Достапни линкови

За што ќе се расправаат партиите по коронавирусот?


Илустрација- Гласање во вториот круг од претседателските избори 2019
Илустрација- Гласање во вториот круг од претседателските избори 2019

По завршувањето на епидемијата со коронавирусот во земјава ќе треба да се одржат парламентарни избори кои беа одложени поради болеста. Аналитичарите велат дека тешко е да се прогнозира кога точно би се одржале, но дека е извесно оти темите актуелни пред пандемијата нема да се вратат во полн ек.

Случајот „Рекет“ и евентуалната вмешаност на луѓе од власта во него, името Северна Македонија, датумот за преговори со Европската унија, влегувањето во НАТО, а сето ова подгреано поради ближењето на изборите беа главните теми во меѓусебните препукувања меѓу власта и опозицијата. Тоа беше така се до почетокот на пандемијата со коронавирусот. Сега овие теми или ги снема или, пак, се споменуваат на маргините, а по поминувањето на кризата веројатно и нема да се вратат во полн ек, како што беа претходно, прогнозираат дел аналитичари.


Коронавирусот и последиците од него, пред се врз економијата, ќе бидат главните теми по завршувањето на епидемијата, смета политичкиот аналитичар Алберт Муслиу. Опозицијата, смета тој ќе се обиде да врати теми како „Рекет“, но според него тоа „бледо“ ќе помине кај граѓаните.

„Економијата ќе биде една од главните теми и тоа како владата се справувала со тоа. Владата ќе укажува на добрите мерки, на превенирањето кое го правеле во време на епидемијата, а од друга страна опозицијата, ќе ги критикува мерките, ќе збори за евентуални корупциски скандали, ќе инсистира на нив. Мислам дека дебатата целосно е ќе се премести на короната и последиците од неа“, вели Муслиу.


Дека темата со економските мерки ќе остане на површина може да се претпостави од сега следејќи ги прес конференциите на опозицијата која секојдневно, неколкупати на ден ги критикува владините мерки како недоволни. И владата, а и владејачката партија СДСМ исто така секојдневно, но спротивно од опозицијата, зборува за економските мерки презентирајќи ги како успешни.

И Според Марко Трошановски од Институтот за демократија главна тема по коронавирусот ќе биде рецесијата што ќе следи и економските проблеми во сите сектори на стопанството. Меѓутоа, вели тој, на ниво на политичка дебата се можни два тренда. Едниот, според Трошановски, е по намалувањето на оваа стресна ситуација предизвикана од вирусот, партиите да продолжат со конзервативни, националистички и популистички теми кои полесно би поминувале кај истрауматизираното јавно мислење. Другата насока, вели тој, е општеството да ги редефинира приоритетите кои ги има во креирањето на политиките и тоа што значи јавен интерес за сите.

„Во која насока ќе тргне дебатата зависи од лидерството и државничката визија на политичарите кои ја водат земјата“, вели Трошановски.

Инаку со месеци во Македонија главното препукување беше за случајот „Рекет“ во кој обвинети се Бојан Јовановски и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева. ВМРО-ДПМНЕ секојдневно тврдеше дека главен, на како што го нарекуваше октоподот, е лидерот на СДСМ Зоран Заев. Власта пак велеше дека тоа што случајот е во судска процедура покажува дека правната држава функционира.

Другата тема беше новото име, Северна Македонија, па некои партиски функционери од ВМРО-ДПМНЕ спотовите ги завршуваа со пораката „никогаш Северна, само Македонија“, а други, пак, критикуваа дека и покрај промената на името земјава не е дел од НАТО и нема почнато преговори со Европската унија. Во меѓувреме, додека трае светската пандемија, Северна Македонија стана членка на НАТО, а ЕУ одобри почеток на преговорите за зачленување, но и ова падна во втор план во јавноста.

Сите овие препукувања беа подгреани и со закажаните избори за 12 април, кои се одложија поради коронавирусот. Засега не се знае кога тие ќе се одржат, иако првично се споменуваше јуни како нов термин. Според Муслиу, никој не може да прецизира кога точно ќе се одржат, поради непредвидливоста на епидемијата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG