Достапни линкови

Либанските власти дадоа рок од четири дена да се утврди одговорност за експлозијата во Бејрут


Експлозија на пристаништето во Бејрут

Либанските власти му дадоа четири дена на истражниот одбор да ја утврди одговорноста за експлозијата во која беше разурнат дел од Бејрут, изјави денеска шефот на дипломатијата Шарбел Вебе за француското радио Еуропе1.

„Утринава е донесена одлука за формирање истражен одбор кој има максимум четири дена да поднесе детален извештај за одговорноста. Како, кој, што, каде. Ќе има судски одлуки, тоа е сериозно и ние тоа го сфаќаме сериозно“, рече либанскиот министер за надворешни работи.

„Одбор на судии ќе ги казни одговорните за ова ужасно злосторство од небрежност“, рече тој.

Владата вчера одреди куќен притвор за лицата одговорни за складирањето голема количина амониум нитрат во бејрутското пристаниште. Амониум нитратот се користи за производство на ѓубриво за земјоделството, но и за производство на експлозиви.

Во големите експлозии на Бејрут загинаа најмалку 137 луѓе, а 5000 се повредени, додека 300 илјади жители на градот останаа без кров над глава.

Според властите, катастрофата ја предизвикал пожар во магацин каде што се чувал амониум нитрат.

„Тоа е несреќен случај, прелиминарните извештаи укажуваат дека се работи за лошо управување со експлозивни производи. Тоа е многу голема небрежност која траела шест години“, изјави денеска еден од министрите.

Во Либан почна да пристигнува меѓународна помош од Франција, Египет и заливските земји. Францускиот претседател Емануел Макрон денеска треба да пристигне во Бејрут каде што ќе разговара со либанските претставници. Тој е првиот шеф на странска држава кој доаѓа во земјата по катастрофата.

XS
SM
MD
LG