Вести
Кремљ: да не се поврзува случајот Навални со гасоводот Северен тек 2

Кремљ соопшти дека не треба да има никаква врска меѓу гасоводот „Северен тек 2“ од Русија до Германија и случајот со опозицискиот лидер Алексеј Навални, за кого Берлин вели дека бил отруен во Русија со нервен отров.
„Ова е комерцијален проект кој е апсолутно во согласност со интересите и на Русија и на земјите од Европската унија, а пред се на Германија“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Нови тензии меѓу САД и Германија за „Северен тек 2“
Германија беше еден од најголемите поборници за „Северен тек 2“, но коалициската влада на канцеларката Ангела Меркел се соочува со повици да го запре гасоводот по сомневањата за труење на Навални, доколку Москва не соработува со транспарентна истрага.
Австрија не се откажува од гасоводот „Северен тек 2“
На Навални му се слошило на руски домашен лет на 20 август и бил медицински евакуиран во Германија, каде што воената лабораторија открила дека антикорупционерот бил отруен со воен нервен отров познат под името Новичок. Лабораториите во Шведска и Франција се согласија со заклучоците на германските лекари.
Украина и членките на ЕУ- Полска, Естонија, Летонија и Литванија се против „Северен тек 2“, а Соединетите Држави се обидоа да го запрат проектот со санкции што ги налутија европските метрополи.
види ги сите денешни вести
МААЕ одобри резолуција за итно враќање на централата Запорожје под украинска контрола

Шеесет и седмата генерална конференција на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) одобри резолуција со која се бара итно враќање на нуклеарната централа Запорожје под контрола на Украина, соопшти украинското Министерство за енергетика.
Според Министерството, 69 земји ја поддржаа резолуцијата за нуклеарна безбедност во Украина. Резолуцијата беше предложена од Канада, Финска и Костарика.
„Како дел од резолуцијата, таа ја повикува Москва „веднаш да го повлече целиот воен и друг неовластен персонал“ од штабот и да го предаде објектот под целосна контрола на надлежните украински органи во согласност со постојната лиценца издадена од Државниот нуклеарен регулаторен инспекторат на Украина“, додаваат од Министерството.
Покрај тоа, МААЕ е загрижена што Руската Федерација не ги послушала претходните повици на управниот одбор на организацијата веднаш да ги прекине сите дејства против и на нуклеарните локации во Украина и да го повлече својот воен и другиот персонал од нуклеарната централа Запорожје.
Документот ја нагласува важноста на нуклеарната и физичката безбедност при мирно користење на нуклеарни постројки и материјали под сите околности, вклучително и за време на вооружени конфликти.
Републиканците отворија истрага за импичмент на Бајден со фокус на син му

Републиканците во Претставничкиот дом, кои ја започнаа истрагата за импичмент на претседателот Џо Бајден на првото сослушување во процесот на 28 септември, ги детализираа исплатите на членовите на неговото семејство од странство, но не обезбедија докази дека претседателот лично имал корист од нив.
Првото сослушување за импичмент од страна на Комисијата за надзор на Претставничкиот дом служеше како преглед на доказите што републиканците досега ги собрале за странските деловни потфати на проблематичниот 53-годишен син на Бајден, Хантер Бајден, што според нив покажува дека членовите на семејството Бајден му продале пристап до него.
„Американскиот народ бара одговорност за оваа култура на корупција“, рече претседателот на Комисијата за надзор на Претставничкиот дом, Џејмс Комер.
Тој рече дека Бајден лажел за работните места на членовите на семејството и не ги одвојувал од неговите службени должности.
Демократите и неколку независни сведоци рекоа дека нема докази дека Бајден примил некое од тие плаќања или на друг начин постапил неправилно додека служел како потпретседател помеѓу 2009 и 2017 година.
Белата куќа негираше дека сторила нешто лошо и ја отфрли истрагата како политички мотивирана.
Демократот Џејми Раскин рече дека републиканците имале навестувања за докази што треба да ги презентираат на сослушувањето.
„Но, тие немаат ништо“, рече Раскин.
Бајден води кампања за реизбор во веројатниот реванш со републиканецот Доналд Трамп, кој се соочува со четири кривични судски процеси за низа обвиненија, од обид да ја поништи неговата изборна загуба во 2020 година до лошо постапување со доверливи документи по напуштањето на функцијата.
Трамп, кој двапати беше отповикан од Претставничкиот дом додека беше на функцијата и некои од неговите републикански сојузници со месеци бараат импичмент на Бајден.
Кремљ го задолжи поранешниот командант на Вагнер да формира доброволни борбени единици

Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин се сретнал со Андреј Трошев, поранешниот началник на Генералштабот на платеничката група Вагнер и му ја предал одговорноста за формирање нови доброволни борбени единици.
„На нашиот последен состанок разговаравме за тоа дека ќе бидете ангажирани во формирање на доброволни единици кои можат да извршуваат различни борбени задачи“, рече Путин на средбата со Трошев и рускиот заменик министер за одбрана Јунус-Бек Јевкуров на 28 септември, според транскриптот од разговорот објавен ден подоцна.
Путин истакна дека Трошев „е свесен за прашањата што треба да се решат претходно за да се обезбедат подобри и успешни борбени активности“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 29 септември им изјави на новинарите дека поранешниот началник на кабинетот на Вагнер сега работи во Министерството за одбрана.
Во август, Институтот за проучување на војната соопшти дека командантите на Вагнер го обвиниле Трошев и другите високи функционери на платеничката група за „предавство на Вагнер за приватната воена компанија Редут, поврзана со руското Министерство за одбрана“.
Редут, комбинација од неколку помали групи ветерани на Руската служба за надворешно разузнавање, руските воздухопловни сили и единиците на руското Министерство за одбрана, е активен во војната во Украина откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година.
Извештајот на Институтот беше објавен три дена пред авионот поврзан со основачот и лидер на Вагнер, Евгениј Пригожин, да се урне меѓу Москва и Санкт Петербург на 23 август, при што загинаа сите 10 лица во него.
На 27 август, руските власти соопштија дека телото на Пригожин било идентификувано од лекарите, заедно со телото на уште девет лица во авионот „Ембраер 600“, кој се урна во регионот Твер во сомнителни околности.
Два месеци пред неговата смрт, на 23-24 јуни, Пригожин испрати илјадници свои борци во краткотраен бунт против воената команда што се бори во Украина, наметнувајќи му го еден од најголемите предизвици на Путин во неговата дведецениска власт.
Бунтот следуваше по неколкумесечните интензивни јавни борби со руското воено раководство за воената стратегија во Украина и снабдувањето со муниција, бидејќи борците на Вагнер одиграа главна улога во тешките борби за градот Бахмут на истокот на Украина.
Во средината на септември, британската влада ја додаде групата Вагнер на својата листа на терористички организации, велејќи дека таа останува закана за глобалната безбедност дури и по смртта на Пригожин.
Претходно во јануари Вашингтон го назначи Вагнер за транснационална криминална организација.
Најмалку 52 лица загинале во самоубиствен напад во Пакистан

Најмалку 52 лица загинале, а повеќе од 50 биле повредени во петокот, (29 септември) во самоубиствен напад на верски собир по повод роденденот на пророкот Мухамед во пакистанската провинција Белучистан, соопштија здравствените власти и полицијата.
Според Ројтерс, ниту една група сè уште не ја презела одговорноста за експлозијата.
На западот на Пакистан, каде што се наоѓа Балучистан, зголемен е бројот на напади, што ги зголемува ризиците за безбедносните сили пред националните избори закажани за јануари следната година.
„Бомбашот ја активирал експлозијата во близина на возилото на заменик-началникот на полицијата“, изјави за Ројтерс заменик-генералниот инспектор на полицијата Мунир Ахмед, додавајќи дека експлозијата се случила во близина на џамија каде што луѓето се собирале на поворка за да го одбележат роденденот на Мухамед.
Техрик-е Талибан Пакистан, главна група која вклучува различни екстремни сунитски исламистички групи, негираше дека го извршила нападот.
Во јули, повеќе од 40 луѓе беа убиени во самоубиствен бомбашки напад во северозападната провинција Хајбер Пахтунхва на митинг на верска политичка партија.
Градоначалникот на Белград поднесе оставка

Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, во петокот на 29 септември поднесе оставка од таа функција, соопшти градската управа.
Сепак, како што се наведува, тој ќе продолжи да го води Белград до „изборите и последниот тест на довербата на белграѓани“.
„Штотуку поднесов формална оставка од функцијата градоначалник на град Белград, за да почнам да создавам законски услови за одржување на изборите, каде покрај парламентарните и локалните избори би се одржале на 17 декември“, изјави Шапиќ.
Претседателите на општините низ Србија, од владејачката Српска напредна партија (СНС), од четвртокот поднесоа оставки од своите функции.
Овие одлуки доаѓаат откако српскиот претседател Александар Вучиќ на 27 септември за Српската радио-телевизија (РТС) изјави дека изборите може да се распишат „на 17 декември“.
Тој рече дека заедно ќе се одржат парламентарни, локални и покраински избори.
„Денеска разговарав со Александар Шапиќ, се договоривме и како ќе бидат претставени резултатите за Белград, тој најверојатно ќе ја предводи таа листа“, изјави Вучиќ за Радио-телевизија на Србија.
Дел од опозицијата што ги организира протестите „Србија против насилството“ во септември побара предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што наведоа, не е исполнето ниту едно од барањата на протестите.
Протестите „Србија против насилството“ се одржуваат секоја недела по двете масовни убиства на 3 и 4 мај во Белград и областа Младеновац, во кои загинаа вкупно 19 лица, од кои повеќето деца.
Барањата на протестот се исти со месеци, поточно смена на членовите на Советот на РЕМ и раководството на РТС.
Тие бараат и затворање на печатените медиуми и укинување на програмите и националните телевизиски фреквенции кои промовираат насилство и омраза, како и смена на министерката за внатрешни работи Братислава Гашиќ и директорот на Безбедносно-информативната агенција, Александар Вулин.
Косовската полиција врши претреси во три општини на северот

Косовската полиција во петокот на 29 септември соопшти дека врши проверки на пет локации во три општини на северот на Косово, во врска со нападите врз полицијата во селото Бањска во општина Звечан.
Во судирите меѓу полицијата и вооружените групи во Бањска на 24 септември загинаа еден полицаец и тројца напаѓачи од српска националност.
Според информациите на Радио Слободна Европа на терен, полициски службеници во Северна Митровица се во близина на градската болница и ресторанот Греј.
Се претпоставува дека овој ресторан е во сопственост на Ема Радојчиќ, сопругата на Милан Радојчиќ, потпретседателот на Српската листа, кого косовските власти го обвинуваат дека го организирал и учествувал во нападот во Бањска.
Полицијата соопшти дека проверките ги врши во координација со мисијата ЕУЛЕКС за владеење на правото и мисијата на НАТО на Косово, КФОР.
Министерот за внатрешни работи на Косово Џељаљ Свечља објави видео од дрон на кое вели дека се гледа Радојчиќ вооружен во униформа.
На 28 септември, Собранието на Косово усвои резолуција со која се осудува нападот на косовската полиција во Бањска и се наведува потребата од меѓународна истрага за улогата на Србија во тој напад.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека напаѓачите се локални Срби од Косово, „кои повеќе не можат да го издржат теророт на косовскиот премиер Албин Курти.
Нападот во Бањска го осудија САД и Европската Унија. Многу членки на Европската Унија бараат воведување мерки против Србија доколку се докаже поврзаноста на Белград со нападите во Бањска, велат дипломатски извори за Радио Слободна Европа.
Затворањето на американската влада е сѐ поизвесно

Прекинот на работата на американската федерална влада е сè поизвесно поради спорот меѓу демократите и републиканците за буџетските трошења во Конгресот. Затворањето, една минута по полноќ на 1 октомври, ќе наруши многу услуги, ќе влијае на вработените во владата и ќе предизвика нови нарушувања во американската политика, пренесува Гласот на Америка.
Демократите во Сенатот гласаа да се отвори дебата за нацрт-законот со кој се продолжуваат федералните трошоци до 17 ноември, но републиканците, кои го контролираат Претставничкиот дом, веќе рекоа дека нема да го поддржат усвојувањето на тој закон.
Според „Вашингтон пост“, прекинот на работата на владата значи дека милиони федерални вработени и членови на војската ќе престанат да добиваат плата и дека многу од нив ќе мора да се појавуваат на работа.
Во исто време, некои национални паркови и музеи ќе бидат затворени, а ќе има нови прекини и одложувања на аеродромите низ САД. Затворањето на владата ќе влијае и на најважните федерални програми за помош, како што е онаа што им помага на жртвите од смртоносните шумски пожари во Мауи, Хаваи.
Во меѓувреме Претставничкиот дом на САД усвои нацрт-закон за финансирање на Министерството за одбрана, јавија британските медиуми, забележувајќи дека тоа се случи откако претседателот на Долниот дом на американскиот Конгрес, Кевин Мекарти, го отстрани финансирањето за Украина, на барање на тврдокорните членови на неговата Републиканска партија.
Во меѓувреме Претставничкиот дом на САД, исто така, усвои нацрт-закон за финансирање на Министерството за домашна безбедност.
Предлог-законите се меѓу неколкуте изгласани законски проекти, на крајот на седницата во текот на ноќта, што меѓутоа нема да спречи делумно затворање на владата, од недела, 1 октомври.
Стано за Денот на жалост во Србија: Напаѓачите никогаш не треба да се поистоветуваат со жртвите

Европската унија (ЕУ) е суштински против глорификацијата на криминалците, терористите и жалењето за нив, изјави портпаролот на ЕУ, Петер Стано по повод прогласувањето ден на жалост во Србија по конфликтот во селото Бањска во општината на Звечан на северот на Косово.
Портпаролот на ЕУ, Петер Стано потврди дека на 25 септември, кога беше прогласен ден на жалост во Косово, Канцеларијата на ЕУ во Приштина го подигна знамето на ЕУ на половина копје во чест на убиените и ранетите косовски полицајци, „жртви на страшниот терористички напад во неделата“.
Тој рече дека тоа не го направила делегацијата на ЕУ во Белград на 27 септември, кога во Србија беше ден на жалост.
„Напаѓачите никогаш не треба да се поистоветуваат со жртвите“, рече Стано во писмениот одговор за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Во неделата, на 24 септември, косовската полиција го истражуваше подрачјето околу селото Бањска на северот од земјата, кога во раните утрински часови група маскирани и вооружени лица ја нападнаа полицијата на северот на Косово.
Во таа прилика е убиен еден полицаец, додека во размената на оган полицијата убила тројца напаѓачи од српска националност. Овој напад го осуди меѓународната заедница, а ЕУ оценува дека станува збор за „терористички напад“.
Претставниците на ЕУ продолжуваат да инсистираат дека е неопходна истрага за нападот во Бањска и дека ЕУ ќе одлучи како да продолжи врз основа на резултатите од истрагата.
„Она што се случи во неделата беше многу сериозно и треба да се разјасни бидејќи ќе има последици“, изјави портпаролот на ЕУ, Петер Стано.
„Ова беше терористички напад и терористичкиот напад треба да се истражи. И одговорните за него треба да бидат изведени пред лицето на правдата. И секој кој има се што е вклучено што може е должен да учествува и да соработува за да се осигура дека овој терористички напад не само што е целосно истражен , но правдата да биде задоволена за оние кои го планирале, што го извршиле и кои стојат зад овој напад“, подвлече Стано.
Додека Косово ја обвинува Србија дека стои зад нападот, Србија тоа го негира.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека за него напаѓачите на косовската полиција не се терористи.
„За мене, како претседател на Србија, тие луѓе никогаш нема да бидат терористи. Дали можам да го оправдам убиството на полицаецот...нема оправдување и поради тоа државните органи на Србија ќе преземат чекори“, рече Вучиќ. во интервју за јавниот сервис РТС.
Многу членки на ЕУ бараат воведување мерки против Србија доколку се докаже поврзаноста на Белград со нападите во Бањска.
Лога на средба со Синдикатот на УПОЗ за барањата на судската и јавнообвинителската служба

Министерот за правда, Кренар Лога, се сретна со претставници на Синдикатот на УПОЗ, соопштија од министерството. На средбата се разговарало за актуелните протести, проблеми и барања со кои се соочуваат судската и јавнообвинителската служба.
„Министерството за правда ќе достави информација до Владата, во соработка со Министерството за финансии да се разгледа можноста за отпочнување на процес на преговори со Синдикатот на УПОЗ со цел да се најде заедничко решение и да не се закочи процесот со движење на предмети во судовите и јавните обвинителства“, се наведува во соопштението од Министерството.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деановски, како што се наведува во соопштението, изразил благодарност до министерот Лога за неговите напори и заложби за решавање на проблемите на вработените.
Вработени во судската администрација, поделени во два синдикати, денеска во истовреме протестираа низ центарот на Скопје со исти барања - повисоки плати за 78 отсто и да им се исплатат додатоците на плата од 35 отсто, што не ги земаат со месеци.
Поворката собрана зад големиот бел транспарент „Бараме плата за достоинствен живот“, помина и пред зградата на Собранието, кое се наоѓа на стотина метри од зградата на ССМ, а потоа низ центарот на градот, се до пред Влада.
Се истражува евентуална руска вмешаност за нападот во Бањска

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечла, изјави дека Косово ја истражува евентуалната вмешаност на Русија во нападот врз полицијата во Бањска во Звечан.
На 24 септември, наредникот Африм Буњаку беше убиен, а неколку полицајци беа повредени откако органите на редот беа нападнати од вооружена група. Исто така, при размена на оган загинаа и тројца осомничени напаѓачи.
Косово ја обвини Србија за овој напад, кој го нарекува терористички. Белград негираше дека е вмешан во настаните во Бањска и Звечан.
Свечла во интервју за „Асошиетед прес“ рече дека истражителите бараат докази кои ја поврзуваат Русија со вооружениот напад. Руското оружје и опрема и други документи укажуваат на вмешаноста на Русија во вооружениот напад, рече тој.
„Она што со сигурност го знаеме е дека (напаѓачите) дошле од Србија. Некои од нив се косовски Срби, кои имаат двојно државјанство - косовско и српско и според информациите од нашите разузнавачки служби, тие биле обучени во кампови во Србија. Најдовме некои документи поради кои се сомневаме дека имало и луѓе од Русија. Што се однесува до опремата имаме докази, но за поединците се уште само се сомневаме“, изјави Свечла.
На Запад постои страв дека Русија, дејствувајќи преку Србија, би можела да има за цел да го дестабилизира Балканот и да го оттргне вниманието од нејзината окупација на Украина. Русија и понуди поддршка на Србија по нападот во Бањска, обвинувајќи го Западот дека не ги заштитил косовските Срби.
Свечла рече дека врз основа на собраните сведоштва и снимките од дрон, некои од напаѓачите, кои тој ги нарече „терористи“, носеле маски за време на операцијата.
„Дури и членовите на групата кои беа уапсени не знаеја кои се тие. Значи, или се високи функционери на српскиот безбедносен сектор или дошле директно од Русија.
Според него, целта на операцијата очигледно била да се преземе контрола врз северот на Косово со крајна цел да се одвои оваа област населена претежно со Срби од остатокот на земјата.
„Тие имаа над 100 униформи. Планираа да регрутираат повеќе луѓе во (заедниците) каде што живеат Србите...Косовските институции тогаш ќе треба да се соочат со неколку стотици терористи, според сценариото што го планираа“, рече тој.
Овие тврдења тој ги засноваше и на големиот број оружје што според него полицијата го пронашла во Бањска.
Според Свечла, опасноста од ново востание не поминала.
„Немаме конфликт, но имаме информации дека обуката на такви терористи продолжува во Србија. Во Косово сè уште има луѓе кои се дел од оваа група“, изјави Свечла за „Асошиетед Прес“.
За настаните во Бањска во моментов се уапсени четири лица, а на 25 септември полицијата покажала оружје и друга опрема за која велат дека биле запленети во ова село.
Свечла претходно презентира снимки од дрон, велејќи дека на нив се гледа потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, вооружен во Бањска. Косовскиот функционер изјави дека Радоичиќ го водел и учествувал во нападот на 24 септември.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Радоичиќ е во Србија и дека ќе биде сослушан. Сепак, тој рече дека не ја знае целта на нападот на групата врз косовската полиција.
Соединетите Американски Држави и Европската Унија најостро го осудија нападот и побараа одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете