дека ова не е одбивање на дијалог“, рече Мендел. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, рече дека не видел такво барање за разговори „последните денови“ и оти не знае дека неодамна било поднесено такво барање. Мендел изјави дека Русија има распоредено повеќе од 40.000 војници на источната граница на Украина и повеќе од 40.000 војници на Крим, а дека околу 50.000 од сите тие војници се нови распоредувања.

Дали украинско-руската „студена војна“ ќе стане „жешка“?

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Египет рече дека Вашингтон, а не Москва, има прашања да одговори за неговите активности во и околу Украина. „Се поставуваат прашања за тоа што прави Русија на границата со Украина. Одговорот е многу едноставен. Живееме таму, таа е наша земја. Но, што прават САД илјадници километри од сопствената територија со своите воени бродови и трупи во Украина?“, рече Лавров.

Почна муслиманскиот Рамазански пост

Рамазан е време за пост, богослужба и милосрдие.

Муслиманите денеска започнаа да го слават Рамазан во услови на зголемените инфекции со коронавирус низ целиот свет. Многу земји со мнозинство муслимани воведуваат регулативи за коронавирус иако ограничувањата варираат многу, а на некои места се спроведуваат лабаво. За време на месечниот Рамазан, муслиманите се воздржуваат од јадење, пиење, пушење и секс од зори до зајдисонце. Месецот е време за пост, богослужба и милосрдие.


Турција ќе ги засили анти-ковид мерките пред Рамазан

Но, тоа е исто така празник во центарот на заедницата и семејството, со луѓе кои често се собираат на вечерни оброци, вршат групни молитви во џамијата и разменуваат посети дома или кафулиња. Тоа доведува до зголемен ризик на пренесување на коронавирусот. За да ги охрабрат луѓето, многу муслимански верски водачи издадоа мислење дека вакцинирањето во текот на дневните часови не претставува кршење на постот.

Словенците намерно се заразуваат со коронавирус за полесно патување

Словенија, полициски час, архивска фотографија

Во Словенија се загрижени од опасната појава на намерна инфекција на коронавирусот со цел полесно движење и патување, имајќи предвид дека надминувањето на ковид-19 се третира како имунитет стекнат со вакцината. „Забележуваме тренд на зголемување на бројот на оние што сакаат да се заразат што е можно поскоро со цел да добијат сертификат што ќе им овозможи патување и преминување на границите, што е опасна практика што не можеме да ја препорачаме“, рече епидемиологот Матеја Логар на прес-конференција на словенечкиот експертски совет за ковид-19. Според Хина, таа посочила дека поради тоа, како и поради неколку евидентирани случаи на „мамење“ на тестови за вирусот корона, се разгледуваат ограничувања, односно измени во правилата за патување.

Малата ефикасност на кинеските вакцини, проблем за многу земји


Таа изјави дека, меѓу другото, се разгледува и отстранувањето на оние кои прележале ковид-19 од списокот на исклучоци од тестирање при преминување на границата, но само во фаза кога има доволно вакцини за имунизација на поголем дел од населението. Специјалистот за заразни болести Томаж Зовко од Универзитетскиот медицински центар во Љубљана предупреди и на опасноста од намерно изложување на короната на вирусот. „Сè уште не знаеме многу за оваа болест. Непредвидливо е и може да има трајни последици. Не знаеме точно какви долгорочни последици има оваа болест, особено кај помладите пациенти, иако за некои се многу непријатни“, предупреди тој.

Блинкен и Остин во Брисел на консултации со НАТО

Американскиот државен секретар Антони Блинкен во седиштето на НАТО во Брисел, 24.03.2021.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен, денеска ќе патува за Брисел на консултации со сојузниците и партнерите на НАТО за низа приоритети, соопшти Стејт департментот. Блинкен, кој до четврток ќе одржи билатерални средби со повеќемина европски колеги, „ќе ја потврди посветеноста на САД кон трансатлантскиот сојуз како клучно партнерство за постигнување на заедничките цели“, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс. На Блинкен во среда ќе му се придружи и американскиот министер за одбрана Лојд Остин. Посетата на американскиот државен секретар на Брисел е пред 1 мај, кога истекува рокот утврден од администрацијата на Трамп за повлекување на коалиционите трупи предводени од САД од Авганистан.

Русија ќе прави проблеми во светот и во следните две децении

Според најавите на претседателот Џо Бајден и други американски официјални лица, тој рок нема да биде запазен, бидејќи во мировните разговори меѓу авганистанската влада и талибанците досега не бил постигнат скоро никаков напредок. Разговорите во Брисел се одржуваат и во време на насобраниот број на руски трупи долж руско-украинската граница, загрижувајќи ги западните земји од можноста за натамошна ескалација на тензиите меѓу украинските сили и проруските сепаратисти во источна Украина.

Времето денеска: умерено облачно

Ќе биде умерено облачно. Повремено облачноста ќе се зголемува и ќе има локални врнежи од дожд, на места поројни проследени со појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Дневната температура ќе биде од 8 до 20 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 16 степени.

Вкупно 1735 пациенти во болница се лекуваат од ковид-19

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Вкупно 1735 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови. Засега има околу 340 празни болнички кревети во ковид – центрите, соопшти Министерството за здравство. Вкупно 726 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка.

Во ковид – центрите во болниците во другите градови во изминатите 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 1009 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.

Во текот на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород, стои во соопштението.

Владиците Петар и Агатангел хоспитализирани поради ковид-19

Двајца Владици од Македонската православна црква се хоспитализирани во приватната болница „Аџибадем Систина“. Станува збор за Владиката Петар и Владиката Агатангел кои биле заразени со вирусот ковид- 19. Дел од медиумите кои се обиделе да стапат во контакт со нив, јавуваат дека тие се во добра состојба и дека делумна хоспитализацијата била превентивна. Владиката Петар на прашање на ТВ24 не сакаше да одговори зошто се лекуваат приватно, а не државно.

„Еве слушна јавноста во болница сме, и тоа е доволно. Јас се лекувам во јавното здравство. Сега се гледа дека станува збор за сериозна болест сум дошол тука да се лекувам, нема што повеќе да се коментира тука,“ изјави владиката Петар за ТВ 24.

За телевизија Сител Митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј изјавил дека вирусот не го поштеди ниту свештенството. Половина од свештениците во неговата епархија веќе го прележале вирусот. Во пресрет на велигденските празници, Тимотеј апелира граѓаните одговорно да празнуваат.

Договорени критериумите за „зелениот пасош“ на ред е Европската Комисија

Вкупно 13 земји членки на Европската Унија постигнаа договор за тоа кои ќе бидат критериумите за издавање на таканаречениот зелен пасош, со што ќе се олесни протокот на туристите во време на пандемијата. Австриската министерка за туризам Елизабет Констингер денеска изјави дека целта е да се примени „зелениот пасош“ брзо и по можност во униформиран облик на ниво на ЕУ. Таа рече дека тоа е „прашање за опстанок за европскиот туризам“.

Хрватска, Австрија, Кипар, Данска, Франција, Германија, Грција, Италија, Малта, Португалија, Словенија и Шпанија уште на крајот од март се договорија за седум критериуми за издавање на „зелен пасош“, кои треба да се спроведат најдоцна до почетокот на јуни.

„Зелениот пасош“ преку QR-код веднаш обезбедува информации за тоа дали лицето е вакцинирано, тестирано или прележал коронавирус. Ова овозможува едноставна и практична примена во ЕУ: од чекинг на аеродромите до посета на селска гостилница“, изјави австриската министерка за туризам.

Чувствителните здравствени податоци на носителите на „зелениот пасош“ исто така ќе останат во земјата на потекло и нема да се чуваат централно на ниво на ЕУ. Понатамошна цел е усогласување на примената на „зелениот пасош“ со трети земји. Списокот критериуми е доставен на контрола до Европската комисија, која наредните денови треба да донесе одлука за примена.

Нови 34 починати од ковид-19

Граѓани со маски како мерка против ширењето на ковид-19

Во изминативе 24 часа од последици од коронавирусот починале 34 пациенти од кои 15 се од Скопје. Најмладиот починат пациент бил на возраст од 42 години, додека најстариот имал 80 години. Бројот на новите случаи на заразени со ковид-19 изнесува 193 од вкупно 1192 направени тестови.

Најголем број на новозаразени се евидентирани во Скопје -110, потоа во Прилеп 16 и Кавадарци 15. Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 142 034, бројката на оздравени пациенти е 117 794, на починати е 4 262, а бројот на активни случаи изнесува 19 978.

Владата го објави списокот на хонорарци

Влада на Република Северна Македонија

Владата денеска ги објави имињата на хонорарците кои во изминатата година преку авторски договори извршувале специфични задачи кои, како што се вели во соопштението, не може да се обезбедат од редот на вработените во Владата. Станува збор за 55 луѓе кои за извршување работни задачи – анализи за потребите на Владата, добивале плата од 15 до 60 илјади денари месечно.

„Внимателноста со која Владата постапи во овој случај, со вклучување на дополнителни консултации пред објавувањето на листата хонорарни соработници, беше мотивирана исклучително заради заштитата на интегритетот и приватноста на ангажираните лица. Во минатото сведочевме голем број организирани напади полни дезинформации, а дури и сега во конкретниот случај, сведочиме хајки преку одделни веб-портали и медиуми и на социјалните мрежи на лична основа и со обиди за загрозување на приватноста на граѓаните кои имаат чисти професионални договори за извршување задачи за Владата за поддршка на активностите кои се од интерес на граѓаните се вели во соопштението.

Во него се отфрлаат, како што е наведено, сите дезинформации околу тоа дека овие лица биле и вработени и добивале дополнителен хонорар.

Меѓу нив се Петрит Сарачини, поранешниот советник на поранешниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, Шпенди Винца дипломиран социолог од Струга кој беше дел од лустраторската комисија, Јана Велковска која во претходниот владин состав работеше како посебен советник за односи со дијаспората во кабинетот на поранешниот министер без ресор Едмонд Адеми. На листата е и професорот од Економскиот факултет и поранешен потпретседател на СДСМ Ванчо Узунов. Потоа на листата се претседателот на подмладокот на СДСМ Марко Михаилоски, како и поранешниот претседател на подмладокот на СДСМ, Никола Тренчевски.

Работните позиции за кои се ангажирани хонорарци во Владата според објавената листа се анализи и извештаи во делот на правото, децентрализацијата, медиумски мониторинг и старетшки комуникации, потоа логистичка поддршка на комисијата за именување во кабинетот на вицепремиерот за борба против корупција. Голем дел од нив се ангажирани за прес активности.

До објава на овие податоци од страна на Владата дојде откако во истражувачка сторија на Призма беше наведено дека за договорени услуги кон хонорарци во изминативе две години од државниот буџет биле исплатени 2 милиони евра и при тоа, како што беше наведено во истражувањето, имињата на хонорарците биле заштитени, за разлика од имињата на вработените.

Иран го обвини Израел за нуклеарниот инцидент

Сателитска снимка од локацијата на нуклеарниот комплекс Натанз

Иран најави одмазда за наводниот чин на саботажа, односно прекин на електричната енергија во нуклеарниот комплекс Натанз кој го оцени како акт на „нуклеарен тероризам“. Прстот за саботажа го впери кон Израел, со што може да се засенат дипломатските напори за заживување на нуклеарниот договор во кој до неодамна не учествуваше САД, поради одлуката на поранешниот претседател Доналд Трамп.

Шефот на Иранската организација за атомска енергија Али Акбар Салехи изјави денеска дека чинот на „нуклеарен тероризам “ предизвикал прекин на електричната енергија на постројката во Натанз на само еден ден по откривањето на нова опрема за збогатување со ураниум јужно од Техеран. Нуклеарниот комплекс во Натанз е клучен во иранската нуклеарна програма и него го следат инспектори од МААЕ – Меѓународна агенција за атомска енергија и претставник на ОН, кои што потврдија дека се запознаени со инцидентот но немаат коментар.

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Зариф го обвини Израел за инцидентот посочувајќи дека причината за него била одмазда кон нив поради „постигнатиот напредок на Иран на патот кон укинувањето на санкциите“

„Ние ќе им се одмаздиме“ изјави Зариф и при тоа на посочи докази за неговото тврдење.

Европската Унија предупреди на обидите за попречување на разговорите со кои Вашингтон ќе се врати во нуклеарниот договор, кој го напушти по одлуката на Трамп.

Иран: прекинот на струја во нуклеарниот комплекс како нуклеарен тероризам

Израел не потврди дали има некаква улога во инцидентот, и покрај тоа што израелски медиуми објавија дека разузнавачи од „Мосад“ спровеле операција со која ја вратиле работата на нуклеарната централа неколку месеци, повикувајќи се на анонимни извори. Предизвиканата штета на електроенергетскиот систем е голема и со тоа ќе се закочи процесот на збогатување со ураниум за најмалку 9 месеци. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху постојано го опишува Иран како најголема закана со која се соочува неговата земја.

„ Нашите нуклеарни експерти ка проценуваат штетата, но можам да ве уверам дека Иран ќе ги зголеми оштетените центрифуги со нови и понапредни за збогатување со ураниум “ изјави портпаролот на министерството за надворешни работи на Иран, Саед Катибџадех.

ГЕРБ ќе предложи Влада, премиерската позиција се уште е енигма

Илустрација, избори во Бугарија

Владејачката партија во Бугарија ГЕРБ ќе предложи нов владин состав по свикувањето на новото Национално собрание. Ова го соопшти на прес-конференцијата досегашниот вицепремиер Томислав Дончев. Бугарските медиуми јавуваат дека во новиот владин состав името на Бојко Борисов ќе отсуствува. Дончев на прес конференцијата беше категоричен дека партијата подготвила структури и персонал за секоја ниво на власт во Бугарија.

Но во јавноста и натаму останува неодговорено прашањето - кој ќе биде премиер.

„Како прва политичка сила, ние сме должни да предложиме влада во име на довербата на 840.000 бугарски граѓани, и покрај малите шанси таа да добие поддршка. ГЕРБ не стравуваат од кабинет назначен од претседателот Румен Радев“ изјави Дончев.

На парламентарните избори во Бугарија, кои се одржаа на 4 април, ГЕРБ победи во 24 изборни единици, Движењето за права и слободи во три, „Демократска Бугарија“ во две и „Има таков народ“ и БСП по еден.

74 пара чевли на трибините на кои во Сребреница загинале 74 Бошњаци

Фотографија од одбележувањето на 28-годишнината од гранатирањето на училишното игралиште во Сребреница на 12 април 1993 година

На училишното игралиште во Сребреница беше одбележана 28-годишнината од военото злосторство, кога граната истрелана од позицијата на армијата на Република Српска, уби 74 лица и рани околу стотина. По тој повод, денеска, 74 пара чевли беа поставени на клупите на трибините, а членовите на семејствата на жртвите и здруженијата положија цвеќе на спомен-плочата.

И претседателот на Домот на народите на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ им оддаде почит на убиените.

На 12 април 1993 година, на училишното игралиште се одржа фудбалски турнир. Гранатата одеднаш падна меѓу гледачите и уби 74 лица.


Ахмед Хрустановиќ во тоа време имаше помалку од седум години, но настанот остана длабоко врежан во неговата меморија.

"Бев близу и слушнав експлозија. Многу луѓе беа убиени, вклучително и еден од моите соседи кој го загуби неговиот единствен малолетен син во тоа време. Многу деца го загубија животот на трибините тука на училишното игралиште. Сета таа тага остави многу белег на сите нас. “, рече Ахмед Хрустановиќ.

Хасан Хасановиќ беше меѓу гледачите. Со огромна среќа тој преживеал. Во тоа време тој имал 17 години.

"Се играше турнир и мојот тим чекаше да го игра натпреварот. Седевме на трибините и одеднаш падна граната меѓу нас. Падна на четири метри од мене. Имаше паника, се онесвестив. Кога се вратив во себе си видоа многу Моите другари беа убиени, а ранетите повикуваа на помош. За жал, многу од оние кои беа ранети починаа на пат кон болницата. Многу од моите другари беа убиени по тој повод, а во геноцидот во јули 1995 година, изгубив мојот брат и татко близнак. како и неколку членови на семејството “, рече Хасан Хасановиќ.

Заев за „Марихуана“: Со кого и да се дружеле, ако згрешиле ќе одговараат

Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче

Без разлика кој со кого е близок, со кого се дружел или пиел кафе, ако некој го прекрши законот ќе си одговара, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарјаќи на новинарско прашање во врска со обвинувањата од страна на опозицијата за вмешаност на негов братучет и фирмите за семејството Заеви во случајот со запленетата дрога во вредност од 800 илјади евра при заедничката акција на Министерството за внатрешни работи (МВР) и на ДЕА .

Премиерот нагласи дека неговиот прв братучет Трајче Заев, кого опозициската ВМРО-ДПМНЕ го споменување во контекст на случајот, веќе имал јавен коментар за овој настан, а „лицето Александар, кое се споменува, не е вработен во семејните фирми на Заеви, ниту пак комбето е во нивна сопственост“.


„Впрочем, комбето има грчки регистарски таблички. Немам што да додадам, ниту да одземам, законот важи еднакво за сите. Александар може да дружи со мојот прв братучет колку сака, законот важи еднакво за сите. Или некој началник на полиција можел да биде на слика со соработник со Заев, со Спасовски, законот важи еднакво за сите. Заврши времето кога такви случаеви беа табу тема во нашата земја. Кој со кого сака нека е близок, дружел, пиел кафе заедно, го има на слики, ако го прекрши законот си одговара“, изјави Заев, по средбата со претседателите на опозициските албански политички партии, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши.

Ѓурчески-Не ни оди добро против трговијата со наркотици
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:32 0:00
Директен линк

Во акцијата на ДЕА и МВР беа запленети 200 килограми марихуана, беа притворени 6 лица, а две компании за производство на марихуана за медицински цели се инволвирани. Случајот отвори прашања на кои се чека одговор од истрагата.

Текстилците бараат пратениците да го откочат 5. сет мерки

Илустрација - Работнички во текстилна индустрија

Здружението „Гласен текстилец“ од Штип денеска испрати отворено писмо до пратениците во Собранието во кое бара од нив под итно да се донесе петтиот пакет на економски мерки. Во писмото се вели дека оваа социо-економска и здравствена криза предизвикана од вирусот Ковид-19, „удри со сета сила по вработените од ниско-профитабилните и трудоинтензивни гранки, по жените, младите, возрасните пред пензија, хронично болните лица, самохраните родители“.

„Се соочија со незаконски откази, не продолжување на договорите за работа, намалена плата, доцнење на плата и по два месеца, губење на права од работен однос, се разболуваа на работно место, но се трудеа да опстојат поради нивните семејства. Голем дел од фирмите особено во текстилната индустрија, немаат се уште исплатено плати за февруари и март 2021 година на работниците и работничките, така што тие се оставени на милост и на немилост. Поради неисплата на плати и лошата состојба на фирмите, работниците при користење на здравствени услуги се принудени да плаќаат на приватно. Свесни сте дека тоа значи изложување на огромни парични издатоци и е сериозен проблем за нормално живеење“, се вели во писмото на „Гласен текстилец“ до пратениците.

Во меѓувреме, Собранието е затрупано со десетици илјади амандмани од речиси сите партии, и тешко дека работата може да се одглави без договор меѓу политичките партии. Опозициската коалиција Алијанса за Албанците/Алтернатива има поднесено околу 30 илјади амандмани, ВМРО-ДПМНЕ скоро 6000, а Левица над 1000 амандмани на различни закони. Поради блокадата Собранието не може да ги донесе антикризните мерки за помош на граѓаните и фирмите погодени од ковид-кризата.

Едно од условувањата на опозицијата е она на Алијанса и Алтернатива,а по врзано со законот за државјанства, за што денеска ретставници на двете партии имаа средба со премиерот Зоран Заев, а по која рекоа дека има напредок.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, пред шест дена рекоа дека ќе чекаат да видат што ќе се договорат власта и Алтернатива/Алијанса, па потоа ќе одлучат за нивните амандмани. Опозицијата на неколку прес-конференции побара Владата и премиерот Заев јавно да кажат дали поширокото семејство Заеви или нивни соработници се инволвирани во случајот.

Чешка ги олабавува мерките, заврши вонредната состојба

Од денеска, 12 април 2021, повторно е отворена и Зоолошката градина во Прага

По повеќемесечна блокада, Чешка од денеска отвора библиотеки, училишта, зоолошки градини и некои продавници. Шестмесечната вонредна состојба во Чешка, која е една од најпогодените во Европа од ковид-19, истече на полноќ, со што се укинаа полицискиот час и забраните за патување меѓу регионите. Децата во предучилишните установи се враќаат во училиштата до петто одделение и ќе мора да прават брис од нос двапати неделно.

Министерството за здравство пријави 976 нови случаи во неделата, што е најмал дневен број од септември минатата година. Седумдневниот просек падна на под четири илјади, но сепак е висок во споредба со повеќето европски земји. Сепак, забележливо е значително подобрување во споредба со 12.000 дневни случаи во просек во март кога беа воведени најстрогите мерки.

Гаши, Села и Заев оптимисти по средбата за државјанствата

Зоран Заев, Зијадин Села и Африм Гаши

Направен е сериозен исчекор напред по однос на решение за Законот за државјанство, изјави премиерот Зоран Заев, по денешната средба во Собранието со лидерите на албанската опозиција Зијадин Села и Африм Гаши Гаши.

По средбата, која беше свикана за да се најде решавање на проблемот со немањето на државјанство и начините за негово добивање на одреден број граѓани, од чиј исход зависи и од одблокирањето на работата на Собранието. Заев не сакаше да навлегува во детали за договореното, но посочи дека станува збор за 2727 барања за државјанство. Премиерот посочи дека очекува конечен договор до крајот на оваа недела, откако експертите ќе работат на усогласување на деталите.


Заев дополни дека денешниот договор да биде доволна причина, ВМРО-ДПМНЕ и Левица да ги повлечат амандманите за Законот, а коалицијата Алијансата за Албанците и Алтернатива до дозволат носење на петтиот пакет мерки за поддршка на стопанството.

Африм Гаши по средбата изјави дека има напредок во преговорите и дека за неколку дена би можело да се дојде до заеднички решенија. Лидерот на Алијанса за Албаците, Зијадин Села, оцени дека по денешната средба со премиерот Зоран Заев, се надобар пат за да се изнајде решение за проблем стар три децении, односно да се реши статусот на лицата кои живеат без документи во оваа држава.

Претходно, пратеникот на ДУИ, Арбер Адеми, изјави дека „Села манипулира со бројката на Албанци без државјанства“ и рече дека не се 7000 туку под 1300. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак пред 6 дена рече дека ќе го чека исходот од средбата Заев-Села-Гаши за да одлучи дали ќе ги повлечат амандманите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG