Достапни линкови

ИВЗ: Со полициски час ќе изгубите доверба кај муслиманските верници


Објава на Реисот Сулејман Реџепи за предложениот полициски час за Рамазан Бајрам

Исламската верска заедница (ИВЗ) пред три дена ја информирала Владата и Комисијата за заразни болести дека нема да почитува евентуален полициски час за време на Рамазан Бајрам, нема да ги откаже молитвите и нема да ги затвори џамиите, но ќе се придржува до препораките за заштита - физичка дистанца и носење заштитни маски.

Ова денеска го потврди поглаварот на ИВЗ, Реисот Сулејман Реџепи, со објава на неговиот фејсбук профил, и додава дека „евентуален полициски час ќе значи губење на довербата во компетентните органи на сите верници од муслиманска вероисповед“.

„Ако се воведе полициски час за целиот викенд, тогаш вие, како компетентни органи, ќе ја загубите довербата кај сите верници од исламската вероисповед, имајќи предвид дека нашата земја се наоѓа пред одржување на парламентарни избори. Ние како верска институција постоиме за да им служиме на верниците и нема да носиме товар на грб за откажување на намазот на Фитер Бајрам во џамија. Ви гарантираме дека во текот на намазот, ќе ги почитуваме сите препораки кои се имплементират и при извршување на дневните намази за кои досега не сме добиле никаква забелешка од ваша страна“ напиша Реџепи на Фејсбук.

Поглаварот на ИВЗ додава дека верниците можат ова да го разберат како намерен потег.

„Воведувањето на полицискиот час како што се најавува ќе ги иритира верниците од исламската заедница, бидејќи цел месец по ред во ниту еден викенд не беше воведен полициски час, нешто што автоматски ова се подразбира дека оваа намерно се прави за да не се дозволи обавување на намазот на Фитер Бајрам кој се обавува еднаш годишно, и трае само 15 минути“, напиша Реџепи.

Објавата на Реџепи следува по предлогот на Комисијата за заразни болести за 58-часовен карантин за празниците Рамазан Бајрам и Свети Кирил и Методиј.

XS
SM
MD
LG