Достапни линкови

Паралелно отворање преговори и реформа на ЕУ - остварлив предлог


Македонско знаме и знамиња на ЕУ
Македонско знаме и знамиња на ЕУ

Италијанскиот амбасадор во Македонија Карло Ромео не очекува новата методологија за преговори со ЕУ да го усложни процесот на проширување со нови членки. Предлогот на Италија паралелно да течат процесот на отворање преговори со реформите внатре во Унијата, според експертите, е реално остварлив.

Во очекување на официјалното објавување на новата преговарачка методологија за проширување на Европската унија, италијанскиот амбасадор во Македонија Карло Ромео вели дека Италија веќе изработила нон-пејпер во кој ги вметнала своите идеи и забелешки во однос на процесот на проширување, кој како што вели, треба да биде поефективен, политички предвидлив и динамичен процес.

Во неделното интервју за нашето радио тој потврдува дека Италија ќе се залага процесот на реформи во Европската Унија да се одвива паралелно со процесот на отворање преговори со Северна Македонија и Албанија. Притоа истакнува дека новата методологија нема да го усложни евроатланскиот пат на Македонија.

„Идејата е сосема спротивното. Не да го комплицираме процесот, туку да имаме поефективен, политички предвидлив, динамичен процес. Нашиот пристап, сугестии и идеи се потпираат врз еден услов. Секако дека прифаќаме дијалог, ќе учествуваме во преговорите, но ние не сакаме оваа дебата за новиот механизам да се претвори во нов услов, а особено сметаме дека тоа не треба повторно да го одложи отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија. Ја очекуваме анализата на предлогот од Европската комисија кој ќе се објави во почетокот на февруари, следната недела. Ние остануваме во истиот дух, отворен дијалог и конструктивен пристап“, изјави амбасадорот Ромео во неделното интервју за Слободна Европа.

Што ќе донесе новата методологија за проширување на Унијата ќе знаеме за неколку дена. Ревидираната методологија за пристапните преговори е своевиден одговор на барањата на францускиот претседател Емануел Макрон кој побара темелна реформа на преговарачкиот процес како услов за одобрување на почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија, откако двете земји не добија зелено светло на европскиот самит во октомври лани. Она што засега е познато во јавноста е дека Франција предложи замена на досегашните 35 поглавја со 7 фази во кои поглавјата ќе бидат поинаку групирани.

Иако објавувањето на методологијата беше предвидено за крајот на овој месец, според последните најави, тоа е одложено за 5-ти февруари. Ова, според упатените, е знак дека веројатно постојат одредени несогласувања помеѓу земјите членки. Од Институтот за европска политика пак, очекуваат новата методологија да предизвика одредено усложнување на процесот за земјите аспиранти за членство.

„За нас како земја кандидат за членство, која веќе неколку години чека почеток на преговори, секоја промена значи нови прилагодувања и усложнувања на нашиот пат за отворање на преговорите. Меѓутоа, тоа не значи дека ние би требало да забавиме во реформските процеси, бидејќи само на тој начин ќе го забавиме нашиот евроинтегративен пат“, вели Ардита Абази Имери од Институтот за европска политика.

Амбасадорот Ромео вели дека претстојниот Совет на министрите на ЕУ во март е моментот кога, како што вели, треба да се поправи историската грешка од октомврискиот самит лани, кога Македонија не доби датум за почеток на преговори со Унијата. Тој потврди дека Италија ќе инсистира процесот на отворање преговори на Северна Македонија и Албанија да се овдива паралелно со процесот на реформи во Европската Унија.

„Политиката за проширување е сѐ уште фундаментална и суштинска политика на ЕУ. Се согласивме дека ЕУ треба да е поподготвена за нови проширувања. Како и да е, мислиме дека новата методологија може да се одвива паралелно со реформите на ЕУ. Значи може да се одвива паралелно со процесот на отворањето преговори, што по природа е долг, технички процес и се базира врз мерит-системот за секоја потенцијална членка посебно“, вели Ромео во интервјуто за РСЕ.

Во однос на предлогот на Италија преговорите да се одвиваат паралелно со реформите во ЕУ, Абази Имери вели:

„Согласно нашите сознанија скоро сите земји членки се за тоа и ќе се изборат овие два процеса да течат паралелно. Значи, отворање на пристапните преговори со новата методологија и реформа на ЕУ, затоа што и двата процеса ќе траат подолго време. Значи, апсолутно е возможно тие два процеса да течат паралелно, по усвојување на новата методологија“, изјави Абази Имери.

Во меѓувреме, останува отворено прашањето за Законот за јавно обвинителство. По дводневната јавна расправа за законот, сега се на ред политичките партии да се обидат да најдат решение. Власта очекува тој да биде донесен, опозицијата вели дека е можен договор, ако во текстот се вметнат и забелешките на експертите. Ако партиите се договорат, предлогот ќе биде ставен на собраниска седница. Претставниците на Меѓународната заедница пак, велат дека законот не е нов услов за отворање преговори со Унијата, но сепак истакнуваат дека неговото донесување ќе биде добра порака и сигнал за земјите членки да се согласат преговорите да започнат.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар неодамна порача дека идните заеднички односи меѓу Европската унија и Северна Македонија ќе се базираат врз три столбови, поставени од Унијата и три приоритети кои земјата треба да ги заврши како обврски. Според него, првиот столб на ЕУ се однесува на новата методологија на преговорите за членство, вториот е во врска со одлуката за почеток на преговори на која од лидерите на ЕУ се очекува да се осврнат пред загрепскиот Самит во мај, и третиот е самиот Самит во Загреб, кој ќе се фокусира врз економски развој и закрепнување на регионот.

Пред неколку дена германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека во март ќе притиска Северна Македонија и Албанија да ги почнат пристапните преговори со ЕУ. По состанокот со албанскиот премиер Еди Рама во Берлин, Меркел рече дека тие пред се сакаат да постигнат договор на следниот Европски совет во март за почеток на преговори со Албанија и Македонија.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, по средбата со македонскиот претседател Стево Пендаровски во Скопје минатата недела, рече дека на 26 март Европскиот совет ќе има тешки разговори за проширувањето. И еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји пак, при неодамнешната посета на Скопје изрази надеж дека ќе биде донесена позитивна одлука пред самитот на Унијата во Загреб, но додаде и дека до тогаш приоритет треба да биде донесувањето на Законот за јавно обвинителство.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG