Достапни линкови

Изгласувањето на Законот за Јавно обвинителство неизвесно


Основно јавно обвинителство во Скопје
Основно јавно обвинителство во Скопје

Предлог-законот за јавно обвинителство влезе во собраниска процедура откако Владата го утврди текстот. Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ која ќе го поддржи законот наведе дека постигнале договор повеќе да не се покренуваат обвиненија од незаконски прислушуваните разговори.

Двотретинското мнозинство за Предлог-законот за јавно обвинителство е под знак прашалник бидејќи БЕСА и Алијансата за Албанците најавија дека нема да го поддржат неговото донесување. За двете партии спорен е членот 110 кој предвидува дека прислушуваните разговори повеќе нема да се користат за покренување на обвиненија, а отпаѓа и обвинението за Талир 1 и 2.

Пратеникот Сурија Рушити од Алијансата за Албанците дека нема да поддржат закон со кој, според партијата, се амнестираат криминалци.

„Во последниот предлог што се пушта во парламентарна процедура има драстични измени во членот 110 на законот каде што се зборува за целосна амнестија на што се инкриминирани или корумпирани“, рече Рушити.

Пратеникот на Беса Фадил Зендели истакна дека не биле консултирани за последната верзија на законот, со која ,според него, се прави амнестија на високи политичари кои биле фатени во криминал.

Предлог-законот влезе во собраниска процедура, а ленарната седница на која ќе се гласа за потребата од негово носење по скратена постапка е закажана за доцна попладне. Законот треба да биде усвоен најдоцна до среда на 12 февруари кога, согласно најавите, ќе се распушти Собранието поради распишување на предвремените парламентарни избори. Владата го утврди текстот, откако обезбеди двотретинско мнозинство за негово усвојување по повиците на меѓународната заедница дека со тоа ќе се испрати добра порака пред носењето на одлуката за отпочнување на преговори со ЕУ на самитот во Загреб во мај, годинава.

„Утврдениот Предлог-закон е усогласен во претходна постапка во Собранието и во него се вградени решенија што обезбедуваат функционирањето на принципот на владеењето на правото согласно европските вредности со прeдвидени услови за фер и еднаквост на страните во правосудната постапка“, соопштија од Владата.

Со законот се гарантира оти сите предмети кои беа во надлежност на СЈО се распоредуваат на јавните обвинителства на натамошно кривично гонење. Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ која најави дека ќе го поддржи законот наведе дека политичарите постигнале договор повеќе да не се покренуваат обвиненија врз основа на незаконски прислушуваните разговори.

„Обвинението за случаите Талир 1 и Талир 2 поднесени после законскиот рок се обвиненија во кои отпаѓаат незаконски прислушкуваните материјали, и со тоа ја исправаме неправдата, односно даваме фер шанса сега без незаконски прислушкуваните материјали да ја докажат невиноста и неаргументираноста за постоење на овие случаи. Предложивме уништување на незаконски прислушкуваните материјали, на прецизен начин, јасно опишано во овој закон“, се наведува во соопштението.

Предметот „Талир“ се однесува на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, како и на изградбата на седиштето на опозициската партија.

„Материјалите и транскриптите од материјалите од незаконски прислушуваните материјали за предметите покренати по 30 јуни 2017 година можат да се користат само како индиции и на нив не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог и истите не можат да бидат предложени и употребени како доказ во постапката по поднесениот обвинителен акт или обвинителен предлог“, се наведува во законот.

Пратеникот на ДУИ и претседател на собраниската комисија за европски прашања Артан Груби смета законот може да биде донесен до среда и очекува позитивно мислење за текстот да дадат и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

„Сите прашања кои беа спорни за ЕУ, за земјите членки во однос на овој закон се веќе решени. Значи случаевите веќе се пренесени во ЈО, прифатени се од судовите, дадени се на истите обвинители и доказите се пренесени од СЈО во ЈО.“, рече Груби.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека власта наметнува законски решенија кои се спротивни на интересите на македонските граѓани.

„Гласот на пратениците и граѓаните кои ги претставуваат е злоупотребен, правото и правдата се на распродажба, а се повторуваат сите оние немили сцени кога се купуваа, уценуваа и притискаа пратениците. Аболицираниот криминалец Зоран Заев заедно со неговата криминално рекетарска банда преку новото законско решение за законот за обвинителство се обидуваат по секоја цена да издејствуваат амнестија за криминалите кои тој и неговата банда ги сторија изминатите 3 години“, соопштија од опозициската партија.

Од СДСМ возвратија дека ВМРО-ДПМНЕ се плаши од законот.

„ВМРО ДПМНЕ знае дека носењето на Законот за Јавно обвинителство значи првна разрешница за сите судски случаи во кои обвинети се нивни поранешни функционери, а меѓу нив и Никола Груевски, менторот на Христијан Мицкоски. Вистината е дека во законот нема скриена амнестија, секој за кој постои обвинение ќе си одговара пред институциите и тоа ВМРО ДПМНЕ го знае и оттука е нивниот револт против ова законско решение“, велат од СДСМ.

Според СДСМ, кон содржината на Предлог-законот биле вградени и голем дел од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, за кои се изборила независната пратеничка група.

Новина во законот е и дека шефот на обвинителството за организиран криминал и корупција ќе се се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во државата. Паралелно, по скратена треба да се донесат и измени на Законот за Совет на јавни обвинители, поради ова решение.

Инаку, преговорите за Законот за јавно обвинителство стартуваа пред речиси две години, во март 2018 година првично поради неопходноста да се реши статусот на тогашното Специјално јавно обвинителство.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG