Достапни линкови

Пасоши со „Северна“ од септември, сегашните ќе важат до 2024-та


Канцеларија за издавање лични документи (пасош, лична карта, возачка) во Скопје.

Изработка на нови лични документи кои ќе бидат со името Република Северна Македонија ќе започне од септември 2020 година, велат од МВР. Во меѓувреме се издаваат лични документи со името „Република Македонија“, кои ќе мора да се сменат до почетокот на 2024.

Пасоши и други лични документи со новото име „Република Северна Македонија“, граѓаните ќе може да извадат дури од септември, ни одговорија од Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Согласно спроведената постапка за набавка и испорака на нови видови на обрасци за лични документи (патни исправи, лични карти, возачки дозволи, службен пасош, дипломатски пасош, пасош за странец, дозвола за привремен престој, дозвола за постојан престој), склучена е Рамковната спогодба на 05.12.2019 како и Договор за нарачка на 11.12.2019, помеѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Veridos GmBH Berlin – Германија за испорака на обрасци за лични документи. Со изработка на нови лични документи кои ќе бидат со името Република Северна Македонија ќе се започне од септември 2020 година“, стои во писмениот одговор од МВР.

За тие што мора да променат документи до септември, кога ќе почне издавањето на пасоши со новото име, ќе се издаваат лични документи со името „Република Македонија“. Но тие патни исправи ќе имаат важност до почетокот на 2024, наместо важност од 10 години, колку што е трајноста на пасошот. Новите пасоши и лични карти ќе бидат на трошок на граѓаните.

Според Договорот од Преспа за промена на името, предвидени се два преодни периоди (технички и политички) во кои ќе треба да се сменат постоечките документи. Техничкиот период опфаќа промена на сите официјални документи кои се издаваат во земјава, а се наменети за меѓународна употреба, но и за документите за внатрешна употреба кои може да се користат и надвор од државата. Рокот за ова е пет години од влегувањето на сила на Договорот, што значи пасошот со името „Република Македонија“ има важност уште четири години, оти Договорот стапи на сила во јануари минатата година. Тука спаѓаат и личните карти, кои може да се користат и за патување во некои од соседните земји, но и возачки дозволи, кои според склучените договори, имаат важност во некои европски земји каде се признаени.

Во меѓувреме тие што излегуваат од земјата, на граничните премини во своите пасоши добиваат печат дека „патната исправа и припаѓа на Република Северна Македонија“.

Политичкиот период се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Македонија и тој зависи од отворањето и затворањето на преговорите со ЕУ.

Претходно властите најавуваа дека издавањето на документи со новото име треба да почне до крајот на 2019, дополнувајќи дека станува збор за комплексна процедура, за која треба да се сменат законски и подзаконски акти.

МВР остана без обрасци за пасоши

Во меѓувреме има застој во издавањето пасоши. Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев вели дека е алармантна ситуацијата со издавањето патни исправи и дека дури за еден месец ќе има нова нарачка за патни исправи.

„Патни исправи тип Б веќе речиси и да нема. Патни исправи тип А на македонски јазик има до кај 10-ти февруари. Значи, веќе имаме редуцирано издавање, тоа е проблем што го наследив од порано. Резултат е на лошо и планирање и анализа на потребите на МВР од патни исправи. Наредната нарачка е после 15-ти март. Значи, имаме еден сериозен проблем од речиси од 30 дена“, рече технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев.

Тој вели дека има одреден застој и во однос на личните карти и возачките дозволи, но дека проблемот ќе биде надминат деновиве.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG