Достапни линкови

Протести во Белград - полицијата исфрли демонстранти од српското Собрание


Демонстранти денеска влегоа во српското Собрание, откако се собраа на протест против најавата на српскиот претседател Вучиќ дека ќе биде воведен полициски час во Белград за време на викендот.

Дел демонстранти, кои во центарот на Белград протестираат поради најавите на претседателот на Србија Александар Вучиќ дека овој викенд во главниот град повторно ќе биде воведен полициски час поради влошената епидемиолошка ситуација, влегоа вечерва во зградата на Собранието на Србија кратко време по 22 часот.

Полицијата успеа да ги исфрли, а демонстрантите сега се наоѓаат пред влезот на Собранието.

Неколку минути пред 23 часот, полицијата фрли солзавец кон демонстрантите, откако повторно се обидоа да влезат во зградата на српското Собрание.

Како што јавува репортерката на Радио Слободна Европа, полицијата ги потиснува демонстрантите од пред Собранието кон самата улица.

Протест во Белград 07.07.2020.
Протест во Белград 07.07.2020.

Групата се собра денеска попладне на раскрсницата на улицата Таковска, Кнез Милош и Булеварот „Kрал Александар“ во центарот на Белград каде го сопреа сообраќајот пред зградата на Народното собрание на Србија извикувајќи „Вучиќ крадец“, „Оставка“.

Собирот го обезбедува полиција, а се слуша и скандирање „Сакаме да работиме“ и „Апсете го Вучиќ.“

Српскиот министер за надворешни работи и лидер на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ, изјави дека неговата партија ги осудува инцидентите и насилниот упад во Народното собрание.

Вучиќ најави полициски час за викендот во Белград

Српскиот претседател Александар Вучиќ на денешна вонредна прес-конференција во 18 часот најави дека во Белград за време на викендот ќе биде воведен полициски час, највероватно од петок во 18 часот до пет часот наутро во понеделник, како и дека ќе биде забрането собирање на повеќе од пет лица во отворен и затворен простор.

Претседателот на Србија соопшти дека неговиот став е во тој период да се забрани движењето низ цела Србија, но дека за тоа ќе одлучи републичкиот Кризен штаб за сузбивање на Ковид -19.

Вучиќ рече дека најтешкиот бран на коронавирусот во Србија се очекува да биде околу 1 ноември и дека заради тоа Србија подготвила нови мерки.

Опозицискиот Сојуз за Србија (СЗС) за среда на 8 јули во 18 часот во Белград најави протест против полицискиот час.

XS
SM
MD
LG