Достапни линкови

Предлог преговарачката рамка на ЕУ без бугарските барања


Жена со заштитна маска пред Канцеларијата на ЕУ во Скопје.
Жена со заштитна маска пред Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

ЕУ ја подготви преговарачката рамка за Македонија, јазикот останува македонски, добросоедските односи суштински за проширувањето, но ги нема барањата на Бугарија за дефинирање на македонската нација и македонскиот јазик.

Билатералните прашања меѓу Софија и Скопје не се вметнати во предлог-преговарaчката рамка што како документ ќе се најде в петок пред постојаните претставници на ЕУ во Брисел. Во документот, за кој утре ќе се разговара, а до кој дојде Радио Слободна Европа во Брисел, стои дека регионалната соработка и добрососедските односи остануваат суштински елементи на процесот на проширување, но ги нема барањата на Бугарија за дефинирање на македонската нација и македонскиот јазик.

Во објаснувачкиот меморандум од Софија до земјите-членки на ЕУ од август годинава стои дека Македонците се проект на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито, дека македонскиот јазик не постоел до втори август 1944 година и е норма на бугарскиот.

Но во документот за кој утре ќе се разговара, јазикот се именува како македонски и нема рок за решавање на прашањата од Договорот за добрососедство со Бугарија, туку се вели дека договорот треба да се спроведува „со добра волја“.

За преговарачката рамка требаше да се разговара во средата, но состанокот беше одложен за утре. Во меѓувреме, Германија, како земја претседавач со Унијата, е во дипломатски поход со двете страни. Покрај состанокот на министерско ниво во Берлин во понеделникот, во разговорите се вклучи канцеларката Ангела Меркел, која разговараше со премиерите на двете земји, а вклучен е и германскиот претседател Валтер Штанмајер.

„Регионалната соработка и добрососедските односи остануваат клучни елементи на процесот на проширување. Северна Македонија треба да продолжи конструктивно да се вклучува во инклузивна регионална соработка и да ги зајакнува односите со соседните земји. Денес, се потсетуваме на важноста од постигнување опипливи резултати и спроведување, со добра волја, на билатералните договори, вклучувајќи ги Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија“, стои во документот до кој дојде Радио Слободна Европа во Брисел.

Општа позиција на ЕУ во пристапните преговори со Република Северна Македонија
Општа позиција на ЕУ во пристапните преговори со Република Северна Македонија

Предлог-преговарачката рамка утре треба да се најде пред Kомитетот на амбасадори на земјите членки на унијата, кој вообичаено ги подготвува одлуките за министрите. Во Комитетот утре треба да се приближат ставовите, зашто министрите на земјите членки треба да се состанат на десетти ноември и тогаш би требало формално да се усвои политичката одлука за отворање на пристапните преговори со земјава, со тоа што меѓувладината конференција би се одржала во декември, во рамки на германското претседавање со унијата.

Но во документот, до кој дојде Радио Слободна Европа, се наведува дека со него не сакаат да прејудицираат кога би се одржала меѓувладината конференција, ниту пак има датум кога би почнале преговорите.

Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, неколкупати најави дека Бугарија нема да ја прифати преговарачката рамка во предложената форма, со што под знак прашање се става одржувањето на првата меѓувладина конференција, односно почетокот на преговори со ЕУ.

Бугарија својата позиција ја изнесе во меморандумот кој летово го испрати до земјите членки на Европската унија објаснувајќи ги своите позиции. Бугарија бара добрососедските односи да се третираат како суштинско прашање, како што на пример се третира владеењето на правото.

теми за преговори со ЕУ
теми за преговори со ЕУ

Но, во документот за преговарчката рамка, до кој дојде РСЕ, во првиот делот „основи“, кој треба и прв да биде отворен, ги нема како посебен дел добрососедските односи. Тука се наведени правосудството и основните права, правдата, слободата и сигурноста, функционирањето на демократските институции, реформата на јавната администрација, економските критериуми на јавната управа и јавни набавки како и финансиската контрола. Ова всушност, според новата методологија, е најважниот кластер.

Што се однесува до македонскиот јазик, тој во предлог рамката се именува како – македонски.

„Северна Македонија треба да обезбеди превод на акијата (законодавството) на македонски во соодветно време пред пристапувањето и ќе треба да обучи доволен број преведувачи и толкувачи потребни за соодветно функционирање на институциите на ЕУ по нејзиното пристапување“, стои во предлог преговарачката рамка.

Македонските власти се оптимисти дека преку разговор со соседна Бугарија ќе се дојде до поголемо разбирање, зајакнување на довербата и кон приближување на позициите.

„Го почитуваме и посветени сме на Договорот од 2017 година кој нуди рамка и инструменти за менаџирање на билатерални прашања. Веруваме дека историските прашања кои се дел од заедничката историја може да се решат низ Комисијата за историски и образовни прашања и веруваме дека решенијата ќе ги јакнат пријателството и соработката меѓу двете земји“, брифираат од Владата.

Власта останува на тоа дека имаат цел преговорите со ЕУ да почнат за време на германското претседателство со Унијата.

Во документот се наведува дека преговорите ќе бидат ригорозни и тешки и дека на С. Македонија и останува да им ги објасни на своите граѓаните условите под кои таа пристапува кон Унијата, а треба да работи и на отстранување на дезинформациите за целиот процес. Преговорите ќе се базираат на заслугите кои ќе ги направи земјава, а темпото на напредок се зависи од исполнувањето на условите за членство. ЕУ во меѓувреме, будно ќе следи како оди исполнувањето на обврските, но наведуваат дека преговорите се отворен процес, за чиј исход не може да се гарантира претходно.

Во документот се нотира што земјата сторила за да се приближи на патот кон Унијата, посочувајќи ги тука политичките критериуми, а остануваат и препораките да се посвети на спроведување на основните реформи во областа на владеење на правото, особено судските реформи и борбата против корупцијата и организираниот криминал, основните човекови права, зајакнувањето на демократските реформи во институциите и јавната администрација, како и економски критериуми.

Напредокот во спроведувањето на овие реформи ќе го диктира темпото на преговори, а пред да се затворат преговорите ќе има доволно време да се види како се спроведуваат законите.

Од Македонија како идна земја членка се очекува да го почитува вредностите на кои почива Унијата, како почитување на човековото достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и почитување на човекови права, вклучително и правата на лица кои припаѓаат на малцинства.

Во рамката има и дел кој треба да им оневозможи на новите членки на ЕУ да ги блокираат идните кандидатки.

„Северна Македонија мора да ги прифати резултатите од кои било други пристапни преговори, какви што се во моментот на нејзино пристапување. Ќе бидат потребни јасни обврски за да се осигура дека ниедна идна земја членка нема да биде во позиција да го блокира пристапот на другите кандидати од Западниот Балкан, под услов да ги исполнуваат критериумите на Унијата за пристапување“, стои во предлог преговарачката рамка.

Во случај на сериозно и упорно нарушување на вредностите врз кои почива Унијата од страна на Северна Македонија, Комисијата може, по сопствена иницијатива или по барање на земја членка да препорача прекинување на преговорите или да се предложат нови услови за евентулано продолжување на преговорите.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG