Достапни линкови

Северна Македонија на чекор до НАТО


Скопје- знамето на НАТО пред македонското собрание

Во вонредни услови поради коронавирусот шпанскиот сенат преку видео гласање го ратификуваше Пристапниот протокол за зачленување на Северна Македонија во НАТО. Шпанскиот крал Фелипе го потпиша ратификациониот инструмент, а во следните 72 часа ќе биде депониран во Стејт Департментот во Вашингтон.

Дваесет и една година откако Македонија стана кандидат за членство во НАТО, влегувањето на Северна Македонија е извесно- шпанскиот сенат, без гласови против денеска го ратификуваше Пристапниот протокол со кој земјава ќе стане дел од Алијансата. Шпанија е последната земја која се чекаше да го стори овој неопходен чекор за државава да биде членка на воениот сојуз.

Во Мадрид ситуацијата се одолжи поради внатрешно политичките проблеми при формирањето влада и повторените избори. Сега мнозинството во сенатот предводено од премиерот Педро Санчез, поради вонредната состојба предизвикана од коронавирусот, одлучи да го ратификува протоколот преку видеолинк, односно без директно присуство на сенатори во салата.

Последната информација која ја сподели министерот за надворешни работи Никола Димитров на социјалните мрежи е дека од амбасадарот добил информација оти кралот на Шпанија Фелипе VI веќе го потпишал Законот за ратификација на Пристапниот протокол за нашето членство во НАТО.

Претходно денеска Димитров заедно со шпанскиот амбасадор во земјава Лоренцо Сера во прес салата на Владата во Скопје го следеа гласањето за протоколот.

„Шпанија е последната, 29 земја членка на НАТО што го ратификувашенашиот пристапен протокол. Со тоа заврши процесот на ратификација кај сите сојузници. Шпанија сега ќе го депонира протоколот во Стејт департментот, како депозитар на Вашингтонскиот договор, Вашингтон ќе испрати информација до НАТО во Брисел и официјално од НАТО ќе бидеме поканети и ние да го доставиме законот за ратификација кој веќе беше ратификуван во Собранието“, рече Димитров.

На 11 февруари, ден пред распуштањето на Собранието поради предвремените парламентарни избори во земјава македонското собрание го донесе Законот за ратификација. До ова дојде за да се одбегне можноста во време кога Собранието е распуштено да нема кој да го ратификува протоколот во земјава откако процедурата ќе заврши и во Шпанија.

„Ми преставува големо задоволство усвојувањето од страна на Сенатот на Шпанија на Законот за ратификација на Протоколот за прием на РС Македонија како 30-та членка на НАТО. Шпанија и РС Македонија ќе станат и формално сојузници што веќе де факто и се, продлабочувајќи ги на тој начин пријателските билатерални односи штом неговото височество кралот на Шпанија ќе го потпише законот и инструментот за ратификација биде депониран во Вашингтон, што секако ќе се случи многу набргу„ рече на македонски јазик шпанскиот амбасадор Сера.

Патот до НАТО

Македонија ја почна соработката со Алијансата во 1993 година, кога Собранието ја усвои Резолуцијата за пристапување во НАТО. Во април 1999 година, пак и официјално стана земја кандидат за членство во Алијансата. Таканаречената јадранска група во која беа Македонија, Албанија и Хрватска беше поканета да се зачлени на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година. Двете други земји од групата тогаш и станаа членки, а Македонија не доби покани поради инсистирањето на Грција прво да се реши проблемот со името меѓу двете земји, а потоа да се даде поканата.

По ваквиот исход на самитот, кој се одржа пред 12 години и големото разочарување до кое дојде кај тогашниот политички врв во земјата, преговорите за името кои се водеа под покровителство на Обединетите нации и посредникот Метју Нимиц речиси беа во мирување или имаа слаб напредок.

На 17 јуни 2018 година македонската и грчката влада, тогаш предводени од премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас го потпишаа Договорот од Преспа со кој земјава стана Северна Македонија. Потоа се одржа и референдум на кој граѓаните се изјаснуваа на прашањето „дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција? “. На референдумот имаше мала излезност, а голем дел од тие што излегоа на 30 септември 2018 година беа „за“.

Собранието потоа со двотретинско мнозинство ги изгласа уставните измени со кои Македонија ја доби географската придавка. Грција, како знак на добра волја, во своето Собрание прва го ратификуваше протоколот за зачленување на Северна Македонија во НАТО.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG