Достапни линкови

Коронавирусот ја расипа забавата во НАТО


Брисел- прес конференција на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, 11.02.2020

Пред само неколку недели, се чинеше дека презентацијата на годишниот извештај на НАТО на 19 март ќе биде уште една можност за да се нагласат сите позитивни работи што се случуваат во воениот сојуз во моментот како на пример приемот на Северна Македонија. Но коронавирусот стапи на сцена. Бриселски блог на Рикард Јозвијак

Пред само неколку недели, се чинеше дека презентацијата на годишниот извештај на НАТО на 19 март ќе биде уште една можност за ПР за да се нагласат сите позитивни работи што се случуваат во воениот сојуз во моментот.

Но, како и секој друг лидер во светот, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, мораше да се соочи со прашања за пандемијата на коронавирусот и какво влијание ќе има врз иднината. И покрај обидот да остане оптимист, беше јасно дека дури и НАТО се соочува со многу неизвесности во следните недели и месеци.

Осврнувајќи се на изминатата година, НАТО навистина има неколку позитивни приказни за раскажување. За разлика од „родината“ од Брисел, Европската унија, Алијансата ќе прими нова членка, наместо да ги отфрла. Северна Македонија треба да стане 30-от сојузник до крајот на месецов. Во Авганистан, кој е долгогодишна главоболка на Алијансата, со американски план е постигнато примирје со талибанците, кое, иако кревко, отвора пат за намалување на бројот на војници.

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој еднаш за организацијата велеше дека е „застарена“, сега е почитувач, а Емануел Макрон, енергичниот француски претседател кој минатата есен предизвика потрес, велејќи дека НАТО е во мозочна смрт, изгледа дека ја сменил дијагнозата и беше исто толку радосен како и секој што присуствуваше на прославата на 70-годишнината од основањето НАТО, што се одржа во Лондон, во декември минатата година.

Столтенберг со задоволство ја претстави студијата спроведена од страна на НАТО, покажувајќи, меѓу другото, дека 81 отсто од луѓето во земјите членки на во Алијансата веруваат дека соработката меѓу Европа и Северна Америка во полето на безбедноста и сигурноста е важна и дека 64 отсто од нив би гласале да останат во НАТО ако има референдум, а само 9 отсто рекле дека би гласале да заминат од Алијансата.

Неодамнешниот бран на оптимизам им овозможи на многу земји да го зајакнат военото финансирање. Генералниот секретар гордо истакна дека 2019 година е петта последователна година на зголемено трошење во одбраната, при што девет сојузници ја достигнаа целта да трошат најмалку 2 отсто од Бруто-домашниот производ за одбрана, за разлика од само три членки што тоа го сториле во 2014 година. До крајот на 2020 година се предвидуваше дека европските сојузници и Канада ќе потрошат дополнителни 130 милијарди американски долари за одбрана од 2016 година. Тоа ќе биде „музика“ за Американците, кои со децении негодуваа што Европа не го носи својот дел од товарот.

Но, тука коронавирусот стапи на сцена. Столтенберг рече дека сојузниците со обврзале да потрошат 400 милијарди долари на одбрана до крајот на 2024 година. Но, призна дека со пандемискиот хаос во целиот свет „е јасно дека ќе има сериозни економски последици“, додавајќи: „барем на краток рок ќе има сериозни последици, не само за вкупната економија, туку и за владините буџети“.

Како поранешен премиер и министер за финансии, тој премногу добро знае дека тенденцијата е трошоците за одбрана да бидат едни од првите што се кратат кога економските изгледи се толку лоши како сега. Затоа, тој не звучеше толку смирувачки кога објави дека „способноста на НАТО да спроведува операции не е поткопана, нашите сили остануваат подготвени и нашата работа продолжува, вклучително и во нашите мултинационални борбени групи на истокот на нашата Алијанса, воздушните патроли на НАТО, нашите поморски распоредувања и нашите мисии од Авганистан до Косово“.

Тој додаде дека никој што работи за организацијата во овие две земји не е заразен со коронавирус. Но, како и секој што ги следи драматичните случувања во последните неколку недели, нормално е да се запрашаме колку долго ќе трае тоа. Знаците веќе кобат. Пролетните вежби „Бранител 2020“, кои требаше да бидат најголеми воени вежби во Европа во изминатите децении со учество на 20 илјади американски војници, се намалени како одговор на појавата на вирусот, при што неколку клучни делови беа целосно откажани. Со тоа што Европската унија пренасочува сè повеќе и повеќе пари за справување со пандемијата и за помош на погодената економија, една од жртвите може да биде воената мобилност во Европа.

Проектот, наречен „воен Шенген“, ќе го отвори патот за непречено пренесување на воена опрема и персонал преку европските граници. До неодамна беше посочуван како еден од најдобрите примери за подобрените врски меѓу НАТО и ЕУ. Наместо тоа, сега националните војски се користат во поголем број земји, не само да му помогнат на медицинскиот персонал да се справи со вирусот, туку и да ги заштитат границите. Во овие нови времиња, стариот воен сојуз може да најде непријатели таму каде што најмалку очекувал.

XS
SM
MD
LG