Достапни линкови

Сашо Поповски: Да се учиме музика е исто што и да се откриваме себеси на нестандарден начин!


 Сашо Поповски, гитарист, композитор, водач на состав и раководител на Џез одделот на Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип
Сашо Поповски, гитарист, композитор, водач на состав и раководител на Џез одделот на Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип

Музиката на албумот Fallen Land е внатрешниот глас на Сашо Поповски интерпретиран на гитара денес. Не сум сигурен дека отсекогаш сум сакал ваков израз, но музиката е жива материја која се менува со секој изминат момент, животна случка...

Сашо Поповски е еден од водечките македонски џез-гитарист и композитор чија активност во изминатава деценија и половина оди по нагорна линија. Зад себе има албумски објави со различни формации и настапи како на повеќе џез-фестивали во Европа, како Џез фестивал Рокела во Италија, Перто џез фестивал во Санкт Петербург во Русија, Нишвил во соседна Србија, Петровац џез фестивал во Црна Гора и други.

Автор е на многу соло композиции и композитор на музика за филм и театар, а соработувал со познати регионални имиња како Тони Китановски, Оскар Салас, Милчо Левиев, Дејв Вилсон, Гоце Мицанов... и други. Тој е актуелен раководител на Џез одделот на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а неговиот актуелен трио проект ги вклучува искусниот Иван Бејков на контрабас и младиот Виктор Филиповски на тапани. Со нив Поповски го сними материјалот за албумот „Fallen Land“ зад кој со својата репутација како издавач застана SJF Records.

За музиката на Сашо Поповски е забележано дека е музика на чисти линии, сложени структури и бујна фантазија. Ритмички и мелодиски, таа алудира на ориентални обрасци, што ја прави малку мистична, а критичарите за штотуку објавениот „Fallen Land“ ќе напишат дека е „албум во кој можеме да го најдеме најдоброто од современата модерна џез музика на Балканот“.

По четири албумски објави со својот квартет и настапи на регионалните фестивали како БАЛКАН ЏЕЗ КОЛЕКТИВ, Сашо Поповски со Иван Бејков на бас и Виктор Филиповски го сними Fallen Land. Албумот со етикетата на SJF Records ќе биде промовиран на 39. Скопски џез фестивал. Со ова како да е заокружено едно долго патување. Што значи сево ова вас?

Повеќе би сакал да го дефинирам како почеток на едно креативно истражување кое преку албумот Fallend Land ја представува музичката слика на тоа што е Сашо Поповски денес. Точно е дека низ годините се развиваше и моделираше мојот израз и вкус, но тоа е природен процес во уметноста кој не запира со самата објава. Среќен сум што музиката на албумот остава голема слобода и простор за сопствена имагинација и интерпретација, а со тоа секој концерт на триото е различен.
Горд сум што албумот излегува под етикетата на SJF Records што е еден вид на признание за повеќе од 20 години активна работа во полето на џез и импровизирана музика, и секако тоа е поттик за понатамошно истражување, креирање автентична и оригинална музика, надградба и одржување концерти и настапи на фестивали во земјата и надвор од неа, во регионот, низ Европа. На мое големо задоволство концертната промоција на Fallen Land ќе биде во рамките на 39то издание на Скопје џез фестивал и тоа во финалната вечер на која ќе ги чуеме и видиме и славните браќа Белмондо од Франција.


Како се случи соработката со Бејков и Филиповски и што значи таа за вас како автор и инструменталист? Колку притоа ви се допреа интересите и идеите за креација на „своја“ музика, за исчекор во барањето одговори до каде би можеле заедно да стигнете како уметници и творци.

Универзитетот Гоце Делчев – Штип и Џез одделот при Музичката Академија е местото кадешто ни се споија патиштата. Иван Бејков од формирањето на Џез одделот околу 5-6 год беше професор по предметот контрабас додека Виктор Филиповски го запознав кога ми стана студент и го финализира процесот на едукација на катедрата и денес е професор по предметот тапани .
Со Бејков сме генерациски блиску и имаме сличен вкус за музика и начин на изразување и некако природно дојде соработката, додека Виктор е млад човек кој со својата харизма и музички израз ја комплетира таа целина и му дава посебен “драјв“ на триото.
Да се создава креативна музика во која музичката мисла се трансформира и добива различен облик на сцена, а интерпретацијата не е ограничена со број или модел е есенцијалната идеја по која се водиме кога ги аранжираме – обликуваме композициите.
Тешко би предвидел каде ќе се движи триото , но она што го посакувам е и понатаму да создаваме искрена музика и да уживаме додека ја изведуваме.

Дали музиката забележана на Fallen Land е она што отсекогаш сакал да го добие од себе како автор и изведувач Сашо Поповски? Која е всушност вашата музика?

Музиката на албумот Fallen Land е внатрешниот глас на Сашо Поповски интерпретиран на гитара денес. Не сум сигурен дека отсекогаш сум сакал ваков израз, но музиката е жива материја која се менува со секој изминат момент, животна случка, и секако е дел од еден период во кој како авторот сум создавал музика и развивал сопствена имагинација. Дали и во иднина ќе продолжам во иста насока тоа не би можел со сигурност да го кажам. Само времето ќе биде сведок, и се разбира моето следно музичко издание.


Ако се знае дека вашиот музички јазик е граден на творештвото на мајстори како Џон Аберкромби, Бил Фризел ...па дури и некаде во близина Рај Кудер, каде во иднина како творец и инструменталист би чекорел Поповски? Какви звучни слики би сакал да креира?

Сметам дека е добро и здраво да се има влијание од наброените современи џез артисти а со тоа и мојата музика некако полесно ќе си го најде своето место и ќе допре до публиката. Во еден период од животот слушав доста Кубанска музика па можеби од таму ви е релацијата со Рај Кудер и секако користењето на слајд техниката која е неразделен дел од неговиот музички израз.
Лично сметам дека најголемо влијание во детерминирање на мојот вкус има музиката на Орнет Колман, со чија помош разрешив доста дилеми и безброј прашања кои си ги поставував како млад човек. Да се учиме музика е исто што и да се откриваме себеси на нестандарден начин!

Во изминативе две години, особено по преселбата во Скопје и почнувањето на актуелната соработка со Бејков и Филиповски, зад вас се серија на настапи на фестивали и клубови во Италија, Унгарија, соседните Србија и Албанија... во Црна Гора. На што е резултат оваа засилена концертна активност? На вашата филозофија како музичари, на сознанието дека само така може посигурно да се зачекори на интернационалната сцена.

Точно дека од мојата преселба во Скопје поинтензивно настапуваме со триото, но добар дел од тој преиод посветив и на изучување и анализа на европската џез сцена, можностите за интернационален букинг, посетив неколку тренинзи за едукација на полето музички бизнис, изградив и лични конекции со директори на џез фестивали и на мое големо задоволство формиравме една мала регионална асоцијација на фестивали за која во блиска иднина имаме големи планови, и можеби тука ќе го најдете одговорот на вашето прашање “На што е резултат оваа засилена концертна активност?“
Да се добиваат покани за концерти на интернационални фестивали е тешко, но не е невозможно. Единствено музичарот треба да е искрен кон музиката што ја создава, да верува во она што го твори и тоа да и биде презентирано на публиката на вистинскиот начин. Со сета искреност и енергија, со вербата дека емоцијата ќе допре до оние кои седат пред вас.


Неодамна потпишавте, па дури и во едни вакви услови на живеење, уште едно успешно издание на фестивалот Џез фабрика во Битола. Како идеен творец и двигател на манифестацијата како гледате на нејзината иднина. Колку таа е дел од мозаикот за ваквите промислени урбани случувања во земјава и колку говори за развојот на актуелната македонска џез сцена?

Проектот Џез Фабрика започна во 2011 год преку мултимедијални работилници за деца до 14 год. каде ги запознавме со џез музиката на природен и ненаметлив начин преку песна, игра, цртеж, фотографија, модел. Следната година старосната граница ја подигнавме за млади над 14 год. и преку овој процес едуцираме џез публика во Битола и Пелагонискиот регион цели 9 години. До денес имаме направено 18 работилници кои беа база за формирање на Џез Фабрика Фестивал Битола а неговото трето издание во услови на светска пандемија успешно го реализиравме во соработка со НУ Народен Театар Битола, Министерство за култура на РСМ, Општина Битола и Винарија Стоби, со почитување на сите мерки и препораки од Владата на РСМ за заштита од ковид 19.
Како единствен џез фестивал на териотријата на општина Битола е главен двигател на импровизираната и џез сцена, влијае на урбаното живење во градот, а со новите програми кои ги воведуваме секоја година го доближуваме и до најпребирливите љубители на овој музички жанр. Во фокус се секогаш домашните артисти на кои Фестивалот им нуди можност за концертна и физичка промоција на нивните изданија, а преку регионалната мрежа на ЏФФ и интернационални концерти.
Нашата посветеност, безпрекорна организација и реализација ја препозна Европската Асоцијација на Фестивали ЕФФЕ Брисел и за периодот 2019 – 2020г. ни го додели нивниот амблем за “Remarkable Arts Festival”.
Џез Фабрика Фестивал во 2020г. е избран од страна на МОСТ – Унгарија во друштво на 10 фестивали од Европа и 9 фестивали од Балканот за учество во програмата за соработка и асоцијација. МОСТ е проект финансиран од Европската Унија во делот за креативна Европа а партнери се организации и фестивали како Егзит – Нови Сад, Вомекс – Будимпешта, Темишвар 2021 Европска престолнина на културата и други.

На штотуку завршениот фестивал Џез фабрика по прв пат беше доделена наградата востановена во чест на истакнатиот македонски џез музичар и мајстор на труба Гоце Димитровски. Убав гест во зачувувањето на споменот за него и колку ваквото признание може да биде стимул за младите џез музичари? Впрочем, како организатор и професор на Џез академијата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип каква и иднината на македонскиот џез? Што е она најважното што треба да го запомнат вашите студенти?

Гоце Димитровски е еден од великаните на македонската џез музика, човек кој треба да биде препознаен и од повисоките општествено политички чинители и да му се даде должното признание за се што направи за македонската џез култура. Со воведувањето на оваа награда ние како организација сакаме да го дадеме нашиот скромен придонес во поттикнување на оваа идеја а со наградата да ги запознаеме и младите џез артисти со името и ликот на Димитровски.
Македонскиот џез според мене ги живее најубавите 10 години, се формираат одлични групи, соло проекти, се снимаат модерни џез албуми што е потврда дека имаме светла иднина.
Се надевам дека и во иднина Министерството за култура на РСМ ќе ги поддржува фестивалите и проектите, но и дека истите ќе бидат препознаени – финансирани и од приватниот сектор како општествено одговорни компании, а со вакви вложувања нивото на изданијата ќе биде повиско и во блиска иднина ќе бидеме во можност достојно да се претставиме и на Европската џез сцена.

И, по настапот на 39.Скопски џез фестивал и промоцијата на албумот, кои се следните исчекори на САШО ПОПОВСКИ ТРИО? Се подготвува ли музиката за следбеникот на Fallen Land и имате ли покани за свирки во регионов, малку пошироко – во Европа?

По настапот на 39ти Скопски Џез Фестивал поточно на 20 Октомври ќе биде првата сесија за снимање на новиот материјал, композиции кои ги пишувам изминатата година – најмногу во периодот на карантин, трио формацијата Поповски, Бејков и Филиповски ќе биде надополнета со нашиот гостин од Франција, Оливие Самуилан на виола. Се надевам дека ќе имаме плодна сесија, дека ќе уживаме во новата музика и дека пред сè ќе се забавуваме.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG