Достапни линкови

Вести

Тачи: За Рамазан Бајрам треба како во Турција, 4 дена карантин

Мендух Тачи, архивска фотографија
Мендух Тачи, архивска фотографија

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи, на денешната прес-конференција истакна дека Северна Македонија за празникот Рамазан Бајрам треба да го следи примерот на Турција, каде ќе има четири дена карантин и се препорачува празникот да се помине дома.

„Иако ние како земја не сме дел од високоразвиените земји имора да следиме како се однесуваат развиените западни земји. Од друга страна, како муслимани, ние мора да ги следиме и развиените земји кои имаат муслиманско мнозинство, во овој случај да ја земам Турција како пример. Особено ја следев позицијата на турската влада и нивните препораки за намалување на движењето за време на празникот. Мора да бидеме крајно внимателни, пандемијата не помина“, рече Тачи.

Тој истакна дека граѓаните треба даги послушаат препораките на здравствените експерти кога станува збор за претстојниот празник и да останат дома.

види ги сите денешни вести

Турција уапси Русин осомничен за експлозијата во Москва

Али Јерликаја, министер за внатрешни работи на Турција (фотоархива)
Али Јерликаја, министер за внатрешни работи на Турција (фотоархива)

Турската полиција уапсила Русин осомничен за нападот со автомобил-бомба во Москва кој се случи претходно во текот на денешниот ден (24 јули), соопшти министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја.

Во експлозијата беа ранети две лица од кои едното наводно е висок воен разузнавач.

Уапсениот маж, кого Јерликаја го идентификуваше како Евгениј Серебрјаков, е руски државјанин. Тој е осомничен дека извршил терористички чин со употреба на експлозивна направа на автомобил во Москва во кој беа ранети две лица, објави турскиот министер на платформата Икс.

Серебрјаков пристигнал во Турција со лет од Москва, а бил приведен од полицијата во турската провинција Мугла, додаде Јерликаја.

Објавата на министерот содржи и видео на кое се гледа како полицијата вади маж од бело возило и му става лисици.

Рускиот истражен комитет претходно соопшти дека во експлозијата се ранети сопственикот на возилото во кое експлодираше бомбата, „Тојота ленд крузер“, и еден сопатник.

Портпаролката на Министерството за внатрешни работи Ирина Волк, изјави дека експлозијата била предизвикана од „неидентификувана направа“ поставена во возилото.

„Прелиминарната истрага откри дека неидентификуван предмет поставен во возилото ја активирал експлозијата на паркингот“, рече Волк.

Како што додаде таа, во експлозијата се повредени две лица кои со возило на Брза помош се пренесени во болница.

Властите сè уште официјално не ги идентификувале повредените во експлозијата, велејќи дека е отворена кривична и форензичка истрага за инцидентот.

Весникот Комерсант наведува дека еден од ранетите служел во Главната управа на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација, позната како ГРУ.

Каналот Астра на Телеграм првично објави дека двете жртви се Андреј Торгашов (49), заменик-началникот на единицата 33790 – сателитски радио комуникациски центар на руската војска, и неговата сопруга, како и дека и двајцата се хоспитализирани.

Друг канал на Телеграм – 360, пак, подоцна ја цитираше сопругата на Торгашов, Маја, која вели дека ниту таа ниту нејзиниот сопруг не биле во автомобилот кога се случила експлозијата тврдејќи дека во возилото имало и други лица.

На каналот БАЗА на Телеграм, кој е поврзан со руските безбедносни служби, беше објавено дека една од двете жртви „најверојатно“ е офицер на руското воено разузнавање.

Во извештајот на весникот „Московски Комсомолец“ се вели дека истрагата покажала „можна вмешаност на украинските специјални служби и нивните агенти“.

Неколку руски воени функционери и јавни личности наклонети на Кремљ беа цел на бомбашки напади откако Москва ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година.

„Плоштадот на Европа“ во Москва преименуван во „Плоштад на Евроазија“

Плоштадот беше отворен во 2002 година, а во 2023 од него беа отстранети државните знамиња на европските земји.
Плоштадот беше отворен во 2002 година, а во 2023 од него беа отстранети државните знамиња на европските земји.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, денеска (24 јули) потпиша декрет за преименување на „Плоштадот на Европа“, кој се наоѓа во центарот на градот, во „Плоштад на Евроазија“.

Плоштадот беше отворен во 2002 година како дел од руско-белгискиот проект кој го симболизира европското единство.

Државните знамиња на 48 европски земји се вееја на плоштадот до март 2023, кога беа отстранети без никакво објаснување.

На плоштадот има и споменик на белгискиот скулптор Оливие Штребел, а во негова близина во 2006 година беше отворен и Европскиот трговски центар.

Засега не се знае дали и споменикот ќе биде отстранет.

Отворена е истрага за наводен заговор за убиство на лидерот на грузиската владејачка партија

Бидзина Иванишвили (фотоархива)
Бидзина Иванишвили (фотоархива)

Грузиската служба за државна безбедност започна истрага за наводен заговор за убиство на Бидзина Иванишвили, основачот и почесен претседател на владејачката партија Грузиски сон, како и за насилно соборување на Владата.

Во соопштение од 24 јули, Службата за државна безбедност наведува дека истрагата се занимава со „криминални активности“ кои наводно се поддржани од „поранешни високи функционери“.

Истрагата доаѓа во време на зголемени тензии во кавкаската земја поради неодамна усвоениот контроверзен Закон за „странски агенти“ кој е во спротивност со аспирациите на земјата за членство во Европската унија.

Критичарите на Законот тврдат дека тој е аналоген на законот што пред десет години беше донесен во Русија, како и дека претставува уште еден чекор кон подобрување на односите на Грузија со Москва.

„Целта на споменатите кривични дела [убиството на Иванишвили и соборувањето на владата] е насилно уривање на државната власт од страна на деструктивни сили, создавање неред и слабеење на власта“, велат од грузиската Служба.

Оттаму не именуваа ниту еден осомничен во случајот, иако локалните медиуми објавија дека најмалку шест лица се сослушани, од кои некои се бореле на страната на Украина во војната со руските сили.

Објавата за истрагата дојде еден ден откако Градскиот суд во Тбилиси го сослуша Гел Кахабришвили, кој се бореше на украинската страна против окупаторските руски вооружени сили.

На брифинг во Тбилиси, премиерот Иракли Кобахиџе обвини неодредени „глобални политички сили“ за заговор за убиство на Иванишвили, додавајќи дека „истите сили“ стојат зад обидите за атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп и словачкиот премиер Роберт Фицо.

Кобахиџе, кој исто така е член на Грузискиот сон, не даде никакви докази за своите тврдења.

Претседателот на парламентот, кој е уште еден член на Грузискиот сон, Шалва Папуашвили го потпиша законот за странски агенти на 4 јули.

Дваесет дена подоцна, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, изјави дека како одговор на носењето на ваков закон ЕУ ќе ги намали политичките контакти со Грузија и ќе размисли за замрзнување на финансиската помош за владата во Тбилиси.

Критичарите велат дека Грузискиот сон го вовел Законот за „странски агенти“ за да ја зајакне моќта на партијата во пресрет на изборите подоцна оваа година, кои се сметаат за клучни за евроатлантските аспирации на Грузија.

Законот бара граѓанското општество и медиумските организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странски извори да подлежат на надзор кој може да вклучи санкции за сè уште недефинирани кривични дела.

И САД и ЕУ го предупредија Грузискиот сон дека игнорирањето на критиките и насилното задушување на демонстрациите ќе има негативни последици.

Грузија доби статус на кандидат за членство во ЕУ минатиот декември, но допрва треба да ги започне вистинските пристапни преговори, кои би можеле да траат со години.

Повеќе затвори добија нови директори

Затвор „Скопје“, Шуто Оризари (фотоархива-
Затвор „Скопје“, Шуто Оризари (фотоархива-

Затворите во Северна Македонија добија нови директори кои беа именувани на денешната (24 јули) владина седница.

Меѓу нив, ново раководство има и една од најпознатите Казнено-поправни установи (КПУ) во земјава, затворот Скопје“, што се наоѓа во Општина Шуто Оризари.

„По констатираните неправилности од Управата за извршување на санкции во работењето на КПУ ’Затвор Скопје‘, разрешен е директорот на затворот, Филип Андов. На негово место назначен е Бобан Утковски за в.д. директор на КПД Затвор – Скопје“, соопштија од Владата.

Новиот директор Утковски е поранешен полициски генерал.

Затворите хиерархиски се под надлежност на Управата за извршување санкции (УИС) каде на 2 јули Владата за директор го назначи Александар Пандов, кадар на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Тој пред два дена на прес-конференција обвини дека затворот „Скопје“, познат во јавноста и како „Шутка“, личел на „хотел Промаја“ односно затвореници влегувале и излегувале неконтролирано. При вонреден надзор на 19 јули, тврдеше тој, било констатирано дека 11 осуденици не биле во своите ќелии.

Пандов кажа дека Андов како директор образложил оти отсутните лица биле ангажирани во т.н. возен парк и перална во затворот обвинувајќи дека овие затвореници намерно биле делегирани таму за да може да излегуваат и влегуваат кога ќе сакаат.

„Разговарав со полицајците и на мое прашање како е можно да има вакво однесување, полицајците ми одговорија дека тие немаат никаква заштита. Се случува да му се јават на директорот и да му речат ’Сокол (прекар на ексдиректорот Андов) ние ти дадовме пари, овие не смеат да ни се закануваат на нас‘“, обвини Пандов.

Андов, кој беше назначен за директор од претходната влада на СДСМ и ДУИ, во изјава за медиумите ги негираше обвинувањата од директорот на УИС.

Покрај затворот „Скопје“, по предлог на Пандов, Владата назначи директори и на повеќето затвори во државата. Според списокот што го објавија од владината прес-служба нови в.д. директори има на: Затворот „Штип“ (Дејанчо Здравков), затворот од отворен тип во Струга (Ардит Мустафаи), како и казнено-поправните домови во „Битола (Александар Јовковски), „Гевгелија“ (Слаѓана Стаменковска), Охрид (Климент Софковски), Струмица (Зоран Ристов) и др.

Кадровски решенија Владата донесе и за неколку други институции. Меѓу нив, за директор на Управата за имотно-правни работи е назначен Зоран Крстановски, а за в.д. директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ќе биде Илија Стоилев.

На Управниот одбор на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални патиштата, пак, му е препорачано да го разреши досегашниот директор Костадин Ацевски и на негово место да го извере Нуредин Фетаи.

Според соопштението, владин предлог за заменик во Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) е Назим Таипи. За директор на оваа институција претходно беше назначен ексградоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

Владата, исто така, ги разреши и претседателот и членовите на Управниот одбор на Фондот за иновации и технолошки развој и на нивно место именуваше седум нови лица.

ДКСК: Заменик-министер во техничката влада, иако не смеел, распоредил 189 вработени

Претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска (фотоархива).
Претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска (фотоархива).

Заменик-министер во техничката влада што ја предводеше Талат Џафери, донел 189 решенија за распоредување на вработени, иако тоа било спротивно на одредби од Законот за спречување корупција и судир на интереси и на Изборниот законик.

Ваква оценка донесе Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) чија претседателка Татјана Димитровска на денешната седница (24 јули) најави дека „ќе иницираат постапка до надлежен орган“ против поранешниот функционер.

За отворањето на овој предмет шефицата на Антикорупциска информираше и претходно кога одговараше на прашања од пратеници за време на седница на Комисијата за политички систем во Собранието на која се разгледуваше годишниот извештај за работата на ДКСК. Тогаш таа информираше и дека станува збор за предмет за поранешен заменик во Министерството за внатрешни работи. Во техничката влада, на оваа функција беше Назим Буши од ДУИ.

Во време на изборниот период, согласно Пржинскиот договор, со МВР раководеше кадар на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот министер за внатрешни работи Панче Тошковски. Од редовите на СДСМ, пак, имаше дополнителен заменик, Митко Бојмацалиев.

Меѓутоа, двајцата, согласно закон, ги напуштија функции откако ДИК ги објави конечните резултати, па со МВР остана да раководи Буши.

„На ден 31.5.2024 година, заменик министерот ја презема надлежноста за раководење со Министерството, се до избор на новата влада. На 23.6.2024 година, Собранието ја избира новата Влада. Во тој период – од 31 мај до 23 јуни, во Министерството од страна на заменик министерот донесени се вкупно 189 решенија – 98 решенија за хоризонтално распоредување, 68 за унапредување и 23 решенија за распоредување со кои на работниците им се намалува основната плата“, рече претседателката на ДКСК на денешната седница.

Ставот на антикорупционерите е дека во тој период со оглед дека не бил извршен изборот на новата Влада не можело да се прават распоредување односно дека не се почитувани забраните во Законот за спречување корупција и судир на интереси и Изборниот законик.

„Се констатира повреда на законските одредби и за констатираното прекршување на законските одредби ДКСК ќе постапи во рамките на своите законски надлежности, ќе донесе одлука од нејзина надлежност и ќе иницира постапка до надлежен орган“, рече Димитровска.

Предмети за Јанушев и за патувањето на синот на Мицкоски

Во одговори на новинарски прашања по седницата на ДКСК, таа уште еднаш потврди дека ќе го проверуваат и имотот на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.

РСЕ вчера пишуваше дека за него има пријава од Управата за финансиско разузнавање поради наводно непријавен имот. Исто така, антикорупционерите ќе го проверуваат и имотот во центарот на Скопје што Јанушев во анкетниот лист го впишал како подарок.

Членот на ДКСК, Зоран Богоевски, пак, на седницата денеска (24 јули) истакна дека Антикорупциска по сопствена иницијатива отворила предмет и за патувањето на синот на премиерот Христијан Мицкоски во САД заедно со државната делегација која патуваше на самитот на НАТО во Вашингтон.

„На 16 јули доставено е барање за обезбедување на потребната документација до генералниот секретар на Владата. Согласно доставницата барањето е примено на 23 јули од страна на генералниот секретар и очекуваме достава на документација по чие добивање ќе го разгледаме предметот и во најбрзо време ќе биде донесена одлука на седница на ДКСК“, рече Богоевски.

За патувањето на синот, премиерот Мицкоски во своите јавни настапи досега тврдеше дека не било покриено со државни пари туку од семејниот буџет.

Руски разузнавач наводно е ранет во експлозија во Москва

Оштетени автомобили во експлозијата во Москва, 24 јули 2024 г.
Оштетени автомобили во експлозијата во Москва, 24 јули 2024 г.

Две лица се ранети во експлозија на автомобил-бомба во Москва рано изутрината на 24 мај. Едно од лицата, како што беше соопштено, наводно е висок воен разузнавач.

Рускиот истражен комитет соопшти дека во експлозијата се ранети сопственикот на возилото „Тојота ленд крузер“ и еден сопатник.

Портпаролката на Министерството за внатрешни работи Ирина Волк, изјави дека експлозијата била предизвикана од „неидентификувана направа“ поставена во возилото.

„Прелиминарната истрага откри дека неидентификуван предмет поставен во возилото ја активирал експлозијата на паркингот“, рече Волк.

Како што додаде таа, во експлозијата се повредени две лица кои со возило на Брза помош се пренесени во болница.

Властите сè уште официјално не ги идентификувале повредените во експлозијата, велејќи дека е отворена кривична и форензичка истрага за инцидентот.

Весникот Комерсант наведува дека еден од ранетите служел во Главната управа на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација, позната како ГРУ.

Каналот Астра на Телеграм првично објави дека двете жртви се Андреј Торгашов (49), заменик-началникот на единицата 33790 – сателитски радио комуникациски центар на руската војска, и неговата сопруга, како и дека и двајцата се хоспитализирани.

Друг канал на Телеграм – 360, пак, подоцна ја цитираше сопругата на Торгашов, Маја, која вели дека ниту таа ниту нејзиниот сопруг не биле во автомобилот кога се случила експлозијата тврдејќи дека во возилото имало и други лица.

На каналот БАЗА на Телеграм, кој е поврзан со руските безбедносни служби, беше објавено дека една од двете жртви „најверојатно“ е офицер на руското воено разузнавање.

Во извештајот на весникот „Московски Комсомолец“ се вели дека истрагата покажала „можна вмешаност на украинските специјални служби и нивните агенти“.

Неколку руски воени функционери и јавни личности наклонети на Кремљ беа цел на бомбашки напади откако Москва ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Владата најави вработување на 600 приватни специјализанти

Протест на лекарите специјализанти во март 2024 г.
Протест на лекарите специјализанти во март 2024 г.

Владата на седница попладнето на 24 јули дала зелено светло за вработување на 600 нови приватни специјализанти за потребите на јавните здравствени установи.

Информацијата преку социјалните мрежи ја соопштија премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари.

Премиерот смета дека ова е шанса за младите доктори и ќе придонесе за „помалку метеж и поголема грижа за пациентите во болниците“.

Таравари, пак, посочи кога ќе се реализираат вработувањата.

„До крајот на годинава ќе се вработат 300, а идната година уште 300 приватни специјализанти. Со оваа одлука Министерството за финансии се задолжува до декември 2024 година да обезбеди дополнителни финансиски средства во износ од 38.000.000 денари за вработување на 300 приватни специјализанти“, вели Таравари.

По одлуката на Владата, Министерството за здравство дополнително ќе треба да ги утврди критериумите за вработување на приватните специјализанти.

Приватните специјализанти изминатиот период постојано бараа подобри услови за работи и повисоки примања.

Тие организираа неколку протести, а во април годинава стапија и вогенерален штрајк.

На државните клиники во Северна Македонија работат околу 400 приватни специјализанти за месечен надоместок од 26 000 денари, а едно од нивните барања беше негово покачување на 40 000 денари.

EK: Сериозна загриженост за независноста на судството во Северна Македонија

Седиште на ЕК (фотоархива)
Седиште на ЕК (фотоархива)

Сериозна загриженост за независноста на судството во Северна Македонија изразува Европската комисија (ЕК) во годишниот извештај за владеење на правото.

Овој извештај се објавува еднаш годишно за сите држави членки на Европската Унија (ЕУ), а оваа година за првпат во него се опфатени и земјите кои се наоѓаат во пристапен процес.

„Северна Македонија имаше неколку реформски бранови во правосудството и усвои нова стратегија во правосудството за да се подобри независноста, ефикасноста и професионалноста. Сепак, независноста на судството и институционалниот капацитет да се заштити од несоодветно влијание претставуваат сериозна загриженост. Нивото на утврдената независност на судството е многу ниско“, пишува во извештајот.

ЕК ја истакнува и загриженоста за независното функционирање на Судскиот совет. Исто така, нотира и дека одлуките за именување и судии и обвинители биле критикувани од граѓанското општество поради сомнежи дека не се засновани на објективни критериуми.

Од друга страна, пак, во извештајот се забележува дека Врховниот суд под водство на претседателката Беса Адеми и Судскиот совет презеле мерки за да ја подобрат транспарентноста.

Уште еден аспект на кој се осврнува ЕК во извештајот во однос на независноста на судството се парите.

„Ограничените финансии кои се доделуваат во судството може да влијаат на неговата финансиска автономија, а дефицитот на човечки ресурси може да влијае на квалитетот и ефикасноста на правдата“, нотира ЕК.

Останува високиот ризик од корупција

Европската комисија во извештајот забележува дека во Северна Македонија постои сеопфатна стратегија за борба против корупцијата, но заостанува нејзината имплементација.

„Големиот ризик од корупција останува распространет во многу области. Неодамнешните измени на Кривичниот законик ја ослабеа правната рамка, негативно влијаејќи на справувањето со корупцијата, особено во случаите на корупција на високо ниво. Ограничувањата на ресурсите и недостигот на соработка меѓу националните власти го попречуваат ефикасното справување со корупцијата и го попречуваат воспоставувањето на стабилна евиденција за случаи на корупција на високо ниво“, оценува ЕК во извештајот.

Во овој контекст се споменува Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за која се наведува дека „продолжува со напорите за исполнување на својот мандат и покрај ограничените ресурси“.

Забелешка Брисел дава и затоа што во земјава не е заживеано лобирањето.

„Законска рамка постои, има и регистар за лобисти, но сè уште нема регистрирани лобисти“, вели ЕК.

Загриженост поради државното рекламирање во медиумите

Еден дел од извештајот ЕК посветува и на состојбата во медиумите. Таму се нотира дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги исполнува своите задачи, но оти треба да се зајакне нејзината финансиска и институционална независност.

Загриженост има поради повторното враќање на можноста државата односно Владата да се рекламира во медиумите.

„Остануваат предизвиците во однос на транспарентноста на сопственоста на медиумите и загриженоста во врска со одредени елементи на повторното воведување на рекламирањето финансирано од државата“, се додава во извештајот.

За безбедноста на новинарите, пак, се забележува дека се „се зајакнати законските гаранции за заштита“, но сепак имало одредени закани и акти на насилство кон медиумските работници.

Политичка поларизација во Собранието

Исто така, во извештајот се прави осврт и на Собранието за што се нотира дека „политичката поларизација“ придонела да се доцни со работата, но и довела до прекумерна употреба на носење закони по скратени постапки.

„Канцеларијата на Народниот правобранител нема доволно ресурси, а остануваат и предизвиците за систематско следење на нејзините наоди и препораки“, пишува во извештајот.

Во извештајот се прави осврт и на граѓанското општество за кое се нотира дека невладините работа во „севкупно адекватна средина“, но има предизвици околу тоа да се обезбеди нивен одржлив ангажман во креирањето политики.

Годишниот извештај за владеењето на правото е резултат на близок дијалог со националните власти и засегнатите страни и ги опфаќа сите земји-членки ма ЕУ и четирите земји кои се во пристапен процес – Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија.

Извештајот претставува клучна референтна точка на ниво на ЕУ и на национално ниво.

Извештајот ги опфаќа случувањата во четири клучни области: правосудниот систем, антикорупциската рамка, слободата на медиумите и плурализмот и други институционални прашања поврзани со контролите и рамнотежата.

Извештајот за 2024 година претставува оценка за состојбата на владеењето на правото во земјите-членки, вклучително и следење на препораките дадени во 2023 година.

Кулеба: Москва не е подготвена за мировни разговори „со добра волја“

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба

Украина останува подготвена за разговори со Русија под услов Москва да докаже дека има „добра волја“ за преговори, но Киев допрва треба да види таква наклонетост од Кремљ, повтори министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба на 24 јули за време на разговорите со неговиот кинески колега Ванг Ји.

На покана на Ванг, Кулеба е во тридневна посета на Кина, негова прва по целосната инвазија на Русија во 2022 година, на која се водат разговори за можната улога на Кина во завршувањето на војната.

„Убеден сум дека праведниот мир во Украина е во стратешките интереси на Кина, а улогата на Кина како глобална сила за мир е важна“, рекол Кулеба, според соопштението на украинското Министерство за надворешни работи, во воведниот говор на средбата со Ванг во Гуангжу.

„Кулеба го презентираше конзистентниот став на Украина, а тоа е нејзината подготвеност да води преговори со руската страна во одредена фаза, кога Русија ќе биде подготвена да води преговори со „добра волја“, но нагласи дека моментално не е забележана таква подготвеност од руска страна“, се додава во соопштението.

Патувањето на Кулеба беше изненадување за некои аналитичари, со оглед на блиските односи на Пекинг со Москва и дипломатските маневрирања поради кои често кинеските дипломати се држат на дистанца од високите украински претставници.

Украина минатиот месец одржа меѓународен самит во Швајцарија, но без руски претставници, за да ја промовира својата визија за мир. На собирот домаќини беа делегации од 100 земји, а Вашингтон го претставуваше потпретседателката на САД, Камала Харис.

Кина, која не присуствуваше на швајцарскиот самит, објави посебен мировен план од шест точки со Бразил, кој бараше да се одржи посебна меѓународна мировна конференција на која ќе има претставници и од Киев и од Москва.

Кулеба, кој наводно рекол дека Украина „внимателно го проучила“ кинескиот план, исто така го информирал Ванг „за резултатите од мировниот самит во Швајцарија и ја објаснил логиката на понатамошни чекори во спроведувањето на мировната формула како начин за праведен крај на руската агресија“, се вели во соопштението.

Во објавата на Инстаграм пред посетата, Кулеба рече дека мора да се избегнат конкурентни мировни планови.

„Многу е важно Киев и Пекинг да спроведат директен дијалог и да разменуваат позиции“, напиша Кулеба.

Ванг, пак, му рекол на својот украински колега дека Пекинг верува дека сите конфликти треба да се решаваат „на преговарачка маса“, се додава во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи. Тој додаде дека неодамна и Украина и Русија испратиле сигнали дека се подготвени да преговараат „во различен степен“.

„Иако условите и времето сè уште не се зрели, ние ги поддржуваме сите напори кои придонесуваат за мир и сме подготвени да продолжиме да играме конструктивна улога во прекинот на огнот и продолжувањето на мировните преговори“, вели Ванг во изјавата.

Поканата на Кина до Кулеба дојде откако украинскиот претседател Володимир Зеленски го критикуваше Пекинг, велејќи дека напорите на Кина ги поткопуваат швајцарските мировни преговори со притисокот на некои земји да не присуствуваат, а други да не го потпишат последното заедничко соопштение.

Кина тврди дека нејзините односи со Русија се изградени врз основа на несојузништво и не се насочени кон трета страна.

И покрај изразувањето неутралност кон војната во Украина, Кина се појави како водечки меѓународен поддржувач на Кремљ преку снабдување на Русија со клучните компоненти за нејзиното производство на оружје и како витален потрошувач на нафта и гас што помогна да се зајакне руската економија.

Западните влади, исто така, ја обвинија Кина дека и дава клучна поддршка на Русија за време на војната, при што генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, неодамна истакна дека помошта на Пекинг за Москва ја направила „одлучувачки поттикнувач“ на војната.

Трендафилов: Несериозни се барањата за повторно отворање на законот за недела неработен ден

Слободан Трендафилов, претседател на ССМ
Слободан Трендафилов, претседател на ССМ

Сојузот на синдикати на Македонија најостро се спротиставува на барањето на Стопанската комора на Северна Македонија да се разгледува Законот за недела неработен ден.

Во изјава за МИА, претседателот на ССМ Слободан Трендафилов потсетува дека ССМ по пат на протести и штрајкови и преку социјален дијалог со Организација на работодавачи на Македонија и Владата го утврди правото недела да биде неработен ден за повеќе од 80 проценти од работниците, со право на додаток на плата за работниците кои работат во исклучоците каде што работниот процес не може да се прекине.

„Денес, работниците во Македонија се соочени со се поголем притисок за нивната егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати, како и барањата на газдите од Стопанската комора за кратење на работничките права, а особено кратење на неработните денови. Нагласуваме дека недела неработен ден врати малку од работничкото достоинство, а на претставниците од Стопанската комора им порачуваме дека со ваквите нивни ставови и ниските плати кои ги даваа на работниците предизвикаа егзодус на квалификуваните работници од Македонија. Истовремено, ги потсетуваме дека и сабота е неработен ден за работниците во Македонија поради тоа што во Македонија, по правило работната недела трае пет работни денови“, вели Трендафилов за МИА.

Од ССМ прашуваат во кое својство Стопанската комора се појавува со барања кога партнер на синдикатите во социјалниот дијалог е Организацијата на работодавачи на Македонија.

„Најостро се спротиставуваме на ваквите несериозни барања, а доколку продолжат со ваквиот однос кон работниците, за многу брзо време работници ќе нема, а газдите сами ќе треба да ги засукаат ракавите и да работат“, велат од ССМ.

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески вчера изјави дека би сакал да има средба со синдикатите на која ќе ги соочат аргументите за недела неработен ден.

„Мислам дека е време да седнеме и со нив да поразговараме. Ние за тоа имаме свои аргументи. Не ги криеме аргументите, ги изнесовме јасно. Тоа беше и на Уставен суд. Значи, ние зборуваме дека за секој закон од системски карактер по шест месеци или година дена, треба анализа која ќе покаже што треба да се корегира или сосема да се менува. Јас тврдам дека анализа за овие закони за кои зборувам не е направена, а тие директно „брцаат“ во џебот на бизнисот, наместо да ги регулираат односите меѓу нас“, изјави Азески на 23 јули.

Стопанската комора на Северна Македонија покрена и иницијатива пред Уставен суд за овој закон по што уставните судии одлучија недела да остане неработен ден за работниците.

Законот за недела неработен ден стапи на сила на 1 јануари 2022 година. Според него 92 отсто од работниците не требаше да работат во недела, а тие што работат во индустрии кои не може да бидат прекинати, добиваат повисоки дневници и дополнителен слободен ден.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG