Достапни линкови

Кремљ официјално отфрли одговорност за состојбата на Навални


Архивска фотографија - Алексеј Навални во Федералниот суд во Москва во придружба на припадници на специјалната руска полиција

Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, изјави денеска дека не треба да се обвинува руската држава за состојбата на дисидентот Алексеј Навални, јави ДПА.

„Нема причина да се обвинува руската држава. Ние сме несомнено заинтересирани да ги утврдиме причините за тоа што се случило со берлинскиот пациент“, рече Песков.

Навални, кој ја откривал корупцијата на врвот на руската држава, беше примен во болница во Русија на 20 август. Два дена подоцна беше пренесен во Германија, каде што лекарите заклучија дека има „траги од труење“.

Западните влади размислуваат за координирана акција против Русија откако Германија рече дека тешко болниот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, е затруен со воен нервен агенс. Германската канцеларка Ангела Меркел вчера изјави дека Германија ги известила своите партнери во ЕУ и НАТО за ова прашање со цел да се донесе одлука за „соодветна, заедничка реакција“.

Песков денеска повтори дека Германија треба официјално да ги презентира своите откритија и информираше дека рускиот претседател Владимир Путин не планира да даде јавна изјава за ова прашање, пренесе ДПА.

„Досега не сме добиле никакви информации. Нема причина да се разговара за понатамошни санкции против Русија“, рече Песков.

XS
SM
MD
LG