Достапни линкови

Мијалков до Мицкоски: Состави Влада или понеси одговорност


Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, официјален профил на Фејсбук

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијаков го обвинува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за изборниот пораз и му порачува дека ако не успее да состави Влада тогаш ќе мора да поднесе одговорност затоа што му овозможил на СДСМ повторно да формира Влада. Мијалков во пост на официјалниот фејсбук профил директно му се обраќа на Мицкоски посочувајќи дека во изминативе три години направил многу грешки.

„Твоите грешки, за жал ги плаќа ВМРО ДПМНЕ , а тие резултираа со два изборни порази на Претседателските и Парламентарните избори, а ги загуби и Локалните избори во Охрид и во Ново Село. На сите овие избори, вклучително и на последните ти си тој што директно одработи за СДСМ. Доколку оставиме на Заев и СДСМ да бираат, ќе те изберат тебе за да уште десет пати по ред те згазат на избори а ти да ја бараш вината за поразите на друго место, а не во себе и луѓето со кои соработуваш“, напиша Мијалков

Неговиот коментар доаѓа откако Мицкоски денеска во во интервју за ТВ Сител, коментирајќи ги нападите од поранешни сопартијци и функционери, потенцира дека тоа се луѓе што му помагаат на Зоран Заев.

„Ова е последниот товар од кој се ослободува ВМРО-ДПМНЕ во овие 31 месец откако сум избран за претседател на партијата. Сега, сите тие заедно на купче остануваат да му бидат верен коалиционен партнер на Зоран Заев. Па, јас би му посакал со среќа нека му е со сите овие“, изјавил Мицкоски.

Мицкоски изјавил дека нивните обвинувања се темелат на многу лични навреди, на голема фрустрација.

„Бидејќи веќе ме прашавте, можам да кажам дека ова се луѓето кои што се најзаслужни што Зоран Заев веќе три години пустоши низ Македонија и ова се луѓето кои што практично ја доведоа партијата во состојба во која што во 2017 година ја преземав.Повторно истите овие луѓе сега се во улога да му помагаат на Зоран Заев во услови какви што се сега да формира владино мнозинство, одговорил Мицкоски.

Мијалков на тоа му реплицираше со прашања како успеал како „шпицен кандидат“ да освои 150 илјади гласови помалку од изборите во 2016 година. Тој додава дека доколку успее да формира Влада, тој прв ќе му честита.

„Доколку не успееш, тогаш ќе мора да понесеш одговорност затоа што му овозможи на СДСМ повторно да формира влада. Барањето на одговорност од тебе и твојот тим, не е напад на ВМРО ДПМНЕ. Обиди се да ја надминеш суетата. Не се поистоветувај со партијата. Не те личи. На ВМРО ДПМНЕ ќе му тргне тогаш кога ќе добие сериозно лидерство!“ напиша Мијаков.

Мијалков и Тодоров бараат промени во ВМРО-ДПМНЕ

Според податоците на Фејсбук страната, профилот на Мијалков е отворен на два дена пред одржувањето на изборите на 13 јули година, и дека Мијалков во биографијата напишал дека од 2015 до 2020 година се занимава со приватен бизнис. Како компанија која стои зад профилот е наведена Бест Веј инвестмент.

Ова е трет негов пост во последниве неколку дена, во кои се обраќа до партијата и бара промени во раководството.

XS
SM
MD
LG