Достапни линкови

Балканска мафија со политичка поддршка


Полиња со афион во Авганистан
Полиња со афион во Авганистан

Ако досега во холивудските филмови главните мафијашки ликови беа по потекло од Италија или Русија, сега постои можност тој стереотип да се промени и тие да доаѓаат од Западен Балкан. Шверц на мигранти, трговија со луѓе, продажба на дрога, трговија со оружје како и високопрофилни кражби и нарачани убиства низ Западна Европа се дел од организираниот криминал во кој учествуваа криминалците од Западен Балкан.

Српските „Пинк Пантери“, организацијата „Келменди“, „Југомафија“ во Скандинавија, потоа „берачите“ криминална организирана група во Холандија, албанските пандани на сицилијанската мафија, но и македонската Франкфурт мафија и обидот за шверц на 700 килограми кокаин во Мадрид се дел од организираните криминални групи кои потекнуваат од Западен Балкан, но се дел од подземјето на Западна Европа, па и Јужна Америка.

Од понудата на кокаин во Латинска Америка до улиците на Западна Европа, хероин од Турција преку Западен Балкан до ЕУ, од полињата со канабис во Албанија кон Турција и Европската Унија. Западен Балкан како транзитна зона и расадник за регрутирање на теренски „војници“ за ваквите групи во изминативе 3 децении станува безбедно место за криење и инвестирање, или перење на криминално стекнатиот имот, но главната акција се одвива во странство. Нивното дејство, развој, но и организација во изминативе 30 години, не би биле можни без инволвираност на политичари и поддршка од дијаспората, покажува извештајот за „Транснационалните пипала “ глобални жаришта на балканскиот организиран криминал.

Мафијаши и криминалци и од Македонија

„Групите од Западен Балкан сега се клучните шверцери на хероин, канабис и кокаин. Тие се особено сконцентрирани на места каде има значителна дијаспора, со оглед на тоа дека организираниот криминал обично пред сè се потпира на својата заедница. Таканаречената „Франкфурт мафија“, на пример, станала озлогласена по шверцувањето хероин од Северна Македонија до Франкфурт и Виена (два града каде има голема дијаспора). Групата главно се состоела од македонски државјани од градот Велес. Според полицијата, Франкфурт мафија успеала брзо да навлезе на пазарот со продажба на висококвалитетен хероин по цена што се опишува како разумна. Нивниот профит само во Виена се проценува на 80 000 евра дневно,. Иако 450 луѓе завршија зад решетки, групата е сè уште активна и просто само ја смени тактиката “ , се вели во извештајот на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал .

Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешл вели дека организираниот криминал не е само криминал на групите кои делуваат надвор од државата, туку треба да се оценува и на она што се случува внатре во државата и како тоа се одвива внатре во државата. Таа додава дека без поддршка од политичарите и корупција не може да постои организиран криминал.

„Постојат закони, институции и органи за прогон на организираниот криминал , постои се, но тоа не функционира, затоа што не постои политичка волја да функционира. Кога зборуваме за организиран криминал тој не е можен без внатрешна поддршка, и без корупција. За да не се спроведе или да не се обезбеди проактивно следење на финансиските токови на пример, каде одат парите, од каде доаѓаат, што се случува со парите од внатре од нив, треба системот кој што постои да не функцинира. Или државата не обезбедила доволно капацитет, со години зборуваме за тоа, имаме закони но не се имплемтирани, или пак институциите немаат доволно знање, а понекогаш и не им се дозволува да ја сработат својата работа,“ вели Тасева.

Таа објаснува дека сето тоа е прашање на политичка волја, која ќе треба да повлече промени што ќе овозможат конечно земјава да се справи и да го заузда организираниот криминал. Институциите имаат поединции кои што знаат и можат, но како институција им недостига лидерство за да покажат капацитет за да се справат со организираниот криминал.

Тасева вели дека интересен податок е фактот што во немирните времиња за Југославија, распадот нејзин како и конфликтите потоа им го отворија патот на западно-балканските криминалци кон западноевропските земји, и им овозможи таму да се здружат без разлика на етникумот, нешто што дома им беше вистински проблем. Од друга страна пак, одредени државни структури од балканските земји директно биле вклучени во шверц на цигари, и парите служеле за закрепнување на валутата.

Во војна во Југославија, ортаци во странство

По распадот на Југославија на пример кон крајот на 1990-тите години, Албанија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина станале привремени магацини за хероин чија дестинација се западноевропските земји, заради зголемено култивирање на опиум и производство на хероин кое беше во пораст за време на војната во Авганистан.

Војната во Југославија го предизвика големиот бран на емиграција што создаде тло за поддршка и на криминалците низ западноевропските земји. „Гастербајтерската заедница“ честопати била користена за југословенските криминалци да се засолнат привремено додека да закрепнат или да си најдат нова рута.

Во февруари минатата година македонското Министерство за внатрешни работи соопшти дека била разбиена криминална организација во партнерство со Управата за сузбивање на дрога на САД (ДЕА). Групата била вклучена во трговија на хероин и канабис од Турција кон Северна Македонија.

Во декември 2019 година двајца државјани на Северна Македонија беа уапсени во дел од една операција која го попречи обидот за шверцување на 700 килограми кокаин на Балканот од Мадрид.

Меѓународните организации неодамна во брифинг за Радио Слободна Европа посочија дека шверцерските мрежи соработуваат со арапски, албански, грчки и бугарски криумчари кои им обезбедуваат фалсификувани пасоши и транспорт од Ирак, Сирија, Пакистан, Авганистан и Мароко, од бегалските кампови во Турција преку Албанија, Грција и Македонија до европските дестинации.

Во странските медиуми се среќаваат информации дека одредени групи кои зборуваат албански јазик, вклучително и групи од Косово и Северна Македонија биле активни во трговијата со хероин, улични злосторства, шверц на мигранти во неколку европски земји, како Република Чешка, Белгија, Грција, Австрија, Швајцарија, Германија и Холандија.

Бизнисите на Мијалков во Чешка

Чешкиот центар за истражувачко новинарство во 2015 година открил дека десетици компании основани во Прага имаат врски и биле користени како машини за перење пари од неколку моќни балкански групи на организиран криминал, вклучени во трговија со дрога, убиства и шверц на цигари.

„Добро поврзани луѓе од Балканот се етаблирале во Прага. Добар пример е Јордан Мијалков, таткото на Сашо Мијалков - шефот на македонската тајна служба во владата на Никола Груевски, која се распадна по обвиненија за масовно прислушување во 2015 година. Јордан Мијалков бил првиот министер за внатрешни работи на поранешната Југословенска Република Македонија. Тој исто така бил претставник на југословенската компанија Макотекс во Прага во 1980-тите. Додека само мал дел од информациите за активностите на Јордан Мијалков во Прага можат да бидат потврдени, неговиот син Сашо, додека ја вршел функцијата началник на тајната полицијата, не пријавил средства и имот, вклучително и недвижнини во вредност од околу 2 милиони американски долари и врски до многу градежни компании, во кои имале интереси неговите партнери, вклучително и браќата Спаравало, Дејан и Војислав“ се вели во извештајот „Транснационални Пипала“.

Западен Балкан често се прикажува како жариште на организиран криминал, регионот е транзитен коридор за недозволена трговија со дроги, оружје и луѓе, и страда од широко-распространет криминал и корупција, иако од глобална перспектива, сепак, Западен Балкан е релативно стабилен, покажуваат публикациите на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG