Достапни линкови

Актерот и политичар Сергеј Трифуновиќ нападнат на протестите во Белград


Протест во Белград

Група демонстранти пред српскиот Парламент го нападнале лидерот на Движењето на слободни граѓани, Сергеј Трифуновиќ, пренесоа дел од медиумите кои известуваат од настанот.

Познатиот актер за порталот КРИК изјави дека го нападнале припадници на Левијатан.

Ова контроверзно здружение беше формирано како здружение за заштита на животните во Србија, но во последно време се претвори во ултрадесничарска организација на која животните ѝ се во втор план, а почесто се занимава со активистите, малцинствата и ЛГБТ заедницата.

На прашањето како бил повреден, Трифуновиќ рекол дека не знае, зашто го удирале од сите страни и дека бил удрен и „одозгора веројатно со тврд предмет“.

Повредата на главата, вели тој, ја санирал сам, без интервенција на службата за Итна помош.

„Ние дојдовме да го поддржиме протестот, но веќе стигнале... припадници на Левијатан кои застанаа во првите редови, сите во црно, сите на куп, „храбри“ како и секогаш кога се во толпа“, рече тој за КРИК.

„Тие се припадници на службите, но дали се тука со задача ова да не биде мирен протест, туку да биде сра** не знаеме. Но, можно е да се уфрлени токму затоа, да се уфрлени да фрлат дамка“, додава Трифуновиќ.

Двајца репортери на Н1 го виделе стампедото, но не можат да потврдат дека групата го бркала Трифуновиќ.

На протестот пред Парламентот била навредувана и тричлена екипа на Радио-Телевизија Србија

Еден од членовите на екипата за новинската агенција Бета изјави дека неколку момчиња им дофрлале погрдни зборови: „Одете си, каде бевте синоќа“.

На синоќешните насилни протести во Белград, против најавите на претседателот Александар Вучиќ за повторно воведување полициски час, поради зголемениот број заразени од коронавирус, група демонстранти упаднаа во српското Собрание. Полицијата употреби сила и солзавец да ги растера. Денеска има барање за истрага за полициска бруталност и прекумерно насилство.

Претседателот Вучиќ денеска изјави дека протестирале криминалци.

XS
SM
MD
LG