Достапни линкови

Јовановска – Најлошото помина, невработеноста ќе се намалува


Најмногу отпуштени работници од производствената дејност
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:52 0:00

Најмногу отпуштени работници од производствената дејност

Мислам дека оној најстрашен и најлош период од ковид-кризата го надминавме и очекувам извесен период да имаме една стабилност и намалување на невработеноста, вели директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Јовановска, околу 12 илјади лица останале без работа од почетокот на пандемијата на коронавирус. Зошто се чекаше два месеци за објавување на бројките?

Од приливот на невработени лица, околу 12 илјади, односно 11734 лица дојдоа на евиденција, а за истите е регистриран престанок на работен однос, односно одјава од задолжително социјално осигурување во периодот после 11 март 2020 година, или од почетокот на ковид-кризата. Бројките ги објавивме на оние кои ги поставија прашањата, поединечно ги објавивме и за јуни и за јули, бидејќи предмет на интерес ни се овие лица кои во време на ковид-кризата останаа без работа, го изгубија своето работно место. Токму за нив се наменија и финансиски средства во делот на паричен надомест согласно уредбата.

Во кои сектори имало најмногу отпуштања и која е возраста и степенот на образование?

Според основот на престанок на работен однос, најголемиот процент на невработени лица коишто дојдоа на евиденција, имаа престанок на работен однос, беа поради истек на договорот за определено време, некаде околу 48 проценти. Спогодбениот престанок на работниот однос е втор по ред со околу 24 проценти, а потоа следуваа отказите од страна на работник и од страна на работодавач. Би сакала да искоментирам дека доколку тој договор би бил на неопределено работно време можеби работодавачите немало да ги отпуштат имајќи ги предвид низата мерки и пакети коишто ги донесе владата, но со самиот истек на определено време можеби само чекаа одреден период за да подоцна им го продолжат работниот однос. Оние лица коишто останаа без работа добија паричен надомест, дел од нив врз основа на Законот за вработување и осигурување, а дел од нив го добија врз основа на уредбата којашто ја донесе владата во време на пандемијата. Според претежната дејност, најголем дел од приливот на невработените лица се од производствената дејност. Во суштина, во делот на производствена дејност се и најголемите движења на пазарот на труд. Ако ги видиме и слободните работни места, токму во производствената дејност се најмногу огласени работни места, а ако ги видиме анализите во делот на активните мерки и политики според претежна дејност, во делот на производството имаме и најмногу апликации од страна на работодавачите за вработување со поддршка во делот на субвенционирање на плати, набавка на опрема, практикантството и слично.

Министерот за здравство Венко Филипче најави можност од есен повторно воведување на рестриктивни мерки. Дали тоа ќе влијае на повторно отпуштање на работници?

Можеби ќе има лица како и секогаш. На пазарот на труд имаме лица коишто доаѓаат на евиденција на невработени, но имаме и лица коишто се вработуваат во тој период. Понудата и побарувачката на пазарот на труд и во ковид-кризата беше во едно големо движење. Имавме денови кога побарувачката на работна сила, односно огласените слободни работни места достигнуваа и до 8000 слободни работни места на ден, некогаш беа 4000, просекот беше околу 6000 огласени слободни работни места. Движење верувам дека ќе има, но според мене ќе се стабилизира целата ситуација. Мислам дека оној најстрашен и најлош период, според мене, го надминавме и јас очекувам извесен период да имаме една стабилност и движење во една нагорна, односно позитивна линија во делот на пазарот на труд и во делот на вработувањата и намалување на невработеноста. Еве, во моментов, согласно сите протоколи, почнуваме со обуките за побарувани занимања, каде што ќе бидат вклучени над 500 лица. Имајќи предвид дека самите невработени лица во континуитет со нетрпение очекуваа и прашуваа кога ќе почнат со обуките, тоа ни дава за право да мислиме дека тие веќе се подготвени да се вклучат на пазарот на труд. Дел од нив се самовработуваат, односно преку тие занимања и занаети си регистрираат свои компании, дел веќе, кога ќе се стекнат со тие вештини и знаења, кога ќе го добијат сертификатот, полесно и побрзо се вработуваат кај друг работодавач.

Ковид-19 ја зголеми нееднаквоста

Во просек како што споменавте има по околу 6000 слободни работни места. Како според вас може да се надмине неусогласеноста на понудата и побарувачката на пазарот на труд?

Преку активните мерки и политики за вработување, Агенцијата се вклучува во делот на надминување на овој проблем и преку обуките за побарувани занимања и занаети, преку обуките за побарувани работни места кај познат работодавач, ИТ обуките... Исто така ги надминуваме со финансиската поддршка што ја даваме за работодавачите. Би сакала да кажам дека ќе се направат заеднички напори со Министерството за образование коешто е клучен фактор во креирање на идните генерации коишто треба да се вклопат на пазарот на труд во делот на занимањата, занаетите коишто ги побаруваат работодавачите. Тука мислам дека ќе се вложиме сите, и Агенцијата за вработување, Министерството за образование, Центарот за стручно образование, стопанските комори, работодавачите и дека ќе се изнајде решение коешто ќе биде и квалитетно и долгорочно.

Целото интервју со директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска можете да го погледнете на видео-снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG