Достапни линкови

ЕП за мешањето на Унгарија во медиуми во Македонија и Словенија


Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми

Македонската Управа за финансиска полиција уште пред една година отворила истрага за мешањето на Унгарија во медиуми во земјава, прашање кое е на денешната агенда на пленарна седница во Европскиот парламент, како што официјално е најавено на интернет страницата на ЕП. Финансиската полиција и натаму чека насоки за постапување од Јавното обвинителство.

Евро-пратениците денеска ќе бараат одговори од Европската комисија како да се осигура земјите членки на ЕУ да не се мешаат во демократските процеси на други земји.

Точката на дневен ред на денешната пленарна седница на Европскиот парламент е ставена откако претходно и словенечкото Национално биро за истраги отвори истрага по објавата на порталот „Нецензурирано“ дека медиуми во Словенија и Северна Македонија добивале пари од компании блиски на партијата Фидез на унгарскиот премиер Виктор Орбан за финансирање на медиумско-политичко-разузнавачки операции.

Истрагата за овој случај македонската Управа за финансиска полиција ја отворила уште пред една година, како што потврди за РСЕ директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми.

Тој вели дека откако истрагата била отворена пред една година во институтуцијата, тие се обратиле во Јавното обвинителство, од каде што и натаму очекуваат насоки за какво кривично дело да се постапува, вели Муареми.

„Побаравме насоки од Јавното обвинителство како да постапиме понатаму, чекаме од нив да се произнесат“, ни одговори Муареми во телефонски разговор.

Прашања за овој случај повеќе пати побаравме од Јавното обвинителство, но одговори од оваа институција не добивме до објавувањето на текстот.

Истрагата во Словенија е отворена во словенечкото Национално биро за истраги, како што пред еден месец потврди полицијата на Словенија.

Медиумите во Словенија објавија дека во земјата биле финансирани медиуми кои се смета дека се блиски на Словенечката демократска партија (СДС) на сега словенечкиот премиер Јанез Јанша.

Во текстовите на словенечкиот портал „Нецензурирано“ се вели дека компании блиски до Орбан дале најмалку четири милиони евра за финансирање на медиумско-политичко-разузнавачка операција во Словенија и Северна Македонија.

Порталот пишува дека од две унгарски и една англиска команија кои биле блиски на партијата Фидез, пари легнале на сметка на словенечка компанија, па од таму еден ипол милион евра биле искористени за финансирање на медиуми блиски на Јанша, а два ипол милиони евра биле дадени на четири медиуми во Северна Македонија, а според графиконот на порталот парите во земјава ги добиле Курир, Нетпрес, Алфа и Лидер.

Во врска со објавата, неодамна и пратеникот во Европскиот парламент и поранешен лидер на Алијансата на либералите и демократите за Европа Ги Верхофштад, на Твитер напиша дека унгарскиот премиер Виктор Орбан треба да престане да ги финансира силите кои се против Европската унија и НАТО во Северна Македонија и Словенија.

„Виктор Орбан финансира анти-ЕУ и анти-НАТО сили во Словенија и Северна Македонија. Крајно време е ова да престане“, напиша Верхофштад.

Новинарите на „Нецензурирано“ пишуваат дека за овие тврдења имаат документи, кои, меѓу другото, давале и делумен увид во ширењето на унгарското влијание на Балканот.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG