Достапни линкови

Мицкоски - Македонија го живее вториот бран на коронавирусот


Архива - претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Поради лошото менаџирање и политичкиот притисок на еден човек, Македонија веќе го живее вториот бран на коронавирусот, а земјата најлошо се справува со кризата, изјави денеска на прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Тој рече дека СДСМ и нејзиниот претседател Зоран Заев треба да престанат да лицитираат со датуми за избори и да се грижат за здравјето на граѓаните, бидејќи земјата е со најголем број на починати и заразени луѓе во регионот.

„Се чувствувам непријатно да зборувам за датум за избори, кога се уште броиме загубени животи и по 30-40 новозаразени од коронавирус на дневно ниво“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека „ова не е страв од избори“, туку дека државата лошо менаџира со кризата, посочувајќи дека е разочаран од Комисијата за заразни болести.

„Од почетокот дадовме поддршка за Комисијата очекувајќи дека се водат по Хипократовата заклетва, но излезе дека се водат од потребите на Заев“, рече Мицкоски.

Тој побара Комисијата за заразни болести да биде разарешена и да се избере нова која нема да се води од политички, туку од здравствени интереси.

Мицкоски ги пофали граѓаните велејќи дека во најголем број ги почитувале владините мерки за заштита, покажале свесност и одговорност повеќе од политичарите кои сакале „да спечалат“ политички поени, како и полицајците кои работеле да го одржат редот и мирот жртвувајќи ги своите животи во борбата против Ковид – 19.

Мицкоски исто така изјави дека очекува претседателот на државата Стево Пендаровски по денешната седница на Советот за безбедност да ја продолжи вонредната состојба за нови 14 дека и дека смета оти тоа ќе биде направено согласно потребите на владејачката партија СДСМ во однос на одредување на датум за избори.

Тој на новинарско прашање рече дека би прифатил да присуствува на лидерска средба на која ќе се разговара за здравјето на граѓаните.

XS
SM
MD
LG