Достапни линкови

Што би содржел анексот на договорот со Софија?


Архивска фотографија- македонскиот и бугарскиот премиер Зоран Заев и Бојко Борисов во Скопје, 1 август 2019 година
Архивска фотографија- македонскиот и бугарскиот премиер Зоран Заев и Бојко Борисов во Скопје, 1 август 2019 година

Петнаесет дена до самитот во рамки на Берлинскиот процес и седницата на Советот на општи работи на ЕУ извесно е дека Скопје и Софија работат врз анекс на Договорот за добрососедство од 2017, со цел Бугарија да не ја блокира Македонија на патот кон ЕУ.

На неколку недели пред десетти ноември, кога се очекува да се знае дали официјална Софија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција меѓу Скопје и Европската унија која би требало да се одржи во декември 2020, извесно е дека македонската влада спас од ваквиот развој на настаните гледа во потпишување анекс на Договорот за пријателство меѓу двете земји. Него во 2017 година го потпишаа актуелните премиери на двете земји Зоран Заев и Бојко Борисов. Заев сега ги најави и контурите на новиот анекс кој би бил потпишан, а кој се очекува да ги задоволи барањата на источниот сосед за да го дозволи напредокот на земјава во европските интеграции.

Заев рече дека со декларацијата или изјавата треба да се потврди дека Република Северна Македонија е долгото име на државата, а Северна Македонија е краткото уставно име на државата и дека тоа се однесува на територијата на нашата држава, а и дека немаме територијални претензии кон никој од соседите и кон било кој во светот. Премиерот изрази подготвеност и да се потврди она што е веќе заведено и во македонскиот Устав за немешањето на државата во внатрешните работи на Бугарија, што всушност се поврзува со македонското малцинство таму.

Ова што го кажа премиерот се однесува на една од забелешките на Бугарија која ја спомена и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

„Во текстот на рамката за преговори се спорат два моменти, краткото име, јазикот и секако потребата да се следи спроведувањето на договорот во текот на целиот процес на преговори. Тие бараат посебно поглавје за односите меѓу Северна Македонија и Бугарија што значи, за спроведување на Договорот за добрососедство“, рече Османи.

Неподготвеност за отстапки за јазикот

И додека Заев ги споменува прецизирањата за краткото и долгото име на државата во однос на јазикот, позицииите во Скопје јасно ги изнесе вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров.

„Не може да се исклучи дека ќе нема Меѓувладина конференција до крајот на оваа година, но ако причината за тоа е македонскиот јазик, јас сум океј со тоа“, рече Димитров минатата недела.

Ако се следат овие јавни изјави на македонските политичари, постои подготвеност за делумно задоволување на барањата на Софија, но дали тоа ќе биде доволно за напредокот на земјава во унијата засега не може да се прогнозира, особено што високите политичари кај источниот сосед се молчеливи деновиве за нивните позиции.

Симонида Кацарска од Центарот за европски политики ЕПИ вели дека не гледа многу простор за отстапки од македонската страна.

„Јас мислам дека владата на Бојко Борисов мора да покаже дека нешто испорачала на својата јавност од оние максималистички барања што ги имаше но дека не може да се очекува дека чувствителните барања ќе бидат дел од овој документ кој што се дискутира“, вели Кацарска.

Инаку, во последниве денови нема јавни позиции од министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, бугарскиот премиер Борисов и претседателот Румен Радев. Единствено двајца политичари од таму даваат изјави- министерот за одбрана и лидер на ВМРО-БНД Красимир Каракачанов и Андреј Ковачев, европратеникот од ГЕРБ, партијата на Борисов.

Каракачанов рече дека ако има потреба може да испрати инженериски полк за да помогне побрзо да се тргнат спомениците на кои пишува за „бугарскиот окупатор“ додавајќи дека се надева оти ќе бидат пречекани како бугарските полкови во 1912,1918 и 1941 година - со цвеќе, леб, сол и духовна музика. Ковачев пак се надоврза на изјавата на Каракачанов па на социјалната мрежа Фејсбук побара на таблите на сите споменици во Македонија поимот „бугарски окупатор“ да се замени со „бугарска администрација составена главно од Македонци“.

„Каракачанов и Ковачев се гласови на максималистичките барања и мислам дека секоја нивна изјава треба да се интерпретира во контекст на изборите што и престојат на Бугарија но нам клучни би ни биле ставовите на Борисов и Захариева во овој случај“, вели Кацарска.

Што бара Софија?

Но, додека овие двајца политичари, според аналитичарите, не може да се сметаат за официјален став на Софија, бугарскиот меморандум испратен до земјите членки на ЕУ и неколку други документи испратени подоцна, може да се сметаат за официјален став.

Имено, во август до земјите членки на унијата кои ја договараа преговарачката рамка за земјава, Софија испрати објаснувачки меморандум со кој бара поддршка од земјите членки за својата позиција за македонскиот напредок кон ЕУ, а во него пишува дека Македонците се проект на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито, дека македонскиот јазик не постоел до втори август 1944 година и е норма на бугарскиот, дека помеѓу 1944 и 1946 година во тогашна Социјалистичка Република Македонија била извршена егзекуција на повеќе од 20 000 луѓе кои се идентификувале како Бугари, а повеќе од 100 000 биле убиени, затворени, пратени во егзил или во концентрациони кампови.

Последно минатиот месец бугарската влада испрати коментар на нацрт преговарачката рамка до Советот на ЕУ во кој бара темата добрососедски односи да биде опфатена во првата група, односно во првиот кластер во пристапните преговори кој се нарекува „основи и кој според новата методолигија е најважниот кластер, прв се отвора и последен се затвора. Во овој документ официјална Софија повторно имаше забелешки за употребата на терминот македонски јазик.
Него всушност Бугарија го спори од осамостојувањето на земјава.

И првиот писмен документ меѓу двете земји, „Декларација за пријателство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија“ која во 1999 ја потпишаа тогашните премиери на двете земји Љубчо Георгиевски и Иван Костов беше потишана на официјалните јазици на двете земји, исто како и Договорот за добрососедство кој пред три години го потпишаа нивните наследници, Заев и Борисов.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG