Достапни линкови

Владата уште неформирана – секој со свои приоритети


Македонскиот парламент

Граѓаните на социјалните мрежи коментираат кои се нивните приоритети од новата влада. Некои бараат економски развој, други правна држава, а трети не веруваат во ништо.

Една одлука – две различни мислења на нашата ФБ страница. Флорин Бесими се откажа од пратеничкиот мандат, бидејќи неговиот брат Фатмир Бесими е предложен за министер за финансии во новата Влада. Потпишан со Лионис Лион постирал: „Тоа е за почит, нека видат сите пратеници и претставници на партии и носители на функции“. Но Младен Марковиќ, дали не сакајќи се збунил или намерно инсинуира, коментирал: „Па нормално, како министер има повеќе ʼМОЖНОСТИʻ за заработка!“

СДСМ со соопштение наведува дека приоритет на новата Влада ќе биде економскиот развој, но оние што ја следат веб страницата на РСЕ сметаат дека други работи треба да бидат приоритет. Марк Маркез смета дека „прва агенда е правосудството“, а Бошко Илиев цинично прашува: „Каков ли ќе биде тој развој со 1 милијарда долг за 3 месеци и уште колку ќе се потребни за вашиот економски развој, а најверојатно ќе биде како Еуростандард банка и државата“. Исад Кочан коментира со остар тон: „На прво место лоповлук, за друго не ги бива. 30 години на секоја влада лоповлукот им е приоритет“, а Сеад Абази очајно: „Каков развој, јадна нам мајка“.

Неделното интервју на РСЕ е со директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, која има оптимистичко гледање дека „најлошото помина, невработеноста ќе се намалува“. Вашите коментари, почитувани, се прилично песимистички. Драги Арабаџиев напишал: „Старите отидоа во пензија, а младите јабана и проблемот е решен“. Виктор Стојановски со следново предвидување: „Сега кога ќе се отворат границите за Германија и Италија, уште во првиот месец ќе се преполови невработеноста“. Митко Томов, пак, со иронија потврдува: „Токму така, 60-70 посто од младите и работоспособни луѓе отидоа по други држави да бараат вработување“. И Марјан А. размислува на истата линија: „Си отидоа, алоооо“.

Средношколците бараат комбиниран модел на настава пред почетокот на учебната година, ако не се прифати – ќе протестираат. Зоран Македонски Јаневски ставил линк до информацијата колкав е бројот на заболени од корона вирусот, а Ебрар Реџеп како да е против физичкото присуство на наставата, па коментирал: „Така треба, цела Македонија корона да бидеме, нека живее короната.“

Според негативните коментари и говорот на омраза по изјавата на првиот човек на СЗО дека корона пандемијата ќе исчезне по две години, се чини дека граѓаните се под влијание на негативните мислења за СЗО што се среќаваат на социјалните мрежи, често измешани со лажни вести. За Мухамер Хасани „никогаш нема да заврши нешто што е измислено и не постои“, Милко Стојановски прашува „како може човек кој не е медицински доктор да зборува за вирус и да води светска здравствена организација“. Благица Гаврилоска со совет до оние со негативни мислења: „Сите пандемии во историјата траеле по две години, прочитајте нешто или прогуглајте вие мрчатори пред да мрчите“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG