Достапни линкови

Берлин ангажиран, Софија се уште на стари позиции


Архивска фотографија- бугарскиот премиер Бојко Борисов и бугарската министерка за надворешни работи Екатерија Захариева

По средбата на македонските и бугарските политичари, шефицата на бугарската дипломатија Захариева рече дека се уште не може да дозволат почеток на преговорите на Скопје со ЕУ, премиерот Борисов дека разговарал со канцеларката Меркел, а македонската влада се заблагодари на ангажманот на Германија.

Тројца бугарски високи политичари во последниве часови излегоа со изјави нагласувајќи ги нивните позиции за напредокот на Скопје кон Европската унија, а македонската влада излезе со брифинг. До овие засилени пораки од Софија стигнува по вчерашната средба на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева со нејзиниот македонски колега Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

Тројцата балкански политичари во Берлин ги повикаа германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас и министерот за Европа Михаил Рот во обид да се најде решение меѓу Скопје и Софија со кое источниот сосед ќе го одблокира македонскиот европски пат и ќе дозволи првата меѓувладина конференција да се одржи во декември, за време на германското претседателство со Унијата. Конечната одлука се очекува за една седмица, на десетти ноември, кога треба да се одржи состанок на Соеветот за општи работи на ЕУ.

Највоздржан јавно во пораките се чини е бугарскиот премиер Бојко Борисов. Тој на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека имал видео конференциска врска со германската канцеларка Ангела Меркел.

„И благодарам за нејзиниот личен ангажман и тој на германското претседателство за барањето на формули кои што ќе овозможат почеток на преговорите на Република Северна Македонија со Европската унија. Верував дека со помош од Германија, особено за време на нејзиното претседавање со Советот на ЕУ ќе бидат постигнат веродостојни и правилни решенија за темата “, наведува Борисов.

Министерката во неговата влада Захариева, пак на брифингот со новинарите, по петчасовната средба со Димитров и Османи беше подетална. Таа рече дека има напредок во однос на отворените прашања, но и покрај тоа не можат да ја одобрат рамката за преговори.

„Сè уште имаме шанса да се договориме за рамка за преговори. Не станува збор за оспорување на реалноста, туку за одразување во реалноста во предизвикот на историската вистина, што се рефлектира дури и во тврдењата за малцинството. Не можеме да ги затвориме очите и да се преправаме дека не гледаме дека има проблеми со спроведувањето на договорот со Македонија. Сè уште не сме во можност да ја одобриме рамката за преговори за Македонија. Ние сме добронамерни, но не можеме да правиме компромиси кои ќе продолжат да водат кон антибугарска кампања. Ова е ставот на бугарската влада“, рече Захариева.

Неколку часа по искажувањето на ставот на бугарската влада, својата позиција ја изнесе и бугарскиот претседател Румен Радев. Тој рече дека очекува од владата да се избори во поглавјето 35 од преговарачката рамка да биде внесена целата нивна национална рамковна позиција, изгласана и во бугарскиот парламент, како јасни критериуми кои ќе бидат следени низ целиот преговарачки процес.

„Тоа изгледа се помалку веројатно и од тука изходот е само еден- одложување на преговорите додека не се случи јасна и обврзувачка спогодба за расчистување на сите двострани процеси со Република Северна Македонија“, рече Радев.

Тој нагласи и дека треба да имаат јасни гаранции дека нивното единство како бугарска нација и културно наследство нема да бидат никогаш поставени под знак прашање од надворешни фактори.

„Не можеме да дадеме легитимитет на омразата кон Бугарија. Не може нација која има самопочит три години по потпишувањето на Договорот за добрососедство да гледа текстови во учебници, во музеји, споменици со навредувачки и недозволиви формулации во однос на Бугарија, рече Радев.

Македонската влада, пак, излезе со брифинг. И од таму во име на европските вредности и заедничката ЕУ иднина, го осудија говорот на омраза и во двете земји и повикува да се поддржи ваквиот апел за да се спречи нов наплив на омраза во кој било правец.

„Убедени сме дека нашите три цели: грижата за националниот интерес и правото на самоопределување на македонскиот народ, нашата европска иднина и отворањето на пристапните преговори со прва меѓувладина конференција во декември и добрососедски односи врз основа на взаемно разбирање и почитување не само што не се спротивни една со друга, туку се целосно компатибилни“, наведуваат од владата.

Од таму изразија благодарност на Германија како претседавач со ЕУ за нејзината улога во разговорите меѓу македонските и бугарските власти.
Инаку до ваквиот развој на настаните доаѓа откако официјална Софија и преку меморандум испратен до ЕУ ги исцрта своите позициии кои претходно беа усвоени во бугарската влада и парламент.

Имено, во август до земјите членки на унијата кои ја договараа преговарачката рамка за земјава, Софија испрати објаснувачки меморандум со кој бара поддршка од земјите членки за својата позиција за македонскиот напредок кон ЕУ, а во него пишува дека Македонците се проект на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито, дека македонскиот јазик не постоел до втори август 1944 година и е норма на бугарскиот, дека помеѓу 1944 и 1946 година во тогашна Социјалистичка Република Македонија била извршена егзекуција на повеќе од 20 000 луѓе кои се идентификувале како Бугари, а повеќе од 100 000 биле убиени, затворени, пратени во егзил или во концентрациони кампови.

Последно минатиот месец бугарската влада испрати коментар на нацрт преговарачката рамка до Советот на ЕУ во кој бара темата добрососедски односи да биде опфатена во првата група, односно во првиот кластер во пристапните преговори кој се нарекува „основи и кој според новата методолигија е најважниот кластер, прв се отвора и последен се затвора. Во овој документ официјална Софија повторно имаше забелешки за употребата на терминот македонски јазик.


  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG