Достапни линкови

Законот за јавно обвинителство - тест за патриотизам


Архивска фотографија - Работна средба во Министерството за правда за Законот за јавно обвинителство со кој се решава статусот на СЈО. Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, еден од учесниците во работната група.

Еден месец фора има Собранието, пред да се распушти, да го донесе законот за јавно обвинителство, кој од ЕУ се посочува како приоритетен за добивање датум за преговори. Законот е заглавен во собраниските лавиринти, а за негово носење е потребно двотретинско мнозинство.

И власта и опозицијата велат дека може да се донесе нов Закон за јавно обвинителство, но никој не сака да гласа за верзијата на „другиот“.

Од Министерството за правда, кои го предлагаат законското решение и учествуваа во преговорите велат дека законот е пуштен во Собрание и дека би биле многу среќни доколку пратениците се надминат себе си.

„Пораката од еврокомесарот е јасна и ние очекуваме и сакаме пратениците да најдат сила и да гласаат мотивирани од европската иднина на државата, а не мотивирани од личните интереси на оние кои сакаат да избегаат од лицето на правдата. Ова прашање е тест за патриотизам. Нема сигнали за поместување на ставовите кај опозицијата“, стои во писмениот одговор на Министерство за правда.

Закон за јавно обвинителство може да се донесе уште утре, доколку власта ја прифати понудата од ВМРО-ДПМНЕ, односно предлог законот поднесен од ВМРО-ДПМНЕ, коментираат од партијата по изјавата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Тој при посетата на Скопје рече дека до самитот на Унијата во Загреб, приоритет треба да биде донесувањето на Законот за јавно обвинителство и изрази надеж него да го донесе овој парламентарен состав. Но овој пратеничкиот состав има мандат уште еден месец. Собранието треба да се распушти на 11 февруари, 60 дена пред изборите кои треба да се одржат на 12 април.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски во разговор за Радио Слободна Европа вели дека власта е одговорна за блокадата на законот, оти како што вели, таа сака да си го заштити својот криминал.

„Цела година помина откако власта освен лажна слика, не покажа реален сенс за договорот, иако ги прифати принципите по кои што требаше и беше договорено да се разговара за новиот закон за јавно обвинителство. Ако сакате уште повеќе, законот со кој Зоран Заев сакаше да ја устоличи Катица Јанева, иако траеше онаа истрага за Рекет. Разговорите на групите намерно се опструираа, а секако тука е изјавата на Рената Треневска Дескоска во име на Министерство за правда како предлагач, дека откако предметите на СЈО биле спасени со оној чуден потпис, она чудно писмо пратено од Јанева од затворот, до Јавното обвинителство, дека сега нема потреба од брзање за носење на законот. Апсолутно не гледам реален пристап од страна на власта за носење на еден закон од ваков тип“, вели Стоилковски.

Аналитичарот Џелал Незири очекува партиите да најдат заедничко решение и да направат сè да не се случи уште еднаш ЕУ да не и даде датум за почеток на преговори на земјава.

„Со тоа ќе ја останат и последната пречка за добивање датум. Гледам дека и во Албанија политичките партии кои не комуницираа подолго време, сега најдоа начин за реформи. Кај нас таа комуникација нe недостасуваше, партиите имаа понормална комуникација и соработка и за други закони, така што верувам дека овој пат, особено кога се има предвид дека сме пред предвремени парламентарни избори, партиите ќе изнајдат решение за да покажат дека се спремни да направат сè за земјата да напредува во евроинтеграциите“, вели Незири.

Еврокомесарот по средбата со премиерот Оливер Спасовски вчера во Скопје , рече дека во претстојните месеци Владата и другите институции треба да ги спроведат ЕУ реформите, а давањето приоритет на Закон за јавно обвинителство ќе биде многу важен знак за земјите членки на ЕУ. Премиерот Спасовски пак, рече дека во наредниот период очекува исчекори во реализација на стратешката цел, членството во ЕУ, при што државата направила сè што се очекувало од неа. Неговиот претходник, Зоран Заев на својот Фејсбук профил напиша дека членството во ЕУ останува главен мотив и дека за тоа нема алтернатива.

„Сѐ што зависи од нас ќе биде реализирано како и досега“, напиша Заев на Фејсбук.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак велат дека, власта прави сè, но за да не се постигне договор и да не се направи исчекор кон носење на закон одјавнообвинителската сфера.

„Ниту има иницијатива, преговорите, односно разговорите на работните групи се застанати некаде во почетокот на ноември минатата година, откако беше јасно дека ќе започне изборниот процес и покрај тоа што францускиот амбасадор неколкупати има повторено дека носењето на законот за јавно обвинителство и расчистувањето со криминалот и корупцијата во актуелната власт е важно за исчекор во европските интеграции“, рече Стоилковски.

Со Законот за Јавно обвинителство треба да се реши и статусот на Специјалното јавно обвинителство, кое по апсењето на шефицата Катица Јанева во случајот Рекет, е обезглавено, не функционира, а предметите се префрлени во Основното Јавно обвинителство.

На самитот на ЕУ во октомври Франција го услови проширувањето на Унијата со нова методологија. ЕУ документот треба да го објави до крајот на јануари, а тој е потребен да се одблокира процесот за почеток на преговорите со Скопје и Тирана. На самиот во октомври минатата година, Европскиот Совет заклучи дека ќе се наврати на прашањето за проширувањето пред Самитот ЕУ – Западен Балкан во Загреб во мај 2020 година. Во меѓувреме Законот за јавно обвинителство не беше официјален услов за давање датум за преговори, но често беше спомнуван и од политичарите на ЕУ, а неодамна и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи рече дека усвојувањето на законот ќе ги зголемишансите за отворање на преговори со ЕУ.

Францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние, во неколку наврати посочуваше дека реформите се важни, дека земјата мора да работи на борбата со корупцијата, а дека исто така се важни и изборите и усвојување на законот за обвинителство.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG