Достапни линкови

39. Скопски џез фестивал во ритамот на традицијата


Плакатот за 39. Скопски џез фестивал
Плакатот за 39. Скопски џез фестивал

Со концерти на водечките регионални музичари, специјални домашни проекти, убава селекција од европскиот џез и импровизирана музика, онлајн стриминг на три ексклузивни перформанси во Њујорк и Осло и промоции на две нови изданија, од 14 до 17 октомври ќе се одржи 39. Скопски џез фестивал.

Во годината кога светот поради пандемијата и мерките за заштита од Ковид-19 се преврте наопаку и до вчера нормалното стана имитација на живот, на урбано Скопје ќе му се случи 39-то издание на неговиот далеку прочуен Џез фестивал. И, тоа во традиционалниот термин, во третиот четврток од октомври и да трае најмалку четири дена. Како и во скоро четирите децении наназад. Дури и тогаш кога имаше воени судири, кога на Македонија и се случуваа историски пресврти...кога требаше да се има и знаење и инает, згора најмногу желба да се сонува сонот за пристојно, културно место за живеење. Значи, да се освојува слободата. Чекор по чекор.

Но, наспроти сериозноста на бројките од досегашните изданија, несомненото организациско искуство и местото на масата на извиканите професионални светски џез асоцијации, малку кој помислуваше дека во едни вакви услови, кога патем бројот на активните случаи е енормно голем за една олку мала држава а пропишаните мерки за превенција и заштита се практикуваат „балкански“, кога летовите кон и од градов се толку ретки што е невозможно да се планира патување, кога карантинот станува следната порција што треба да се срка таму некаде... и ќе може да се случи Фестивалот онака скоро како и досега, во определениот термин како и досега... и да се заокружи интернационална програма која ќе го следи веќе постигнатото реноме. И, ова посебно ако се знае дека добар дел од извиканите сродни глобални случувања, дури и очекувано ја подвија опашката, појдоа по линијата на помал отпор и настаните ги одложија за догодина. За некое поубаво време.

Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов

Од таму, дури и неверно звучи кога од Скопје џез фестивал ќе забележат дека „и покрај евидентните предизвици, поради бројните ограничувања што ги донесе кризата со корона-вирусот, подготовката на програмата го имаше императивот за сочувување на високиот интернационален карактер на фестивалот и традицијата тој да го нуди најдоброто од џезот и импровизираната музика“. И, тука се е јасно оти осум реномирани музичари од Европа и од Македонија со своите свежи проекти ќе се искачат на сцената на Националната опера и балет, со заложба за одржување на традиционалните врски на СЏФ со американските и норвешките џез музичари, кои овојпат не можат да патуваат вон своите земји предвидени се и три ексклузивни перформанси од Њујорк и од Осло кои ќе можат да се следат он-лајн, најавени се и две промоции на албумски изданија... а целата програма со идеја за едукација и малку поинаква слика за себе и за изворната идеја за потврдување на сопствениот идентитет и опстојба, како некогаш кога за тоа малку пошироко се размислуваше ... ќе се емитува на еден од каналите на Македонската телевизија.

39. Скопски џез фестивал ќе започне со концертот на двете големи балкански ѕвезди, македонскиот гитаристички маг Влатко Стефановски и бугарскиот виртуоз на кавал Теодосиј Спасов. Нивната соработка датира од проектот Balkan Fever, по што имаа засилена концертна активност и снимија неколку изданија, а на Скопски џез фестивал ќе ги видиме повторно заедно по настапот во 2013 година со Македонска филхармонија и диригентот Кристијан Јарви. По нив, истата вечер на 14 октомври, на сцената во НОБ ќе ги видиме водечкиот фламенко гитарист Хуан Гомез Чикуело, кој патем во родната земја Шпанија се смета за вистински следбеник на легендарниот Пако де Лусија, и со него не помалку славниот пијанист, композитор и иноватор Марко Мескида. Нивниот последен заеднички проект е насловен „No hay dos sin tres“ е показ за досегашната соработка и радоста што може да ја претстави средбата на тројца вистински мајстори, во случајов заедно со перкусионистот Пако де Моде.

Чикуело и Мескида - фламенко џез од Шпанија

Втората вечер ќе започне со пијано рециталот на Матија Дедиќ, еден од најпознатите хрватски џез музичари од поновата генерација. Тој во оваа пригода доаѓа со албумот „Матија го свири Арсен“ за кој во 2016 година доби шест награди „Порин“. Следува специјалниот фестивалски проект на македонскиот композитор и џез гитарист Тони Китановски и неговиот МАЛ БИГ-БЕНД составен од музичари како Кирил Кузманов на саксафон, Трајче Велков на труба и други. Музиката на неговиот досега најуспешен и најпрепознатлив оркестрален звучен ентитет ЧЕРКЕЗИ ОРКЕСТАР, заедно со онаа компонирана за филм и танц и соработките со различни автори...ќе бидат во фокусот на концертот каде специјален гостин ќе биде трубачот Асан Рашид. И, по ова следува првиот од трите онлајн концерти – оној на триото на Вилијам Паркер, за кого во The Village Voice ќе биде забележано дека е „најдоследно брилијатниот фри-џез басист на сите времиња“ кој има снимено 150 албуми, објавено шест книги бил ментор на стотици млади музичари и уметници. Со него ќе бидат исклучителната гитаристка, пејачка и композитор Ејва Мендез и тапанарот Џералд Кливер.

Култната виенска група РАДИАН

Во сабота, на 16 октомври, најнапред на сцената ќе ги видиме австријците РАДИАН кои се изданок на „пргавата виенска електронска сцена“ и за чија импровизирана музика ќе биде речено дека „претставува поле на тензичност меѓу екстремните динамики, слободно импровизираните парчиња и прецизните конструкции“. Сродни по стремежите, но во далеку поголема бројност, потем на сцената се очекува да се појават СВЕТЛОСТ + ОДРОН РИТУАЛ ОРКЕСТАР и во случајов со новата инкарнација во која покрај основното трио Нинослав Спировски, Дени Омерагиќ и Кристијан Новковски се и музичари како Мартин Георгиевски на електроника и гитара, Петар Христов – сопран и тенор саксофон, Константин Хаџи коцев на пијано и други. За нив уште дека умешно се движат во просторот каде се допираат повеќе стилски правци како слободен џез, пост-рок, електро-акустична музика, минимализам и амбиентална музика и дека практикувајќи отворена платформа за соработка креираат музики каде се замаглени границите на формалното и слободното. И, по една таква понуда точка на случувањето се очекува да стави норвешкиот саксофонист Тригве Сеим, кој зад себе 22 компакт дискови под закрила на престижната издавачка куќа ECM Records, а и уште осум на кој се појавува како композитор, лидер на бенд или пак, ја дели улогата на водач на состав. Тој на овој ексклузивен стриминг перформанс од Осло сцената ќе ја дели со осуммина врвни тамошни музичари.

Сашо Поповски трио

Во недела, пак, на последната фестивалска вечер љубителите на џезот најнапред ќе имаат можност промотивно да го чујат материјалот од албумот на САШО ПОПОВСКИ ТРИО насловен како „Fallen Land“. Покрај гитаристот во актуелната постава се Иван Бејков на бас и Виктор Филиповски на тапани, а за нивната понуда ќе биде забележано дека е „музика на чисти линии, сложени структури и бујна фантазија“. Следува концертот на квинтетот на Стефан и Лајонел Белмондо, легендарните француски музичари чии услуги на дувачки инструменти досега ги имале славни имиња како пејачката Ди Ди Бриџвотер, Мишел Легран, Гил Еванс, виолинистот Стефан Грапели ...како и големиот бразилки композитор и пејач Милтон Нашименто. Како што велат, еден „состав на ѕвезди со ретка спиритуална енергија кој ќе ве потсети на легендарниот Џон Колтрејн и ќе ве остави без здив“. И, за крај уште едно ексклузивно онлајн доживување. Директно од Њујорк, нивниот сегашен дом – дуото што го чинат канадската пијанистка Крис Дејвис и германската саксафонистка Ингрид Лауброк кои, по бројните соработки и засебни проекти, ќе го претстават материјалот од својот прв заеднички албум каде „секоја од деветте композиции е свој засебен свет, а повторно чинат една неодолива експериментална целина“.

БЕЛМОНДО КВИНТЕТ - Франција

Кон ова само уште информацијата дека програмата на 39. Скопски џез фестивал, покрај промоцијата на петтиот албум на гитаристот Сашо Поповски, вклучува и првично претставување на деби изданието за SJF Records на NEXT TO SILENCE, а во рамките на манифестацијата ќе биде доделена и наградата „Златен Орикс“ за најдобар млад македонски џез-музичар во 2020 година.

Значи, вака започнува новата приказна за лизгањето по острицата на сечилото исправено помеѓу храброста и лудилото. Наредниве денови останува да потврдат дека нервозите, непроспаните ноќи и настојчивоста да се чествува ритамот на традицијата биле вистинската, смелата одлука.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG