Достапни линкови

Каква е државната стратегија против Ковид-19?


Луѓе со заштитни маски во Скопје поради пандемијата со Ковид-19.
Луѓе со заштитни маски во Скопје поради пандемијата со Ковид-19.

Коронавирусот во моментов најмногу се шири на семејни собири, прослави и свадби, според здравствените власти. Д-р Никола Пановски вели дека доколку се носат нови мерки, тоа треба да биде направено врз анализи за тоа како се шири вирусот.

Додека се најавуваат нови рестриктивни мерки за спречување на ширењето на новиот коронавирус, се поставува прашањето на кои места граѓаните најмногу не ги почитувале и досегашните мерки, податоци кои се важни за институциите да можат соодветно да одговорат со соодветни стратегии.

Стотици граѓани секој ден се казнети за неносење на заштитна маска на лицето. Само во последните 24 часа изречени се 643 прекршоци, а слични бројќи секојдневно се објавуваат во полициските билтени.

Но, Министерството за внатрешни работи (МВР) сепак нема детални податоци на кои места полицијата ги казнува граѓаните за неносење заштитна маска.

Таков одговор добивме од МВР, од каде ни рекоа дека тие информации треба да ги побараме во полициските станици во земјава, а дека Министерството не ги добива и затоа не може да одговори детално каде граѓаните најмногу биле казнети, дали е тоа во паркови, во кафеани и кафулиња, на пазари, во автомобили, јавен превоз и т.н.

Министерството за внатрешни работи добива само бројка колку граѓани се казнети, велат од МВР.

Уредбата со законска сила за задолжително носење на лична заштита Владата ја донесе во април оваа година на 45-тата седница, како што беше наведено, заради заштита на населението и спречување на ширењето на коронавирусот.

Тоа беше само една од повеќето мерки кои беа донесени од март наваму, по избувнувањето на епидемијата на Ковид -19 во земјава, каде досега вкупно се заразија повеќе од 17 илјади луѓе.

Според оваа владина уредба, граѓаните мора да носат маски на лицето кога се движат на јавни места како пазари, во јавен превоз, во државни институции, маркети, продавници, банки, здравствени институции и слично, но и во автомобил доколку патуваат со луѓе со кои не живеат во иста заедница или домаќинство.

Исклучок е дозволен доколку граѓаните се движат на јавни места на отворено со целосно одржување на дозволеното минимално растојание од најмалку два метра од друго лице, но и доколку возат велосипед или спортуваат на отворено како индивидуални спортски активности.

Но, деновиве министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција најави дека се размислува за засилување на мерките и построгимконтроли поради зголемен број на заразени, во услови кога земјата континуирано регистрира трицифрен број на заболени од Ковид-19 на дневно ниво.

Филипче рече дека веројатно ќе биде донесена одлука за задолжително носење маски на отворено, како и дека е можно да биде направено ограничување на бројот на маси во угостителски објекти, засилена контрола и казни за семејни прослави и евентуално намалување на капацитетот на јавниот превоз.

Потребна е стратегија и сценарија за мерки

Комисијата за заразни болести мерките ги носи според направените анализи од епидемиолошките анкети, ни одговорија од Министерството за здравство.

Од таму велат дека, според нивните анализи на епидемиолошките анкети на новозаразените, причина за зголемување на бројката на заболени е поради непочитување на мерките при семејни собири и прослави, свадби и генералното опуштање на граѓаните.

„Во однос на старосната група на заболените, покрај популацијата над 60 години, се забележува пораст и кај возразсни групи кои се работоспособно население, популација која има активен социјален живот со многу контакти“, велат од Министерството за здравство.

Оттаму додаваат дека Комисијата за заразни болести ја следи состојбата со короновирусот во земјава и согласно анализите и податоците ги димензионира мерките.

„На прес конференцијата (на 22 септември) се најави дека се разгледува воведување на дополнителни мерки, доколку за тоа се изнуди потреба. Сите инспекторати и институции кои се задолжени за спроведување на мерките треба да ги интензивираат контролите за спроведување на мерките и протоколите кои се веќе на сила“, велат од Минситерството за здравство.

Микробиологот, доктор Никола Пановски вели дека треба да постои јавно објавена стратегија, во која ќе бидат наведени сценарија за тоа во какви услови властите ќе носат одредени мерки.

„Во неа треба да пишува дека ако се зголеми бројот за на пример 300 луѓе, ќе се воведат такви и такви мерки. Според тоа што го знам сега, ако кажуваат дека на семејни прослави и журки се шири вирусот, таму треба да биде ставен акцентот. Очигледно дека надвор не се шири вирусот, носење мерка кај што нема јасно докази дека се шири вирусот во светот и кај нас, напротив има докази дека не се шири или се шири многу малце, сите надвор да носат маски е мачење на народот, тоа не е анализа“, вели Пановски.

Тој додава дека есенскиот бран на новозаразени се очекува поради ширење на вирусот во затворен простор и наведува дека сегашните критериуми за тоа како да се носи маска се во ред и тие треба да се почитуваат.

„Стратегија е да се кажат кои се анализите, како се шири вирусот и врз основа на тоа да се преземат нови мерки или да се променат, но и да се направат сценарија што ќе се случува ако се зголеми бројот на заразени“, вели Пановски.

Од Министерството за здравство наведуваат дека од почетокот на епидемијата највисока инциденца на 100.000 жители има во Штип, а најмногу случаи се регистрирани во Скопје, Куманово, Тетово и Штип.

Инаку, Македонија е земја со највисока смртност од Ковид-19 во регионот. Досега се регистрирани 729 смртни случаи, според последните објавени податоци на здравствените власти.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG