Достапни линкови

„Купувајте домашно“, ама изборот паѓа на странско


илустрација
илустрација

За една година македонските граѓани купувале повеќе странски отколку домашни, македонски производи. Квалитетот на производите, цената, стандардот, улогата на маркетингот се само дел од факторите кои придонесуваат за изборот да падне на странски производ.

Во донесувањето одлука дали да се купи домашен производ или странски, македонските граѓани сепак изборот го правеле на странски производ. Па така, според податоците на Управата за јавни приходи, односно преку регистрираниот промет преку апликацијата „Мој ДДВ“ се гледа дека од јули минатата година, до средината на овој месец, на домашни производи биле потрошени 10,8 милијарди денари, а на производи од увоз 19,7 милијарди денари.

Според упатените постојат повеќе причини поради кои граѓаните ги одбираат странските производи, а најчестата е квалитетот на конкретниот производ.

Според Славчо Јорданов, сопственик на компанија за прехранбена индустрија во Неготино, цената не е причината поради која граѓаните повеќе купуваат странски производи. Јорданов вели дека домашните производи имаат пристапни цени, а може да се пофалат и со добар квалитет. Но според него голем дел од трговските компании увезуваат евтини производи од надвор и за нив е најважно да ги продадат и да заработат.

„Маркетите имаат поголем да ги продаваат странските производи. Затоа што странските компании нудат добри маркетинг ангажмани. Тоа се мултинационални компании кои инвестираат, имаат таргет македонскиот пазар на пример и за нив не е проблем да стават акцент на добар маркетинг за нивните производи, настапуваат јако, бараат дистрибутери кои ги форсираат нивните производи, а нас не потиснуваат од пазарот“, вели Јорданов.

Јорданов вели дека постојано ги следат движењата на понудата и побарувачката на пазарот и се обидуваат да сфатат зошто странските производи повеќе се купуваат од домашните. Нивните теренски истражувања покажале дека домашните производи најмногу се купуваат во руралните области, додека центарот на Скопје секогаш им дава предност на странските производи.

„Оние кои имаат повисок стандард повеќе купуваат странски производи, воопшто не ги погледнуваат домашните производи. Ние тоа сме го анализирале по градови и региони. Во центарот на Скопје на пример најмногу се купуваат интернационални производи, додека во периферните делови повеќе се купуваат, нашите македонски производи“, вели Јорданов.

Но, за професорот Зоран Ивановски објаснува дека Македонија не создава производи со поголема додадена вредност кои се пософистицирани и кои подразбираат современа технологија, па според него очекувано е изборот да падне на странските производи.

„Кога зборуваме и за луксузни производи, некако како да сме ориентирани кон брендовите. Така што јасно е дека кога одбирате парфем, ќе одберете некој познат, а не некој кој не е бренд, а можеби и подобро мириса. Или ако треба да одберете познат бренд на сок или некој помалку познат, ќе го одберете првото. Така што тука се работи и за навики, маркетинг и др. фактори. Но, мене ме загрижува тоа што во секторите каде што Македонија има добро и квалитетно производство, на пример кај производството на земјоделски производи пак заостануваме, и сме поголем увозник отколку што извезуваме“, вели професор Ивановски.

ВИДЕО - Корона исхрана

Корона исхрана - малку здраво, па малку мрсно и слатко
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:35 0:00

Според податоците од Управата за јавни приходи во јули, август, септември и октомври прометот од домашни производи се движел околу 700 милиони, а од декември минатата година до април годинава се потрошиле над една милијарда денари. За странски производи во тој период најмногу трошеле во јули, октомври, февруари и март, како и јуни. Во одредени месеци за купување производи од увоз трошеле и над шест милијарди денари.

Преку мерката „Мој ДДВ“, која стартуваше во јули минатата година до март годинава на граѓаните им е извршен поврат на ДДВ од 10,7 милиони евра. Граѓаните добиваа 15 отсто од пресметаниот ДДВ на производите што ги купиле, а од неодамна Владата направи промени за поврат на ДДВ кај македонските производи од 20 отсто и на производите од увоз поврат од 10 отсто.

Во обид да се стимулира домашната економија и да се поддржи домашното производство, преку купување домашни производи, како и да се заштитат работничките права, Владата ја воведе и домашната платежна картичка. Картичката ќе ја добијат 320 илјади граѓани, а мерката е во вредност од 28 милиони евра. Банките интензивно работат на издавање, а досега над 50 илјади граѓани веќе ја добија и ја користат за купување домашни производи.

Нашите соговорници сметаат дека оваа, е добра мерка, особено во услови на пандемија.

„Имајќи предвид дека се потребни стимулативни мерки за домашната економија, ова е одлична мерка. А исто така освен што ја стимулира потрошувачката, го селектира домашното и на овој начин може да се креираат нови навики кај луѓето да се префрлат кон производи за кои имаме и ние производство“, вели Ивановски.

„Еден од начините да се стимулира нашата економија е повратот на ддв да е само за македонски производи, и исто така да се работи на подигнување на свеста да се купи домашен производ преки кампањи. Да се објасни што значи домашен производ. На пример ние кечапот го правиме исклучиво од домати произведени тука, не увезени од странство, и тоа треба да го знаат граѓаните кои ќе се одлучат да го купат нашиот производ,“ истакнува Јорданов.

Околу 28 милиони евра се веќе префрлени на банките за домашната платежна картичка, а до средината на изминатата недела се веќе издадени 60.000 картички за корисниците, во износ од околу 11 милиони евра и истите се во функција. Во продажните објекти се поставени на посебно место или се означени, а како македонски производи се сметаат оние во кои на декларацијата е наведено дека производот е произведен во Република Северна Македонија.

Картичките може да се користат и за оn-line продажба преку интернет страници каде исто така треба трговците посебно да ги издвојат македонските производи и услуги и да ги означат со видна ознака/стикер „купувам домашно”, како и да постават известување на видно место на насловната страна. Домашните платежни картички важат до 15 август.

Мерката „домашна платежна картичка“ е дел од третиот пакет мерки на Владата, чија цел е да влијае на амортизирање на ударот врз економијата како резултат на забавување на економската активност поради пандемијата со корона вирус која ја зафати и нашата земја.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG