Достапни линкови

Лукашенко ѝ наредил на полицијата да им стави крај на протестите


Фотографија од протестот на работниците во една од фабриките во Минск кои денеска им се придружиле на останатите демонстранти

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, денеска изјави дека му наредил на Министерството за внатрешни работи да стави крај на немирите во Минск што избувнаа по претседателските избори, одржани на 9 август. Тој исто така им наредил на граничните власти да ја зголемат безбедноста на границите со цел да спречат влез на борци или оружје во земјата.

Според агенцијата „Белта“, Лукашенко исто така изјавил дека групата на медиумски работници кои преку штрајк им се приклучиле на протестите, не би требало да добијат дозвола да се вратат на работа, пренесе „Ројтерс“.

Во меѓувреме, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, денеска порача дека на претседателот на Белорусија му недостасува демократски легитимитет по изборната победа, која многумина во и надвор од земјата ја спорат поради местенки и нерегуларности.

„ЕУ има намера да го осуди и отфрли режимот на Лукашенко“, изјави Борел во Сантандер, пренесува „Ројтерс“.

Претходно, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека Русија е загрижена за обидите на странски играчи да ги искористат внатрешните немри со кои се соочува Белорусија со цел да ги наметнат своите правила на игра. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека нема потреба Русија да ѝ помага на Белорусија.

XS
SM
MD
LG