Достапни линкови

ОЈО нема да води постапка за Мицкоски за случајот „Теретана“


Архивска фотографија - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) нема да поведе постапка за случајот „Теретана“, во кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и уште неколку лица се сомничеа дека користеле услуги на фитнес-центар во Скопје и ги прекршиле мерките за заштита од Ковид-19, соопшти денеска ОЈО.

Основното јавно обвинителство Скопје поосчува дека биле издадени наредби за обезбедување на видео записите и за вештачење на ДВР-уредите на кои се сочувани видео записите од безбедносните камери во фитнес студиото. Во исто време, во својство на сведоци биле испитани повеќе лица. Предмет на анализа бил целокупниот материјал обезбеден и доставен од страна на СВР Скопје, а одземен од деловниот субјект во критичниот период.

„Притоа, на прибавените снимки не биле збележани ниту посочените, ниту други лица да ги користат услугите на фитнес – центарот спротивно на донесените забрани. Од вештачењето на ДВР-уредите произлезе дека видео записите не биле манипулирани, односно беше потврден интегритетот на податоците на доставените уреди. Дополнително, надлежниот јавен обвинител ја прибави и документацијата од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР кои спровеле постапка во однос на наводите за присуство на полициски службеници во фитнес центарот, спротивно на мерките за спречување на пандемијата“, соопшти ОЈО.

Оттаму додаваат дека по проучување и анализа на целокупниот материјал, јавниот обвинител утврдил дека во конкретниот случај не постои основано сомневање дека е извршено кривично дело кое се гони по службена должност.

XS
SM
MD
LG