Достапни линкови

Нема напредок за преговарачката рамка, одложен и ГАК


Илустрација- знамиња на Европската унија пред зрадата на Европската комисија во Брисел
Илустрација- знамиња на Европската унија пред зрадата на Европската комисија во Брисел

Состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, кој се сметаше за клучен датум за македонските евроинтеграции нема да се одржи на 10, туку на 17 ноември. Денеска во Брисел и на телото КОРЕПЕР немаше напредок за преговарачката рамка за Скопје, а помрднување во позициите на Софија нема.

Постојаните амбасадори во Брисел на земјите членки на Европската унија кои денеска имаа состанок на таканареченото тело КОРЕПЕР расправаа за нацрт-преговарачката рамка за Скопје, но засега нема напредок во разговорите. Ова тело, повторно ќе се состане во текот на следната недела, најверојано в среда. До ова доаѓа поради тоа што откако место на десетти ноември, како што беше планирано, Советот за општи работи на Европската унија (ГАК), кој го сочинуваат министрите за надворешни работи на земјите-членки, состанокот ќе го одржи на 17 ноември. Со ова се дава време повторно амбасадорите да се навратат н на преговарачката рамка за Македонија.

Ова денеска го потврди и премиерот Зоран Заев.

„Ја имаме првата блокада од Бугарија . Денеска е прекршен Членот 2 од договорот“, рече тој за време на увидот на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар.

Како што дознава Радио Слободна Европа од извори во Брисел, до поместување на состанокот на ГАК пак доаѓа поради тоа што шефот на германската дипломатија Хајко Маас и министерот за Европа во германското МНР, Михаел Рот се во самоизолација, по средбата со бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захариева и нејзиниот заменик Петко Дојков, кој е позитивен на коронавирусот.

Тие се сретнаа во понеделникот во Берлин, на состанок на кој беа и македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров. Таа средба всушност беше обид на Германија, земја која во моментов претседава со Европската унија, да направи пробив во решавањето на проблемите меѓу Скопје и Софија поради кои источниот сосед најави блокада на македонскиот евроинтеграциски пат. Но, по средбата Захариева остана на позицијата дека не може да кажат „да“ првата меѓувладина конференција на Скопје со ЕУ да се одржи во декември, бидејќи не можат да ја одобрат рамката за преговори на земјава со унијата.

Во нацрт рамката, како што објави РСЕ, по увидот кој го имаше во документот, ги нема бугарските барања, па во него јазикот се именува како македонски и нема рок за решавање на прашањата од Договорот за добрососедство со Бугарија, туку се вели дека договорот треба да се спроведува „со добра волја“.

За потсетување, официјална Софија во преговарачката рамка бараше промената во терминологијата која се однесува на македонскиот јазик, наведувајќи дека тие не признаваат „постоење одвоен таканаречен македонски јазик и поради тоа не може да прифати какво било повикување на него во ЕУ документи“. Софија инсистираше и темата добрососедски односи да биде опфатена во првата група, односно во првиот кластер во пристапните преговори кој е именуван „основи“ и е најважен, но и ова барање го нема во нацрт-преговарачката рамка.

Инаку ова второ одложување на расправата за рамката за земјава. Во средата постојаните претставници во Брисел на земјите членки на Европската унија расправата ја одложија за денеска за да се овозможи простор за дипломатски напори кои се водат на релација Берлин-Софија за да се убеди бугарската страна да не го блокира отворањето на преговорите со Скопје.

Кој го крши договорот?

Но, во меѓувреме Бугарија останува на тврдењето дека Македонија го крши договорот за добрососедство потпишан од премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов на први август 2017 година. На пример, министерката Захариева тврди дека договорот не се спроведува, претседателот Румен Радев,пак, забележува дека три години по неговото потпишување имало текстови во учебници, во музеји и на споменици со навредувачки и недозволиви формулации во однос на Бугарија.

Претседателот на опозициска партија Алтернатива и пратеник во македонското Собрание, Африм Гаши во интервју за Радио Слободна Европа, пак, прашува што се сменило од први август 2017 кога премиерите Заев и Борисов со пофални зборови го потпишале договорот, досега кога официјална Софија е се поблиску до блокада на македонските евроинтеграции.

„Јас не знам точно што се случува, но ако денеска имаме „закана“ дека Бугарија би го попречила интеграцискиот процес на државата, а пред три години сакаше да биде првиот промотор за интеграција на нашата држава во ЕУ, нешто тука се случило. Треба тие актери да ни објаснат што се случило во меѓувреме. Зошто не е почитуван тој договор? Каде е погрешено? Оваа цена ја плаќаме сите граѓани. Не е ниту фер, ниту чесно, некој на сметка на своите партиски интереси да нарушува вакви процеси кои се однесуваат и на државата и на сите граѓани“, вели Гаши.

Тој во интервјуто што во целост ќе го емитуваме в недела на прашањето на кого сугерира споменувајќи партиски интереси вели на оние што ја водат власта, СДСМ и ДУИ.

Што пишува на петте страници договор?

Официјално именуваниот документ како Договор за пријателство добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија е напишан на пет страници и има 14 члена. Во него има две обврски кои може да се сметаат дека се конретно за Македонија или за Бугарија, а сите други се заеднички за двете страни. За Македонија се наведува дека „Република Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица, кои не се државјани на Република Македонија“.

Како конкретна обврска за источниот сосед пак се наведува „бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да и помогне на Република Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во Европската Унија и ќе ја поддржи Република Македонија за добивање на покана за членство во НАТО согласно соодветните одлуки од средбите на врвот на НАТО“.

Најбројни се заедничките обврски, кои како што се наведува, ќе ги почитуваат двете договорни страни. Меѓудругото во нив спаѓаат и соработка во рамките на Обединетите нации, ОБСЕ, Советот на Европа и други меѓународни организации и форуми а и дека ќе ја развиваат соработката помеѓу себе во областа на европската и евроатлантската интеграција, насочена кон успешна подготовка на Република Македонија за нејзиното пристапување кон Европската Унија и НАТО.

Во однос на економијата како заеднички обврски се наведуваат дека двете страни ќе се стремат да создаваат неопходни правни, економски, финансиски и трговски услови за обезбедување на најшироко можно движење на стоки, услуги и капитал, дека ќе ги поттикнуваат заедничките инвестиции и ќе обезбедат нивна заштита.

За Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања во договорот се наведува дека таа ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите, а дека двете страни ќе организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности. Бугарија и Македонија се обрврзуваат и дека ниту една нема да презема, поттикнува и поддржува дејствија, насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер, дека нема да дозволи нејзината територија да биде искористена против другата од организации и групи, кои имаат за цел извршување на субверзивни, сепаратистички дејствија и дејствија кои се закана за мирот и безбедноста на другата, дека нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга.

„Секоја од Договорните страни има право да ги заштитува правата и интересите на своите државјани, на територијата на другата Договорна страна, во согласност со меѓународното право“, се наведува во Договорот.

Страните се обврзаа и дека ќе преземаат ефикасни мерки за спречување на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат дејности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични дејствија, кои би им наштетиле на нивните односи.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG