Достапни линкови

За вработување на факултет се чека со години


Илустрација - Правен факултет Скопје

На државните факултети има околу 500 професори со стаж од над 64 години , а млади и квалитетни кадри кои треба да ги наследат не се примаат. И кога се пензионираат професори изостануваат вработувања. Проблемот кој никој не го решава може да се претвори во замака за високото образование .

Дипломираните професори убедливо се меѓу најмногубројните на листите на невработени во Македонија, а многумина се маратонци по бројот на години на чекање вистинска работа.

Дипломираната професорка по класични студии од Скопје, 40 годишната Даниела постојано вработување како професор чека од 2004 година . Таа со години доаѓа на Филозофскиот факултетот и држи часови хонорарно како надворешен соработник, а од пред три години успева да се вработи на еден од приватните универзитети.

"Дипломирав на катедрaта за класични студии на Филозофски факултет во 2004 година. Истата година се запишав на постдипломски студии, насока хеленска книжевност. Добив стипендија од МОН за постипломски како талентиран студент, но кога се запишав на докторски тоа го финансирав сама зашто не бев вработена. Одбрав специјалност хеленска комедија. Со докторатот станав надворешен соработник на факултетот се додека не се вработив на приватен факултет" вели Даниела.

Но, професорката Даниела сега повторно е ученик и специјализара во друга научна област за потребите на предметот кој го предава. Таа во меѓувреме продолжува хонорарно да предава и на државниот факултет од љубов кон предметот во кој вложила пари, време и амбиции.

"Сега на 40 години повторно поминувам работи кои сум ги поминала пред 7 години. Ученик сум повторно затоа што сега пробувам нов докторат во друга област, блиску е до класичната филологија, но не е литература како претходната докторска"

Но, иако државата не и дава можност да влезе како асистент на државниот факултет и тоа да и биде гаранција дека ќе напредува и оттаму да отиде во пензија како редовен професор, Даниела продолжува како маратонец со оглед на бројот на години во кои е ангажирана како надворешен соработник на Филозофскиот факултет каде им предава на студентите.

"Се уште сум надворешен соработник, имам 4 предмети, за еден семестар добивам сума од 30 илјади. Возам до таму трошам време, пат ресурси. Не заработувам од тоа, но го работам зашто го сакам" вели професорката Даниела.

Професори одат во пезија а нема кој да ги замени

Професорите, случајот на Даниела го гледаат како илсустрација на сериозната ситуација со недостиг на млад кадар во високото образование што може да го загрози квалитетот на студирањето. Тие не гледаат дека тоа некој го решава и стравуваат дека ова ќе доведе до ситуација да нема кој да им предава за неколку години на студентите за некои предмети.

Резултатите кои независниот академски синдикат НАкС лани ги презентираше во јавноста покажуваат дека на УКИМ, од вкупно 26 факултети, на осум факултети немаат ниту еден вработен асистент, додека на УКЛО состојбата е уште полоша и на повеќе од половина од факултетите не е вработен ниту еден асистент.

Елена Џукевска е член на НАкС и професор на катедрата за класични студии на Филозофскиот факултет.

"На пример кај нас од пред неколку години заминаа во пензија двајца професори, а не е одобрена замена и нема кој да ги држи тие часови. Очајно е, необезбедувањето на подмаладок доведува до губење на цели дисциплни и на ресурси зашто ако професор инвестирал во развивање на една дисциплина, а нема кому да му го остави занаетот, се губат цели дисциплини, професорите си одат во пензија и нема кој да продолжи и тоа се одразува на квалитетот" вели професорката Џукевска.

Незвисниот академски синдикат НАкС подолго време алармира дека бројот на возрасни професори е далеку поголем, а оти нема подмладок на факултетите во државата.

Од 300 до 500 професори на факултетите имаат над 64 години

Факултетот за безбедност е најстарата институција во државата во областа на безбедноста. На овој факултет петмина од професорите се луѓе кои се постари од 64 години. Деканот на Факултетот за безбедност професорот Никола Дујовски вели дека 20 проценти од вкупниот кадар се на возразст од над 64 години , а оти немаат ниту еден асистент.

"Немаме ниту еден асистент на факултетот, а и на целиот универзитет има толку малку што нивната бројка не може да се забележи, мината година успеавме да добиеме три вработувања во адимнситрацијата , но не добивме согласност за ниеден асистент. Очекувам да добиеме одобрение оваа година зашто академскиот подмладок е моторот на развојот во образованието " вели професорот Дујовски.

Тој вели дека нелогично е секоја година на факултетите да дипломираат, магистрираат и да докторираат толкав број на студенти, а на предавањата пред студентите и натаму да се појавуваат само повозрасни професори.

"Во високото образование некаде помеѓу 300 и 500 луѓе имаат повеќе од 62 години за жени а 64 за мажи, а се сеуште се на работа" вели професорот Дујовски.

Дали мерките за пезиите ќе ги зголемат вработувањата на факултетите?

Деканот на факултетот за безбедност Дујовски, надеж да се реши проблемот гледа во најавите за носење на новиот закон за пензионирање со кој се планира да се укине можноста, воведена пред неколку години, за останување на работа и по навршување на стажот од 64 години за мажи и 62 години за жени.

Тој вели дека доколку бруто платата која сега се обезбедува од буџетот за еден редовен професор се префрли во Фондот за пензиско за пензија на професорот, тогаш ќе останат доволно средства на тоа место, а со истите пари да се вработат најмалку двајца асистенти или соработници во пониско научно звање.

"А на факултети како што се медицинскиот или некои од хуманистичките науки или некои други каде реално има дефицит на кадар таму треба да може да ги ангажираат наставно научните совети и повозрасните професори, но да ги плаќаат од сметките за самофинансирачки буџети, да не биде тоа на товар на буџетот. Тоа е разумуно. Значи еден професор кој е пред пензија и има повеќе од 64 години држи место за два или три асистенти во зависност од тоа на кој факултет предава. На тој начин ние ќе овозможиме соодветно да биде награден човекот кој се вложил во развојот на институцијата, но од друга страна уште повеќе ќе вложиме во нашата иднина со тоа што младите луѓе ќе ги здржиме овде. Се произведуваат магистри на науки, доктори на науки кои потоа со тие дипломи за кои државата издвоила многу пари, ги користат во странство зашто си заминуваат", вели професорот Дујовски.

До неговата изјава доаѓа по најавата на премиерот Зоран Заев пред неколку недели за заминување во пензија на 62 години за жени и 64 за мажи за вработените во јавниот сектор. Тој рече дека исклучок од оваа мерка ќе има за вработените во здравството, образованието и други дефицитарни кадри.

Инаку во врска со проблемот со недостиг на млад кадар во високото образование од синдикатот на НАкС потсетуваат дека пред неколку години кога се несоеше законот за високо образование тие бараа одобрувањето на нови кадри и пезионирањето да биде по автоматизам, но тоа не беше прифатено.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG